Чешката влада денеска се согласи да поднесе оставка откако владејачкото мнозинство загуби на изборите одржани на 8 и 9 октомври, соопшти денеска премиерот Андреј Бабиш.

Бабиш рече дека оставката со писмо, ја испратил до претседателот Милош Земан, кој е во болница од 10 октомври, наместо лично да му ја врачи, што е вообичаена практика.

Кога ќе ја прифати оставката, Земан треба да и наложи на владата во заминување да ги извршува своите должности додека не се формира нова, што се очекува во наредните недели, пренесуваат агенциите.

Бабиш и неговите сојузници ги загубија изборите од двата опозициски блока предводени од коалицијата „Заедно“, кои постигнаа договор на 3 ноември за формирање влада и нејзина клучна програма.

Идниот премиер,Петр Фијала, како што пренесуваат тамошните гласила, рече дека претседателот Милош Земан е подготвен да се сретне со него штом ќе му дозволи здравјето и дека партиите се договориле за распределба на министерски места, иако немаат предложено поединечни кандидати.