Форца Македонија

Уште на почетокот, искрени и најголеми честитки до сите играчи, до селекторот, стручниот штаб, навивачите и целата македонска експедиција. Сите вие сте македонски херои. И многу повеќе од тоа. Зашто успеавте во нешто што за многумина изгледаше незамисливо. Успеавте да се издигнете кога веројатно многумина ве отпишаа. И да нѐ направите горди Македонци

Нека ми простат колегите од спортска рубрика што ќе им се замешам во секторот, но овој пат едноставно не можам да му одолеам на предизвикот. За сѐ има исклучок, нели. Затоа и си земам за слобода да пишувам за спортот и фудбалот. Особено во еден специфичен момент, кога токму фудбалот на најдобар можен начин ни покажа и нам и на светот кои сме, од каде сме и што можеме да направиме. Ни покажа и докажа и нам и на светот дека не сме слаби и понизни Македончиња, кои веднат глава пред Европа и туѓата надмоќ, туку цврсти, непоколебливи и горди Македонци, кои знаат што сакаат и можат да фрлат на колена секого. Имал македонскиот спорт свои блескави моменти во минатото и во други спортски дисциплини. Во ракометот и шахот на пример, каде што сме биле и неколкукратни европски клупски прваци, во машка и женска конкуренција. Или други поединечни успеси и дострели и освоени медали на олимписки игри итн. Но синоќешната претстава на македонската фудбалска репрезентација во Палермо и елиминацијата на Италија, која е четирикратен светски фудбалски првак и актуелен европски првак, навистина е момент за паметење и величествен успех на македонскиот фудбал и на државата воопшто.

Затоа, уште на почетокот, искрени и најголеми честитки до сите играчи, до селекторот, стручниот штаб, навивачите и целата македонска експедиција. Сите вие сте македонски херои. И многу повеќе од тоа. Зашто успеавте во нешто што за многумина изгледаше незамисливо. Успеавте да се издигнете кога веројатно многумина ве отпишаа. И да нѐ направите горди Македонци. Докажавте дека сложно и заедно можеме да бидеме победници. Против секого. Дека нема непремостливи пречки и нерешливи енигми. Дека и најголемите и најсилните се ранливи. Дека треба тактика, трпение, издржливост, упорност и на крајот сѐ ќе си дојде на своето место. Некои велат Македонија направила чудо. Не би се согласил со ваквата констатација. Победата над Италија не беше никакво светско чудо. Ја победивме ние и Германија, исто така повеќекратен светски првак, исто така на нејзин терен.
За чудо, по дефиниција, се смета нешто што е ретка, необјаснива митолошка појава, нешто што е во спротивност со природната законитост или, пак, последица на натприродни сили. На стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо во четвртокот вечер немаше натприродни сили, ниту пак некакви митолошки суштества.Таму на теренот беа само нашите храбри момчиња, во црвено-жолти дресови. Победата дојде како резултат на нивниот вложен труд и пожртвуваност во текот на сите 90 минути, плус 5 минути судиско продолжение. Најголема концентрација и присебност покажавме токму во последните минути, кога беше постигнат и победоносниот гол. Своевремено поранешниот повеќегодишен премиер на Италија, Силвио Берлускони, и самиот голем вљубеник во фудбалот и сопственик на фудбалскиот клуб Милан, победуваше во Италија со својата партија наречена Форца Италија. Но вчера во Италија победи Форца Македонија, или силата на Македонија. Победија упорноста, пожртвуваноста и заедништвото. Победа што ќе се памети и ќе остане запишана за навек. Без разлика на епилогот од финалниот дуел со Португалија во вторник, кој ќе го одреди и патникот за Светското првенство во Катар, Македонија е веќе големиот победник.

За Македонија веќе пишуваат сите светски медиуми, победата над Италија се слави и прераскажува насекаде во светот. И не само меѓу Македонците. На успехот на Македонија се поклонуваат и воодушевуваат сите. Тоа е таа магична моќ на најважната споредна работа на светот, како што обично се вели за фудбалот. Да те издигне во височините во моментите кога мислиш дека сите бродови ти се потонати. На Македонија токму во овој момент очајно ѝ требаше едно вакво воздигнување. Без разлика дали е спортско или какво било друго. По сите неправди што ги доживуваме низ годините, и дома и од надвор, ни требаше еден ваков момент на будење и воздигнување. Да се спознаеме и осознаеме повеќе себеси и да се вратат вербата и победничкиот дух во државата. Но истовремено да му докажеме и на светот дека Македонија постоела и ќе постои, дека не се предава пред никого и дека македонското име нема да загине.
Би рекол дека македонските фудбалери им одржаа своевидна лекција и на домашните политичари. Им одржаа показна вежба и лекција како треба да се игра против, условно кажано, поголемите и помоќните. Зашто мечот во Палермо, настрана фудбалската филозофија, може да се анализира и од еден поинаков психолошки аспект. Од една страна имате силна, богата, на моменти арогантна, надмена репрезентација, со масовна и бучна поддршка од страна, со сите благодати и привилегии што ги носат ваквите европски ѕвезди, како своевиден синоним и одличје на менталитетот на Европската Унија. И од другата страна сме ние. Скромни, повлечени, тивки, за многумина и предвреме отпишани, но храбри, достоинствени, сплотени, непокорни. Со борбен дух и лавовско срце. Кои ја сакаат и се борат до последен здив за својата татковина. Кои ја носат во срцето Македонија и никогаш не се откажуваат од неа. Така нека биде и во вторник во Порто. Да ја заокружиме оваа успешна приказна со уште еден подвиг.

Пред кројот, неколку збора и за еден куриозитет, кој, за жал, фрли темна дамка на еден ваков величествен момент од национална важност.
Уште еднаш се покажа дека телевизиските куќи со национални концесии и особено државниот национален сервис немаат чувство за национален интерес и за волјата на мнозинството граѓани. Да не се обезбеди телевизиски пренос за сите граѓани од еден таков значаен натпревар е навистина жално. Не знам колку точно чинело откупување на правата за вршење ТВ-пренос, но сигурно не е поскапо од откупувањето куп странски сапунски серии или од преносите од други странски натпревари што обично се даваат на телевизија, а кои не се ни приближно од толкав интерес и важност како мечот на македонската национална селекција. Зарем неодамна преносот од мечот Јувентус – Вилјареал, кој одеше на МТВ, е поважен од Македонија – Италија или од Македонија – Португалија?
Колкупати досега Македонија играла бараж за светско? Никогаш. Па, зарем не можеа да се најдат средства и да се обезбеди пренос за граѓаните. Да можат сите да гледаат и да се радуваат на успесите на својата национална селекција. Немаат сите пристап до кабелските оператори, ниту, пак, се преплатени на спортските канали. За што тогаш служи националниот сервис ако не за пренос на настани од поширок национален интерес.

Повозрасните генерации се сеќаваат како порано се одбележуваа спортските натпревари на државните селекции. Тоа беше празник кога цело маало се собираше пред телевизорот изнесен во дворот. Заеднички се навиваше и се јакнеа националниот дух и патриотизмот.
Сега технологијата отиде многу понапред, ама сигналот се изгуби. Кога најмалку очекувате. Друг ви сервира што ќе гледате и дали ќе гледате. Но тоа е тема за некоја друга пригода. Да не го расипуваме славеничкиот амбиент. Затоа, напред Македонијо и во вторник и секогаш понатаму. Подвигот од Палермо да ни биде поука и водилка и за сите други предизвици што нѐ чекаат во иднина. На секој план.

[email protected]