Од денеска ако ве застане полиција додека управувате моторно возило, а имате возачка дозвола со име Република Македонија, ќе заработите казна во согласност со законските прописи бидејќи тие возачки дозволи веќе не важат, а со автомобил без опасност од казна ќе управуваат оние што имале доволно среќа да добијат возачка дозвола со новото име, Република Северна Македонија, во согласност со Договорот од Преспа.
Оваа информација за граѓаните беше капката што ја прелеа чашата, бидејќи никогаш и никаде во историјата не е видено една држава до тој степен да го понижи сопствениот народ, на кој, не по негова вина, од глава и од џеб му се удри Преспанскиот договор.
Ако го вратиме времето назад и се присетиме на сите „добронамерни“ изјави од функционерите и лидерите на државата, дека нема потреба од паника и дека документите во земјава ќе важат, станува јасно дека сето тоа било лага и мудро премолчено, само колку да не си направат антикампања со форсирањето на „северна“ во документите уште од првиот ден. Во училиште нѐ учеа дека кој лаже, тој и краде. Но колку некој и да сакал да скрие и да добие дополнителни пари продавајќи им на граѓаните стари обрасци, дојде денот кога сепак сите во оваа држава многу добро ги знаат виновниците, колку тие и да се кријат зад некакви европски фронтови и да зборуваат за европски вредности. На крајот, сепак стана јасно она што обичниот народ го знаеше, а политичарите го криеја, дека цехот за брзоплето потпишаната Преспанска спогодба на крајот ќе го платат обичните граѓани. Не се само името, јазикот, припадноста, државјанството, туку и личните карти, пасошите, возачките, до таму дојде…
Не постојат зборови да се опише колку е голема иронијата во сето ова. Зарем возачката дозвола хиерархиски е побитен документ од личната карта, па на неа ќе ѝ престанела важноста, а на личната карта, каде што стои единствениот матичен број на граѓанинот, кој е единствен документ за лична идентификација – не?
Уште еднаш се покажува дека Преспанскиот договор е погазување на она семакедонското, на достоинството на народот. Во земјата што со гордост ја нарекуваме татковина, каде што децата секој понеделник ја пеат националната химна, самата држава го погази основното човеково право, правото на слободно движење.
Народот изминатиот период претрпе секакви ултиматуми, уцени, разно-разни барања, кои требаше да си ги плати самостојно од домашниот буџет, и никој не се ни понуди да ја олесни процедурата, напротив, граѓаните беа третирани како најдолно нешто, малтретирајќи се на зимските студови, чекајќи во редици за да извадат нови документи, само затоа што некој пред пет години ги лажеше дека документите ќе важат до нивното истекување.
Е да, сега веќе ги нема редиците, но никакво фајде од тоа. Со часови граѓаните слушаат музика на дежурната линија на МВР за закажување термини за вадење лични документи, за на крајот повторно да не добијат термин. Во последно време дури не може да се дојде ниту до фазата „слушање музика“ бидејќи не може ниту да се воспостави повик.
Народот е веќе уморен од ваквиот однос на државата…
Дури и уморен е преблаг збор за ова што ни се случува. Ние сме заробеници во сопствената држава, ограничено ни е правото на слободно движење! Па, како родителите да ги носат децата на училиште, на разни курсеви и случувања? Како децата да ги носат старите и изнемоштени родители на лекари? Како професионалните возачи да си го извадат лебот?
Најголемата штета е токму на грбот на народот. Изгубивме буквално сѐ. Име, идентитет, држава… единствено нешто што ни остана е достоинството, кое почнавме да го губиме резилејќи се по шалтерите да извадиме нови документи, стоејќи со часови, ѕвонејќи деноноќно да закажеме термин за промена на документи затоа што некому му се ќефна да го менува името на државата, наспроти противењето на народот. Ама тој некој носел „тешки одлуки“, народот не го разбирал тоа. Лесно е да носиш такви „тешки“ одлуки, дај сѐ на тацна, народот е тој што ќе си ја чука главата подоцна.
Ова е најголемата катастрофа што некогаш ја доживеал овој напатен народ. Ова е најголемиот срам за државата, која, наместо да го заштити народот и да му излезе во пресрет, уште најавува репресивни мерки поради нејзината неспособност.
Со месеци експертите предупредуваа, нагласуваа дека ќе биде хаос, но, надлежните си спиеја мирно и одговорно тврдеа дека нема да има никакви проблеми. Документите ќе важеле.
Значи уште тогаш во очи нѐ гледаа и лажеа!
Зошто никој никогаш не ни кажа дека и до возачките дозволи дојде работата? Па сите спиеја на тоа уво дека возачките не се спорни, а сега како гром од ведро небо државата ти кажува дека ќе те казнува во согласност со закон што народот не го бараше!
Во оваа држава изгледа власта е научена да удира по грбот на народот. Удри, толку издржале, ќе издржат уште малку!
Се удира по народот што ги донел на власт и ги седнал на тие фотелји. Нели законите постојат за да воведат ред во државата, нели законите се над сите, нели политичарите треба да бидат сервис на граѓаните?
Ако е така во правна смисла, зошто тогаш овие закони создадоа хаос што ниту чудо нема да го оправи? Затоа што нив ги возат со службени возила, не им требаат возачки, а во странство патуваат со дипломатски пасоши. И тоа вишокот обрасци со „северна“ што ги имаше им ги поделија на луѓе со криминално досие.
Со право горат социјалните мрежи, реакции пристигнуваат од сите страни. Таму низ призмата на хуморот народот од мака се обидува да се насмее на своја сметка.
Еден досетлив граѓанин пишува „личните карти со старото име ќе важат, затоа што во април/мај ќе треба да им гласаме на избори, а банкнотите со старото име на државата исто така ќе важат затоа што треба да им ги плаќаме даноците“.
Така е, дочекавме да бидеме затвореници во сопствената држава, без право на сопствено мислење, без право да се слушне гласот на народот кога крикнува против лошите политики што ја ставаат државата во вазалска позиција. Впрочем, што е ова ако не вазалство, кога други држави диктираат до кога ќе ни важат документите? Истрпел овој народ многу неправди, ќе ја истрпи и оваа, ама никогаш нема да заборави кој му го одзел она најважното, достоинството. Него вечно ќе го памти, за никогаш повеќе да не му се повтори.