Експертите за преживување од нашето маало

Во овие три децении независно опстојување, македонскиот граѓанин стана вистински експерт за преживување. Но, по сѐ изгледа, соочувањето со последниот ценовен удар на и така намалениот животен стандард ќе биде најтешкиот предизвик досега за многу наши граѓани, особено за најранливите социјални слоеви. Се чини дека отсуствува една целосна и сеопфатна економско-социјална стратегија за одбрана од ценовното цунами, на кое сме секојдневно изложени

Високата инфлација и зголемените трошоци за живот ја намалија куповната моќ на Европејците, кои се принудени да се откажат од некои свои задоволства, за да можат некако да го протуркаат месецот. Рецептот на „преживување“ им е различен, а високите цени ги принудуваат да се откажуваат од нивните традиционални вредности! Така, Французите јадат помалку деликатесни јадења и пијат помалку црно вино. Шпанците штедат на маслиново масло, Финците ги палат сауните само кога има ветер, кога струјата е поевтина. Германските потрошувачи јадат помалку месо и се откажуваат од гастрономската гордост – колбасот. Огромен пад има и во прометот со органската храна, која е многу поскапа од „обичната“. Во Италија се свикуваат кризни состаноци поради цените на тестенините, кои поскапеа двојно повеќе од инфлацијата! Ако вака живеат граѓаните во пребогатата Европа, со високи европски плати, можеме да претпоставиме како ли им е на мнозинството граѓани во Македонија, кои, според месечните приходи, се под главната цел на сегашната влада од петстотини евра, во услови кога цените на прехранбените производи во земјата ги достигнуваат максималните граници.

Од оваа наша македонска перспектива можеме да кажеме дека на Европејците и не им е толку лошо. Имаат европски плати, а има и на што да заштедат. Но што да прават нашите пензионери, кои имаат пензии под минималната плата од дваесетина илјади денари. Или работниците, кои со потпросечните плати мораат да ја „покриваат“ востановената синдикална потрошувачка кошничка од над 48 илјади денари? Македонците ја немаат таа „привилегија“ да заштедат на француски сирења (кои ќе станат и поскапи со повисокиот ДДВ) или да не ги затоплуваат сауните толку често како Финците! За користење маслиново масло и за откажување од органска храна не можат и да замислат, затоа што тоа одамна го нема на македонско мени. Месото и така го има сѐ помалку на домашната и традиционална трпеза. За нив и смрзнатите увозни копани стануваат луксуз, а пилешкото месо на трпезите го имаат само во свечени семејни пригоди.
Македонците и од порано се навикнати на високи цени на храната и на сметките за комунални услуги. Во овие три децении независно опстојување, македонскиот граѓанин стана вистински експерти за преживување. Но, по сѐ изгледа, соочувањето со последниот ценовен удар на и така намалениот животен стандард ќе биде најтешкиот предизвик досега за многу наши граѓани, особено за најранливите социјални слоеви. Особено за пензионерите, кои притиснати од превисоките животни трошоци излегоа и на протести за да издејствуваат поголемо покачување на пензиите. Во иста состојба се најдоа и вработените во јавната администрација, кои мораа да поминат низ долгорочен процес на договарање со нивниот работодавач, кој се претвори во отворена лицитација со процентот на зголемување на платите.

На Европејците и не им е толку лошо. Имаат европски плати, а има и на што да заштедат. Но што да прават нашите пензионери, кои имаат пензии под минималната плата од дваесетина илјади денари. Или работниците, кои со потпросечните плати мораат да ја „покриваат“ востановената т.н. синдикална потрошувачка кошничка од над 48 илјади денари? Македонците ја немаат таа „привилегија“ да заштедат на француски сирења (кои ќе станат и поскапи со повисокиот ДДВ) или да не ги затоплуваат сауните толку често како Финците

Порастот на просечната плата во одреден дел ќе ги покрие нараснатите животни трошоци на граѓаните. Но тоа што загрижува во овој момент е што македонските потрошувачи се изложени на нови ценовни шокови со секое влегување во продавниците. Само оваа недела имаше нов бран поскапувања на прехранбените производи и на горивата. На списокот на производи со нови цени се најдоа некои од млечните производи: сирењето, кашкавалот и јогуртот. Повисоки цени од овој месец има и кај месните преработки.
Производителите од месната и од млечната индустрија најавуваат дека растот на цените ќе продолжи и во наредниот месец. Во септември голем број други производи ќе имаат повисоки цени, бидејќи со законските измени двојно ќе се зголеми ДДВ за одредени производи, од пет на 10 проценти. Цените на земјоделските производи во летниот период, кои во изминатите години беа главната храна за граѓаните, стануваат сѐ повисоки. Тоа го покажуваат и официјалните статистички податоци, кои покажуваат повисоки стапки на раст на цените на земјоделските производи и на храната од просечната месечна инфлација од над осум отсто.
До каде ќе се оди со трендот на зголемување на цените на основните прехранбени производи не можат да предвидат ни креаторите на економската и монетарна политика во земјата. Засега, на граѓаните им се пласираат оптимистичките прогнози „за забавување на месечната инфлација“. Се чини дека отсуствува една целосна и сеопфатна економско-социјална стратегија за одбрана од ценовното цунами, на кое сме секојдневно изложени на македонските зелени пазари. И натаму главен „инструмент“ за зауздување на цените е зголемување на каматните стапки. Но цената што ја плаќаат граѓаните од монетарната политиката, за да се влијае на намалената потрошувачка, станува сѐ повисока за обичните граѓани. Тоа го покажува и намалувањето на глобалната потрошувачка, која се одразува и на економиите во Европската Унија, кои оствариле минимален раст од 0,5 отсто. Тоа што недостига во овој момент е недоволната понуда на домашни земјоделски производи, кои во минатите години беше и главен фактор на ценовна стабилизација. Ваквата состојба е искористена од трговците и увозниците со земјоделски производи и храна, кои се водени од остварување повисок профит. Намалената потрошувачка се гледа и во Македонија, во која граѓаните се принудени да се откажуваат од најосновните потреби за храна, само за да можат да ги покријат месечните потреби. Времето кога во Македонија се јадеше добро одамна е поминато.