Денот Р

Фамозниот ден Д, кога требаше да започне процедурата за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, дојде и помина, без никакви драматични случувања, без големи жртви по истоварувањето на „нашата Нормандија“.
Некој ќе рече дека не е така и дека жртвата е огромна, односно закочен е македонскиот пат кон Европската Унија, друг ќе се надоврзе со спротивно мислење, дека Македонија е спасена од уште едно ново понижување и разнебитување.
Како и да е, моментот дојде и помина, а сонцето и денес изгреа, луѓето си се зафатија со вообичаените работи, но сите и натаму ја имаат истата грижа, како да преживеат во овие тешки времиња. Во нивните глави никогаш не бил денот Д, туку денот Р, односно моментот кога некој во оваа држава ќе се осмели да почне со структурни реформи во сите сектори, за да почнат сите граѓани во оваа земја, без оглед на етничката, верската или каква било друга припадност, да живеат пристојно и достоинствено.
За десетина дена ќе почне новата учебна година, а од Министерството за образование информираат дека учебниците ќе биле готови набрзо по започнувањето на наставата. Тоа е недозволиво ако се знае дека минатата година децата не ги добија учебниците. Во нормална држава уште по завчерашното соопштение на МОН, премиерот го разрешува министерот за образование и наука, ги тргаат сите раководни структури таму и се прави една генерална чистка на сите партиски апаратчици, кои повеќе се грижат за профитот од тендерите и за насоките што доаѓаат од Софија околу за содржините во учебниците, отколку за децата, кои и оваа година ќе пишуваат на рака, без основното помагало, учебникот. Затоа и не треба да зачудува зошто нема ниту еден македонски универзитет на Шангајската листа, оти никој не води никаква сметка за образованието, едноставно како да се натпреваруваат кој повеќе ќе го дерогира. Оти онаа стара максима „ако сакаш да уништиш еден народ, уништи му го образованието“, некој многу доследно ја спроведува изминатите години.
Уште полоша е состојбата во здравството. Луѓето кога ќе се сретнат на улица, наместо добар ден, си велат „да не влезе човек во болница“. Ниту термини, ниту вистински пристап, само мито и корупција. Пациентите по болниците се оставени сами на себе ако некој постојано не му дава мито на некој доктор или на некоја сестра, болните треба да излезат на протести за да добијат лек, а тешко болните мора да се молат по социјалните медиуми да се собираат средства за нивно лекување во странство. Очај. Ниту ќе се изгради нов клинички центар во Скопје, а уште помалку граѓаните во другите градови од државата ќе добијат здравствена заштита, туку и натаму сите ќе се препраќаат во Скопје, сирените на амбулантните возила ќе продолжат да ечат 24 часа низ скопските улици, што наведува само на еден заклучок, дека оваа држава и нејзиното здравство се сериозно болни. А од таа болест на здравството некој профитира, и тоа дебело.

Профитира затоа што нема никаква одговорност, нема правосуден систем што ќе суди и одлучува според словото на законот. Кај нас Обвинителството чека што ќе му каже власта каде и кога да постапува, па затоа полека на површина испливуваат аферите и забошотувањата како оние со пожарот во тетовската модуларна болница, со непотребно извадените органи на пациентка, со многу лекарски грешки, со коруптивните афери за кои нема истраги или се чуваат во фиока, за непотизмот во Академијата за судии и обвинители…
Правосудството е метастазирано до таа мера што буквално може целосно да се распушти и воопшто нема да се почувствува дека оваа земја нема судски систем. Дотаму е отидена работата. Можеби, ако некаде треба прва да влезе вештачката интелигенција, тоа е во македонскиот правосуден систем, бидејќи тие високоинтелигентни ботови ќе бидат имуни на јавувањата од функционерите. Тие во своите умови ќе ја имаат собрано сета светска правна практика што не познава партии, ставање предмети во фиока и носење пресуди по нарачка, туку само почитување на законот и редот, онака како што треба.
Можеби најсериозната интервенција е потребна во односот на власта кон бизнис-секторот и економијата. Сите оние што владееја со државата ја гледаа економијата како можност за туркање лични бизниси, за добивање државни тендери и богатење прекуноќ, занемарувајќи ја големата слика, дека здрава економија всушност значи здрава држава.

