Нови избори, стари рефрени

Иако сите лидери на партиите потпишаа кодекс на однесување без да се напаѓаат на предизборните собирања, сепак, уште на почетокот на кампањата тие продолжија по старо, да се напаѓаат едни со други, со тоа што овој пат, покрај цинизам, во својот вокабулар внесоа и доста иронија но и значителна доза омаловажување. Дали и колку тоа ќе успее кај граѓаните, допрва ќе видиме

Со почетокот на работната недела, и официјално почна изборната кампања за претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 17 октомври, а на кои ќе се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и во градот Скопје. Во изборниот натпревар на овие избори влегуваат близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници. Од нив, во трката за градоначалничко место ќе учествуваат 301 кандидат, а преостанатите 10.699 кандидати ќе настојуваат да станат советници во Советите на општините. Тоа е една голема и сериозна бројка на локални функционери што треба да работат во интерес на граѓаните, бидејќи платата и сите други надоместоци ќе ги добиваат токму од џебот на граѓаните. Затоа и локалните избори во својата суштина се најблиску до потребите и барањата на граѓаните, бидејќи тангираат есенцијални прашања од секојдневното живеење.
Граѓаните во екот на кампањата не само што ќе имаат можност да се запознаат со кандидатите што треба во наредните четири години да им бидат „татковци“ или „мајки “ на граѓаните во 80 општини туку и за првпат ќе ги слушнат нивните изборни програми, со кои ќе се обидат да ја освојат довербата на народот и на што ќе ги трошат нивните пари. И тука веќе се среќаваме со феноменот на дежа ви, или веќе видено. Не во кадровска смисла, зашто оние што се успешни, ефикасни и работат за граѓаните, секако, заслужуваат пак да ја добијат нивната доверба, туку повеќе од аспект на програмите.

Првиот впечаток од настапите и делумно презентираните програмски понуди, кои, патем, како да се кријат од јавноста до последен момент како змијата нозете, е дека во програмите има многу рециклирани стари проекти и стари ветувања, и кај власта и кај опозицијата. Како да се сакало што повеќе листови хартија да се наполнат и напишат, без да се внимава што од тоа е претходно ветувано, што е реално остварливо, а што е само список на желби. Како и на сите претходни, така и на овие избори сите кандидати влегуваат со голем и нескриен оптимизам дека ќе победат на изборите, но истовремено некои од нив излегоа и со стари и веќе (не)познати и (не)заборавени проекти. Се добива впечаток дека голем број кандидати за градоначалници како да препишувале еден од друг и во своите изборни програми напишале во најголем дел исти или слични проекти, кои личат како јајце на јајце.
Од тоа не е исклучок ни Битола.
За претстојните локални избори речиси сите кандидати, колку што се натпреваруваат на изборите, понудија речиси исти проекти: ефикасна општинска администрација, транспарентност, отчетност, изградба на топлификација и гасификација, изградба на велосипедски патеки, затворен базен, мултифункционален спортски центар, ски-центар, аквапарк, привлекување домашни и странски инвестиции, нов сообраќаен режим, нови зелени површини, модерни сообраќајни решенија, булеварски влезови за градот, развој на туризмот, изградба на нови ски-патеки, отворање нови работни места, чист воздух… Некои понудија бесплатен јавен превоз, други бесплатен престој во детски градинки, кои ги нема…

Слабостите од минатите изборни циклуси се провлекуваат и овој пат, од аспект на програмските понуди, изборната кореографија и сценски настапи, па до вокабуларот што се користи уште од почетокот на кампањата

За тие што ги следат случувањата на политичката сцена, вакви проекти беа (по)нудени и на претходните избори. Тоа што е интересно е што кога станува збор за ветени, но нереализирани топ-проекти во Битола, не можат да се пофалат ни власта ни опозицијата.
Но на овие избори интересно е што трите главни фаворити за победа на изборите безмалку ветија исти проекти.
И не дека некој ќе измисли топла вода, но прашање е зошто веќе еднаш понуденото не било реализирано и пак на секои избори да се излегува со едни исти проекти и ветувања. И додека во светот се организираат туристички патувања за Марс, ние сѐ уште се занимаваме со немање канализација, со неасфалтирани улици и сл.
Еден друг сегмент од кампањата е исто така индикативен и необичен.
Наместо програмите да се локомотивата што ќе ги турка и влече напред кандидатите, и овој пат сѐ им се препушти на партиските лидери. Со други зборови, партиските лидери ги туркаат и влечат кандидатите, а клучниот говорник на секој митинг е лидерот на партијата. И сега тука има уште еден важен момент, кој никако не смее да се подзаборави или потцени. За да ги демонстрираат својата моќ и бројност, политичките партии, и покрај лошата епидемиолошка состојба што владее во државата поради пандемијата на ковид-19 и големиот број изгубени човечки животи на дневно ниво, се обидоа да ги наполнат плоштадите и да соберат што повеќе присутни на митинзите. И тоа е во ред, бидејќи сме во кампања, нели, но притоа во никој случај не смее да се заборави или занемари почитувањето на здравствените протоколи за заштита од ковид-19. Не смееме да дозволиме да ни се случи кластер „Избори“, а одговорноста за тоа е и на политичките партии, но и на сите учесници во кампањата и изборите.

Зашто првиот впечаток, барем од почетокот на кампањата, е дека и покрај ветувањата на тие „предизборни промоции“, малку кој ги почитува пропишаните здравствени протоколи – држење растојание, носење маски и сл. Партиските војници, групирајќи се во групи, се обидоа со своето масовно присуство да ја демонстрираат својата лојалност, ставајќи го на коцка и своето и јавното здравје.
И, конечно, иако сите лидери на партиите потпишаа кодекс за однесување без да се напаѓаат на предизборните собирања, сепак, уште на почетокот на кампањата тие продолжија по старо, да се напаѓаат едни со други, со тоа што овој пат, покрај цинизам, во својот вокабулар внесоа и доста иронија, но и значителна доза омаловажување. Дали и колку тоа ќе успее кај граѓаните, допрва ќе видиме.