Прстот на чело!

Што ни се случува? Зарем е малку што сериозно нѐ стресе пандемијава, енергетската криза ни тропа на врата сѐ погласно, а обичниот граѓанин е доведен во ситуација да се лиши од некои основни потреби само за да може да го прехрани семејството. Уште ова ли ни требаше, државава да се закочи во место поради некакви политичко-партиски гимнастики, кои во нормални земји се решаваат инстант и без поголеми потреси за државата, економијата, бизнисите, социјалата… Или, пак, ако случајно се одолжи разрешувањето, во тие земји, во никој случај не страдаат стопанството или граѓаните, како движечка сила на општествениот живот. Имаме безброј случаи на држави без неизбрана влада или неизгласан парламент, но таму животот си тече како да е сѐ нормално, а во меѓувреме политичарите можат „да си вадат очи“ со месеци

Се среќавам деновиве со пријател од детството, стопанственик, сопственик на фирма со педесетина вработени, со кого поради пандемијава се немав видено подолго време. Уште не стигнавме ниту да се прашаме за здравјето и семејството, како што е ред, ме стресоа неговите зборови.
„Што е ова што се случува? Јас имам 50 усти за ранење, педесет семејства чекаат да им обезбедат плата, да си купат јадење, да обезбедат греење, а мене ми се врзани рацете. Ми застана фирмата, не можеме ништо да работиме. Реалната економија застана, институциите не работат, цело општество ни замира. Сите очекуваат некаква политичка разврска и никој ништо не работи. Сите чекаат нешто. А што да правиме ние, чии бизниси не можат да чекаат, како да работиме?“.
И навистина, што да му одговорам на пријателов? Што ни се случува? Зарем е малку што сериозно нѐ стресе пандемијава, енергетската криза ни тропа на врата сѐ погласно, а обичниот граѓанин е доведен во ситуација да се лиши од некои основни потреби само за да може да го прехрани семејството. Уште ова ли ни требаше, државава да се закочи во место поради некакви политичко-партиски гимнастики, кои во нормални земји се решаваат инстант и без поголеми потреси за државата, економијата, бизнисите, социјалата… Или, пак, ако случајно се одолжи разрешувањето, во тие земји, во никој случај не страдаат стопанството или граѓаните, како движечка сила на општествениот живот. Имаме безброј случаи на држави без неизбрана влада или неизгласан парламент, но таму животот си тече како да е сѐ нормално, а во меѓувреме политичарите можат „да си вадат очи“ со месеци.
И сега, по толку многу прашања, не може а да не го поставиме најважното – кој е одговорен за ваквата состојба? Или, ајде да бидеме попрецизни – кој нѐ води и како, при што не сакам да амнестирам ниеден од политичките чинители бидејќи сите заедно со своето (не)работење придонесуваат за севкупната слика. А таа е, да бидам малку ироничен, „Замрзнато езеро во зима“.

А како поинаку да ја насловам сликата во која со недели се натегаме кој има, а кој нема парламентарно мнозинство, кој дава оставка, кој не ја прифаќа, а сите заедно на граѓаните им сервираат една евтина драмолетка за замајување и забава, колку да им мине времето. И тоа не би било трагично, да не се случува нешто друго, многу пострашно. Државните институции одеднаш, како хипнотизирани во вакви ситуации, ја сведуваат својата активност на нула, што најдиректно се одразува на секојдневниот живот, а најмногу на економијата. Одеднаш протокот на парите се сведува на некаков минимум за преживување, добивањето разни документи неопходни за нормално работење на компаниите станува невозможна мисија, иако во нормални околности тоа е рутина што воопшто не се одразува на работата, што сѐ заедно создава една комплетно нездрава атмосфера, која се реперкуира со страв, неизвесност, нервоза…
Затоа, господа политичари, доста е! Време е да излезете од вашите тесни партиски дувла и да почнете сериозно да работите. Политичката криза во која влеговме мора максимално брзо да се надмине, да се преброди, за да почнете да ги решавате реалните проблеми. А тие се насобраа, богами, ве чекаат полни раце работа. За да се уверите дека е така, не треба да одите многу далеку, тропнете на чија било врата од оние во кои секојдневно се колнете од говорницата, влезете во домот на обичниот граѓанин, не ги прашувајте оние што ве облетуваат секојдневно со своите фалби и умилкувања во паузата.
А ако не можете да ги решите реалните проблеми со кои секојдневно се судира просечниот македонски граѓанин, можете слободно да си одите дома.
Свесни ли сте воопшто дека моќта е во граѓаните и дека нема да можете уште долго да ги замајувате со вашите приказни, да се претставувате како жртви на вашиот политички опонент, на меѓународниот фактор, на ирвасите на Дедо Мраз. Затоа што ако не се соземете, може да се случи сѐ и сешто, ако граѓаните тргнат да ги решаваат своите проблеми. Се разбира, ова не е повик на бунт и граѓанска непослушност, туку едноставно укажување и потсетување, ако сте заборавиле затуткани во топлината на фотелјите во партиските штабови дека силата е во граѓаните. Еве, за почеток, сте размислувале дека од избори на избори имате сѐ помал одзив и сѐ помалку гласови доаѓаат и на едната и на другата страна на кантарот. Сте се запрашале ли зошто е тоа така?

Свесни ли сте дека сите ние се брукаме со вашата неспособност да ги решиме сопствените проблеми.
До кога така? Па зарем решавањето на реалните граѓански проблеми не е високо на вашата приоритетна листа или, пак, ја имате пикнато малку подолу, за да им отстапи место на „високите политики“.