Европската Унија да не го изгуби својот компас

Многу империи и држави низ историјата пропаднаа поради недостигот од системска координација. Но за да постои усогласеност, неопходна е „глава“ што во секој момент ќе знае што прави левата или десната „рака“ и внимателно ќе ги насочува нивните дејства. Со други зборови, потребна е организациска хиерархија во која одлуките на главата ќе се спроведуваат од екстремитетите на заедницата, државата, нацијата итн. Оваа суштинска потреба не егзистира во Брисел и затоа Европската Унија сѐ повеќе личи на поранешна Југославија, која се распадна поради недостигот од централизација и противречните барања на републиките, нешто што во овој момент се случува во ЕУ

Компасот, како древен и почитуван инструмент, низ историјата се користел како моќна алатка за навигација, покажувајќи ја вистинската посока. Во духовна смила, компасот може да симболизира потрага по вистинскиот пат или безбедно и непречено патување. Честопати се користи и како метафора во поезијата, како што е песната „Компас“ на Мехмедалија Мак Диздар, еден од најголемите босански и југословенски поети, во која се вели: „Горе е Поларната ѕвезда, а долу Венера. Онаму ветерот Северец, а таму Јужниот. Кој ќе ми каже каде е правецот на љубовта. А каде правецот на смртта“.
Како и да е, да не мудруваме многу и да се насочиме кон практичното значење на зборот компас. Честопати можеме да слушнеме или да кажеме дека оној или онаа го изгубиле компасот, во смисла дека не знаат во кој правец се движат. Доколку анализираме внимателно, оваа констатација може да се искаже и за сегашните состојба во Брисел и Европската Унија. Но, силно посакуваме да не биде така! За горенаведеното, некој може да ни дофрли или да нѐ обвини за евроскептицизам, но пред вистината и боговите молчат. Дека говориме за фактичка состојба накратко ќе ги посочиме изјавите на највисоките претставници на ЕУ во изминативе денови, изјави што изобилуваат со спротивставени мислења и противречности.

Најпрво, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Бледскиот стратегиски форум рече дека ЕУ треба да биде подготвена да прифати нови членки до 2030 година, но Дана Спинант нагласи дека проширувањето на Европската Унија е политички приоритет за Европската комисија, но тоа е процес заснован на заслуги. На прашањето од новинарите дали изјавата ја координирала со онаа на претседателот на ЕК, Спинант изјави дека не знаела за „какви било контакти во врска со овој говор“.(?!)
Каков апсурд! Но доколку анализираме внимателно, можеме да заклучиме дека не станува збор само за какофонија во европските редови туку и за системска неусогласеност и суштинска криза на Европската Унија. Споменатото го потврди и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој нагласи дека ЕУ е „за жал, во многу лоша состојба“, а ситуацијата е „полоша од кое било време во минатото, во однос на безбедноста, економијата и снабдувањето со енергија“. Дека нештата не се движат во вистинска насока потврдува и искажувањето на францускиот претседател Емануел Макрон дека Европската Унија треба да се реформира.

Дека не постои кохеренција во Брисел е очигледно, но недостигот од координација во европските редови го доведува во прашање и самото постоење на Европската Унија. Зошто? Координацијата ги минимизира конфликтите и ривалствата, а наедно обезбедува и услови за непречено функционирање, односно уредно управување со групните напори и единство во извршување на заедничката цел. Ова е значајно за секоја заедница, а уште посуштинско значење има доколку станува збор за наднационален и меѓувладин сојуз како што е Европската Унија.

Многу империи и држави низ историјата пропаднаа поради недостигот од системска координација. Но за да постои усогласеност, неопходна е „глава“ што во секој момент ќе знае што прави левата или десната „рака“ и внимателно ќе ги насочува нивните дејства. Со други зборови потребна е организациска хиерархија во која одлуките на главата ќе се спроведуваат од екстремитетите на заедницата, државата, нацијата итн. Оваа суштинска потреба не егзистира во Брисел и затоа Европската Унија сѐ повеќе личи на поранешна Југославија, која се распадна поради недостигот од централизација и противречните барања на републиките, нешто што во овој момент се случува во ЕУ.

Каде сме ние во приказнава? Односите помеѓу Македонија и Европската Унија уште од самиот почеток беа оптоварени од глупости и нелогичности, како што беше грчкото барање за промена на нашето име или бугарските барања за ревидирање на историјата во смисла да признаеме дека македонската нација е вештачки конструкт! Секој реален аналитичар ќе посочи дека ваквите апсурдностите не треба да бидат суштински за бриселските политики, но непостоењето на „глава“ ги принудува преостанатите членки на Европската Унија да замижат и премолчно да ги прифатат бесмислиците на Атина или Софија. Непостоењето на заедничка стратегија и координација за иднината на Европската Унија се одразува и врз Македонија како држава. Досега поради европските вмешателства го променивме името и ја нарушивме унитарноста на македонската држава. Сега од нас повторно се бара да го промениме Уставот, нешто што може да доведе до бугаризација на Македонија и тоа во име на европските вредности. Затоа од Брисел треба да бараме европскиот процес да биде заснован на заслуги, односно борба против корупцијата, владеењето на правото, говорот на слободата, демократичноста итн., а не врз принципот на притисоци и уцени како што беше досега. На крајот на краиштата, ако ги земеме предвид сите противречности што постојат во Европската Унија, останува прашањето: Дали сакаме да бидеме дел од неа?