Сите институционални пропусти се на штета на граѓаните

Почна целосната примена на фамозниот член 10 од Преспанската спогодба, со кој од денеска веќе не важат документите на кои стои старото име на државата „Република Македонија“ бидејќи „техничкиот“ преоден рок помина и Грција сега инсистира на доследно почитување на договореното во Нивици.
Нервозата дополнително се зголеми по најавите дека МВР од денеска ќе ги казнува сите оние чија возачка дозвола нема да го има новото име на државата, со образложение дека се создава проблем со осигурителните компании во случај на сообраќајна незгода.
Нема да можат да се користат ниту патните исправи на кои стои старото име, па речиси милион граѓани ќе останат затворени во сопствената земја без можност да патуваат надвор.
Претходниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека личните карти ќе продолжат да важат и по 12 февруари, но тоа отвора многу други правни дилеми, дали банките ќе ги прифаќаат при евентуално склучување кредити со граѓаните или при обновување на податоците со документ што те се признава, те не се признава. Дополнителна дилема се јавува и дали личните карти ќе важат и за изборите бидејќи некој може и ова да го оспори и да ги прогласи за неважечки сите гласови дадени од лица легитимирани со стара лична карта.
Граѓаните бурно реагираат до нашата редакција, до другите медиуми, на социјалните мрежи, дел поставувајќи многу логични паралели околу важноста, односно неважноста на документите, дел со иронични забелешки и коментари.
– Ако нѐ фатат без возачка од Северна, дали ќе може казната да ја платиме со пари на кои пишува Република Македонија. Парите со старото име уште ли ќе важат тогаш – прашуваат граѓаните, за кои логично би било ако еден документ без „северна“ не важи, зошто другите би важеле.
– Дали сите кредити заверени на нотар на кои не им пишува Северна Македонија од вторник нема да важат – иронизира друг.
– Сите бракови на кои на венчаниците не им пишува Северна Македонија, од полноќ на 12.02.2024 нема да важат – се шегува трет.
Се огласи и адвокатот Јанаки Митровски, кој често од правна перспектива ги толкува случувањата во земјава.

– Ако немало Северна не важела возачката. Поголем нон сенс нема. Возачката е доказ дека сум положил возачки испит и поседувам валидна документација. И нормално да е со важечки рок, односно да не е истечена. Република Марс нека пишува – важечка е, бидејќи суштината е дека е доказ дека сум оспособен да управувам со возило од категоријата што ја пишува на возачката. Никаков регрес нема да плаќам ниту сметам дека судовите би зазеле таков став. Членот 2 став 1 точка 109 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата си е кристално јасен и вели „Возачка дозвола е јавна исправа што ја издава надлежен орган, со која се докажува правото на управување со одредени категории на возила“ – појаснува Митровски.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, завчера ги повика парламентарните партии да направат законски измени за да може возачките дозволи со старото уставно име да важат и понатаму во сообраќајниот промет во Македонија. Вчера и политичките партии се тркаа која попрво до Собранието ќе поднесе предлози за законски измени, за да се овозможи возачките дозволи да продолжат да важат уште извесен период.
Несомнено вината за сиот овој галиматијас што се направи со ненавремената промена на документите на граѓаните лежи исклучиво кај надлежните институции, кои со години знаеја дека ќе се случи ова, а не преземаа ништо навремено за да ги превенираат состојбите. Сега се потврдуваат и предупредувањата на дел од домашните експерти, политичари, академици, универзитетски професори, интелектуалци, кои своевремено апелираа преговорите со Грција да ги води стручен и искусен тим, кој ќе можеше точно да ги предвиди проблематичните делови и да спречи вакви апсурдни ситуации, милион граѓани да останат заробеници во сопствената држава.

– Преговорите со Грција мораше да ги водат стручни луѓе. Од грчка страна беа ангажирани експерти од разни фели, кај нас целата работа ја менаџираа два-тројца луѓе, па сега гледаме што се случува. Значи македонската страна мораше да инсистира сите промени на документите да бидат врзани со отворањето на преговарачките поглавја, наместо да се фиксира некаков рок од пет години. Ако овдешните процеси беа поврзани со отворањето на преговарачките поглавја, тогаш и Грција ќе имаше поголем интерес да притиска во Брисел за отворање на пристапните преговори со Македонија. Можеби и Македонија требаше да стави рок, Грција за пет години од потпишувањето на Преспанската спогодба да ги ратификува трите меморандуми, да го отвори граничниот премин Маркова Нога и да ги смени патоказите со старото име – посочуваат дипломатите со кои разговаравме околу хаосот што настана во земјава поради роковите поставени во Спогодбата од Нивици.