Со години бизнис-секторот апелира до властите да преземат одредени чекори за да може економијата да преживее, а неговите повици не се сведуваат само на апели туку и на конкретни предлози што треба да се направи за да се ослободи бизнисот од административните стеги што знаат само да бараат, но е и да обезбедуваат нормални бизнис-услови за функционирањето на македонската економија. Подолг период првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, нуди сет мерки што треба да направи државата за да ја заживее економијата, но очигледно од друга страна толку се заслепени со „уставните измени“ и со ЕУ што не гледаат дека ја уништуваат сопствената економија. Или можеби, што никој не би сакал да поверува, некој намерно работи на уривање на економијата, бидејќи економски упропастените држави се многу полесни за преземање. Еве, да не одиме до таа крајност, но не може во земјава да ги има најниските плати а највисоките цени, особено на храната.
Каде отиде македонското земјоделство, сочниот домат јабучар, вкусните краставици, пиперките, компирот, гравот, оризот? Пазарите се преполни со овие производи, но од Албанија и од Косово. Некој како намерно да ја стимулира економијата на соседните земји, на штета на земјоделството на сопствената држава. Како цените на храната во една Словенија се исти со оние во Македонија, а платите таму се за четири пати повисоки од нашите? Прави ли некој контрола зошто е тоа така или само ќе се вади на изговорот „секаде имало инфлација“?
Што е со борбата со корупцијата и организираниот криминал? Амбасадорката на САД пред некое време прашуваше каде завршиле стотиците милиони долари што САД ѝ ги дале на Македонија за борба со корупцијата, за пред некој ден повторно да даде нови 4 милиони долари за истата цел, кои уште сега се гледа дека ќе завршат во нечии џебови, а резултати нема да има. Исто како што никој не се потресе и со црната листа на Стејт департментот. Едниот и натаму си е градоначалник, другиот и натаму си е исто толку богат како и порано. Кучињата лаат, карванот си врви, а корупцијата цвета ли цвета. Јавен обвинител нема, тој за организиран криминал уште никој во оваа држава не може да сфати како беше избран, така што уште долго оваа земја тешко ќе се справува со корупцијата, ако воопшто може да се зборува за некакво справување.
Каде е денот Р за екологијата? Ги излажаа луѓето да купуваат еколошки печки на пелет, за сега да го поскапат пелетот двојно, централното греење во Скопје не е мрднато од пред 50 години, ќе се приклучи понекоја нова зграда и толку. Гасификацијата ја има, но повторно ја нема.

Ја нема во домаќинствата. Природните езера се запустеа, Преспанско го снемува, а Охридско се уништува, како со дивоградби така со истребување и загрозување на автохтониот животински свет.
Социјалните политики се поразителни. Во градинките нема доволно место за дечињата, пензионерите во очај бараат зголемување на пензиите оти не можат да го издржат ценовниот притисок, но од Министерството за труд и социјала се правдаат дека ако ги покачеле пензиите, фондот ќе колабирал со тие дополнителни 200 милиони евра. Па, како не колабираше буџетот кога се исплатија над 200 милиони евра за изградба на автопатишта што не се почнати, за фабрика за електрични возила што е само во нечии соништа и за уште стотици мали проекти што никој не ги видел, а парите се исплатени. И згора на тоа, пари се најдоа и за 78-отстотното покачување на платите за функционерите. Значи, за сите нив пари се наоѓаат, само за народот нема.
Затоа, доста веќе со змајаување и чекање некакви денови Д и некакви уставни измени, крајно време е да се започне со вистински ресет и реформа на државата во сите сфери. Тоа значи итна шут-карта за партиските намесници и сите тие што се вработени по нивен налог, поставување стручни луѓе и една сеопшта општествена перестројка за да им се врати надежта на луѓето дека можеме самите да си ја средиме државата. Колку поскоро го направиме тоа толку подобро за нас.