Јавно-приватните партнерства со тајните сметки

Битолските советници донесоа одлука по истекот на договорот да не ја продолжат соработката со досегашниот концесионер и како во случајот со новиот градски пазар, и паркирањето да го организираат преку јавно претпријатие што ќе го формира општината. На тој начин не само што локалната самоуправа реши во иднина таа да стопанисува со паркинг-зоните, туку и да им стави крај на сите шпекулации околу (не)исплатливоста на стопанисувањето по пат на јавно-приватното партнерство што се покажа како исплатливо само за приватните концесионери

Кога пред десетина години во Битола првпат беше промовиран проектот за јавно приватно партнерство и кога тогашната локална власт предводена од поранешниот градоначалник Владимир Талески го издаде под концесија новиот градски пазар, битолската јавност беше убедувана дека јавно-приватното партнерство е иднината за локалниот развој на Битола.
Давањето под концесија на новиот градски пазар на фирмата „Полимер“ беше првиот проект што Талески се обиде да го реализира од „банката на идеи“ што тогашната локална власт ја формира со намера да го забрза локалниот развој. И покрај тоа што тогашната опозиција жестоко се спротивставуваше на таквата идеја, сепак Талески и тогашниот совет ја донесоа одлуката новиот градски пазар, кој се наоѓа на атрактивна локација во нова Битола, да ѝ го дадат под концесија на фирмата за период од десет години и за смешниот износ од само 56.640 денари месечна закупнина. На сите укажувања тогашната власт остануваше глува и на своја рака ја реализира идејата за јавно-приватно партнерство со градскиот пазар.

Епилогот од таквиот проект, кој локалната самоуправа на Битола го воведе пред нешто повеќе од десет години, поточно во јули 2008 година, беше таков што општинската „банка на идеи“ набрзо банкротира, а фирмата „Полимер“ замина во стечај. Од јавно-приватното партнерство со пазарот, општината Битола остана буквално со прстот в уста и речиси ништо не се офајди.
Освен тоа, тие што одблиску ги следат состојбите во (не)функционирањето на локалната самоуправа во Битола добро се сеќаваат дека и покрај тоа што концесионер на градскиот пазар беше фирмата „Полимер“, со пазарот стопанисуваше нејзината ќерка-фирма „Полимер пазари“, која им наплаќаше на тезгаџиите.
Сите укажувања дека концесијата не може да се пренесува од една фирма на друга, тогаш беа залудни и фактички со пазарот управуваше фирма што воопшто не беше дел од проектот за јавно-приватно партнерство.

Сепак, на крајот, општината откога не се офајди многу од јавно-приватното партнерство со концесионерот, го раскина договорот, а пазарот беше оставен руиниран за потоа да му биде вратен на јавното претпријатие „Пазари“, кое денес, не само на задоволство на општината, туку и на задоволство на тезгаџиите, мошне успешно стопанисува со него.

Но тоа не беше доволно поучно за општината, па пред нешто повеќе од пет години по пат на јавно-приватно партнерство беа дадени под концесија и паркинг-зоните, кои за таа намена ги предвиде Техничкиот факултет во својата сообраќајна студија. Така, локалната власт и вторпат влезе во јавно-приватно партнерство и тоа со фирмата „Стентон градба“, чиј сопственик беше близок до тогашната власт, а сега опозиција.
И покрај тоа што најголемиот број од граѓаните, а и членовите на советот, беа против паркинзите да се дадат под концесија, локалната власт не се откажа од намерата. Концесионерот требаше на општината шест години да ѝ исплаќа по 28.000 евра.

Дали поради високите цени и „педантните“ наплатувачи на паркирањето или поради ревносните подигнувачи на непрописно паркираните возила, паркирањето во Битола им стана ноќна мора на битолчани. Приватниот концесионер, кого единствено го интересираше наплатата, не вложи буквално ништо за создавање услови за безбедно паркирање. Не се обидуваше дури ни обична боја да набави за да ги обележи паркинг-местата, а некои паркинг-зони, како кај спортската сала „Младост“, буквално беа дупка до дупка.

Во таква ситуација граѓаните на Битола најчесто ги пакираа(т) по битолските сокаци и чикмаци, а тоа концесионерот го користеше така што пријавуваше кај битолската полиција за со пајак-службата да им бидат отстранети возилата. А во Битола е вистинска уметност да се најде паркинг-место, особено во пазарните денови или во саботите, кога доаѓаат доста гости од Грција на пазарење. Токму тие се и најчестите жртви за непрописно паркирање.

Откако зонското паркирање му беше дадено на стопанисување на концесионерот, општината се откажа од изградбата на подземни и катни гаражи во градот, со кои требаше да се реши паркирањето за над 900 возила. На тој начин локалната самоуправа практично му остави на приватниот партнер простор да биде монопол во стопанисувањето со паркирањето.

Новата локална самоуправа, согледувајќи ги сите недостатоци и слабости со јавно-приватното партнерство, деновиве одлучи да му стави крај на договорот за издавање паркинг-местата. Советниците донесоа одлука по истекот на договорот да не ја продолжат соработката со досегашниот концесионер и како во случајот со новиот градски пазар, и паркирањето да го организираат преку јавно претпријатие што ќе го формира општината Битола.

На тој начин не само што локалната самоуправа реши во иднина таа да стопанисува со паркинг-зоните, туку и да им стави крај на сите шпекулации околу (не)исплатливоста на стопанисувањето по пат на јавно-приватното партнерство што се покажа како исплатлив само за приватните концесионери.