Ова е период за донесување историски одлуки

Политичарите прогласија вонредна состојба, но дали сите ние ја разбравме нејзината внатрешна содржина

Ако сакаме да ја разбереме суштината на вонредната состојба, треба да погледнеме во минатото. Имено, во случај на опасност за Римската Република, Сенатот прогласувал вонредна состојба со намера да создаде непречени услови за отстранување на постојните надворешни или внатрешни закани. Сенатот ги овластувал двајцата конзули да номинираат една личност, која добивала голема моќ за да може да дејствува во време на вонредната состојба. Диктатурата во денешниот вокабулар има негативна конотација, но во класичен контекст терминот се однесувал за главниот магистрат во Римската Република, кој ја имал целосната доверба на државата за да се справи со настанатата состојба. Сите други магистрати (функционери) во државата зависеле од неговиот авторитет и требало да ги спроведуваат неговите одлуки, а правото на вето за неговите одлуки и дејства било ограничено.

Римските државници ја создале оваа функцијата за да го забрзаат процесот на донесувањето на одлуките и имплементацијата на конкретните решенија. На овој начин биле отстранети политичките интриги и можните пречки во донесувањето на одлуките што требало да ја отстранат опасноста за државата.
Одлуката за прогласување вонредна состојба во Македонија беше донесена за поефикасно справување со коронавирусот и неговите последици врз општествено-економската состојба. Последните случувања покажуваат македонските политичари како да не ја разбираат суштината на актуелната состојба. (Затоа и граѓаните се однесуваат неодговорно, лабаво и без почит кон мерките и авторитетите.)
Од формалноправна гледна точка и во согласност со Уставот, при вонредна состојба владата донесува уредби со законска сила. Но во практиката примарната задача на владата е да носи одлуки со кои ќе ја отстрани или ублажи заканата поради која е воведена вонредната состојба.

Во овој период, владата треба да биде во процес на донесување одлуки преку анализа на проблемот, дефинирање на можните решенија, анализа на можните решенија, избор на најдобрите решенија и примена на решенијата. Одлуките се носат од премиерот и владата, во согласност или без согласност на политичко-партиските чинители, бидејќи актуелната состојба не трпи политикантски калкулации и популизам, а нужноста изискува брзи одлуки и решенија.
За жал, нашите лидери изгубија драгоцено време во надмудрување и тактизирање, притоа не смогнаа сили да ги стават настрана партиските интереси и да донесат државнички одлуки.

Но сѐ уште има време да се консолидираме. Да се ресетираме. Да завртиме нова страница од нашата бурна историја. Па, зарем не сме сведоци и досега низ какви сѐ премрежиња сме минале? Нашите прадедовци, предци, нашите дедовци, баби, родители? Се разбира и ние самите? Сите ние сме живи сведоци за тоа што сѐ сме доживеале, сведочеле, запишале, отпеале… Ние не си ја знаеме нашата вистина? Тамам работа! Но не сме биле моќни да ползуваме поддршка за вистината, за правдата… Затоа што сила бога не моли. Така и за државата, така и за тоа како да се нарекуваме и кои сме, така и за името, за досегашното „чушкање“ од големците по ќошовите од чекалниците за влез во силните и богати друштва.
Но зарем не го гледаме излезот токму во ваква тешка ситуација? И тоа како го гледаме и го знаеме. Факт е дека во најтешките историски моменти сме ги правеле вистинските и најголемите исчекори. Така е и сега. Она што сите со нетрпение го исчекувавме, се реализира. Влеговме и во НАТО и добивме покана за преговори за ЕУ. Зарем не е тоа доволна причина за почнување нова историска страница, наша консолидација, кохезија, сплотеност и збивање на редовите? Ако не е доволна позитивнава мотивација, имаме и една силна негативна мотивација. Коронавирусот! Ако првото не нѐ зближи, неволјата сигурно ќе нѐ мотивира повеќе. Барем така сведочат старите.

Но како и да е, стигнавме конечно на крстопатот до кој чекоревме и носевме со нас „рогови во вреќа“. Не требаат сега повеќе „клупски дресови“ со различни бои и грбови. Еден е националниот дрес. И грб. И знаме. И химна. Време е да го оставиме багажот тука и да исчекориме кон заедничката, нашата заедничка иднина.