Дали Европа ја губи економската битка меѓу Вашингтон и Пекинг?

  • Европа денеска се соочува со парадокс. Имено, Брисел сака да ја намали
    зависноста од Кина, но нема реална замена за кинеските суровини и
    производствени капацитети. Истовремено, сака да остане блиска со Америка, но американската економска политика сè поотворено ги штити домашните компании, често на сметка на европските партнери. А, пак, самитот Трамп–Си Џинпинг дополнително го засили тој страв во Брисел. Ако САД и Кина успеат барем делумно да ги стабилизираат трговските односи, Европа ризикува да остане настрана од новите економски договори и глобалните инвестиции. Особено затоа што и Вашингтон и Пекинг сè помалку ја гледаат Европа како рамноправен геоекономски центар. Стариот Континент сè повеќе личи на пазар меѓу две сили, а сè помалку на глобален играч

Додека Вашингтон и Пекинг повторно отвораат канали за економска соработка, Европа сè почесто изгледа како страна што доцни во новата глобална распределба на моќта. Самитот меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг во Пекинг покажа нешто што европските лидери одамна се обидуваат да го избегнат. САД и Кина можат истовремено да бидат геополитички ривали и економски партнери, а Европа во тој однос нема доволно сила да ги диктира правилата. Во последните години, Европската Унија се прпелкаше да гради стратегија на економска, па и друга „стратегиска автономија“. Но реалноста испадна дека е многу сурова за Брисел. А што е најтрагично, самата е крива за тоа (за аргументите како Европа однатре се разјадува самата себеси, прочитајте во текстот под наслов „Како Европа се уништува самата себе“, на авторот Доне Прентоски, наш соработник со повеќедецениски престој во Германија, во двобројот „Нова Македонија“ од 16-17 мај 2026 година, за погубните политики на Брисел и за дефицитот на европското лидерство и визионерство).
Згора на тоа, Европа е зависна од американската безбедност, кинеските суровини и глобалните пазари што сè повеќе ги контролираат Вашингтон и Пекинг. Токму тука е и другиот европскиот проблем. Додека Америка агресивно инвестира во сопствената индустрија, технологија и енергетика, Кина со години методично гради контрола врз производството, ретките минерали и глобалната логистика. Европа, пак, останува заробена меѓу строги регулативи, скапа енергија, политички поделби и бавна бирократија. И, се разбира, последиците веќе се видливи. Германската индустрија, моторот на европската економија, не само што забавува туку и „трокира“. Производството се сели таму каде што енергијата е поевтина, а државните субвенции поголеми. Дел од европските компании веќе инвестираат повеќе во САД отколку дома, привлечени од американските даночни олеснувања и индустриски програми. Во меѓувреме, Кина не ја губи трката. Напротив. И покрај западните санкции и ограничувања, Пекинг останува доминантен во батериите, соларните панели, ретките минерали и делови од автомобилската индустрија.

Европа денес се соочува со парадокс. Имено, Брисел сака да ја намали зависноста од Кина, но нема реална замена за кинеските суровини и производствени капацитети. Истовремено, сака да остане блиска со Америка, но американската економска политика сè поотворено ги штити домашните компании, често на сметка на европските партнери. А пак самитот Трамп-Си Џинпинг дополнително го засили тој страв во Брисел. Ако САД и Кина успеат барем делумно да ги стабилизираат трговските односи, Европа ризикува да остане настрана од новите економски договори и глобалните инвестиции. Особено затоа што и Вашингтон и Пекинг сè помалку ја гледаат Европа како рамноправен геоекономски центар.
Во суштина, Европа полека ја губи способноста самостојно да ја обликува светската економска агенда. Тоа не значи дека Европската Унија ќе престане да биде економска сила. Но значи дека сè потешко ќе игра улога на глобален лидер. Наместо центар што ги поставува правилата, Европа ризикува да стане простор каде што другите сили ги реализираат своите интереси. Дополнителен проблем е што Европа заостанува и во технолошката трка. Додека американските компании доминираат во вештачката интелигенција, дигиталните платформи и иновациите, а Кина гради сопствени технолошки гиганти со силна државна поддршка, Европската Унија сè уште главно се концентрира на регулација наместо на создавање глобално конкурентни корпорации. Во иднина токму технологијата ќе ги определува економската и политичката моќ. А Европа засега нема свој „Гугл“, „Амазон“ или кинески „Хуавеи“ што може да игра глобална стратешка улога. Слична е состојбата и со енергетиката.
Европа сама се откажа од евтиниот руски гас, а транзицијата кон нови извори на енергија создаде огромни трошоци за индустријата. Во меѓувреме, американските компании добија предност преку пониски цени на енергентите, додека Кина динамично инвестираше во соларна и зелена технологија. Така, Европа влезе во период во кој истовремено плаќа високи енергетски сметки, губи индустриска конкурентност и се соочува со забавен економски раст.

Политичката нестабилност дополнително ја ослабува европската позиција. Подемот на суверенистичките движења наспроти либералните во Франција, Германија, Италија, Словачка, Чешка, па и Полска и други држави, ја прави Европската Унија сè понесигурна во носењето долгорочни економски одлуки. За разлика од Кина, која планира стратешки со децении однапред, Европа често реагира бавно и тромаво, безидејно. А Балканот, пак, е уште поранлив во таа равенка. Кога германската индустрија забавува, тоа веднаш се чувствува и во индустриите во Македонија, Србија или Босна и Херцеговина. Кога Европа губи инвестиции, го губи и регионот околу себе. А кога Брисел нема јасна економска стратегија, просторот побрзо го пополнуваат други, на пример Турција или земјите од Заливот или, пак, американскиот капитал. Најголемиот ризик за Европа денес можеби не е директен економски колапс (а и тој забрзува), туку застрашувачки ризик за Европа е постепено губење на влијанието. А во свет каде што тоа сè повеќе значи геополитичка моќ, истото тоа може да биде најскапата загуба за европскиот проект во следните децении.