Неопходен е силен импулс за економијата

Оваа постпандемиска година е година во која влеваме голема надеж, надеж пред сѐ за надминување на здравствената криза, но истовремено и надеж за излез од економската криза. Пандемијата на ковид-19 значително ги влоши економските параметри, ги разруши веќе воспоставените релации и соработки, а исто така наметна и обврска за приспособување и адаптирање на новите услови

Уште на самиот почетокот од 2021 година, кога сѐ уште граѓаните споделуваа меѓусебни честитки и желби за здравје и поубава година, низ медиумите проструи старо-нова вест. Исплатената поддршка од државата кон компаниите за исплата на платите не стигнала и до самите работници. Речиси осумстотини работници, иако државата ја исплатила помошта, останаа без своите ноемвриски плати дури и за новогодишните празници… Парадоксално во оваа ситуација е што државата повторно се соочува со стар проблем. Некои работници останаа без своите примања и при претходните исплати на државната помош до компаниите, односно без платите за месеците април, мај и јуни. Поради ваквите веќе видени ситуации, надлежните информираа дека ќе преземат разни казнени мерки за газдите што не им ги исплатиле платите на работниците иако добиле државна помош. Но ситуацијата се повторува и со исплатата на помошта од државата кон компаниите за исплатата на платата за месец ноември од веќе заминатата 2020 година. 
Ваквите појави праќаат јасен знак дека државата секогаш мора да наоѓа начини за доследна примена на одредбите што ги донела. Државните институции не смеат да бидат за едни мајка, а за други маќеа. Законите, правилата и одредбите мора да важат за сите еднакво. За фер и еднакви услови во работењето апелираат и бизнис-претставниците, кои со години укажуваат на потребата од владеење на правото. 
Оваа постпандемиска година е година во која влеваме голема надеж, надеж пред сѐ за наминување на здравствената криза, но истовремено и надеж за излез од економската криза, која е еднакво значајна. Пандемијата на ковид-19 значително ги влоши економските параметри, ги разруши веќе воспоставените релации и соработки, а исто така наметна и обврска за приспособување и адаптирање на новите услови. 

Токму поради овие причини, оваа е многу значајна година и истовремено многу тешка година за економијата. Државните институции заедно со креаторите на домашните политики, како и бизнис-заедницата се исправени пред најголемиот предизвик, како да се постави економијата на здрави нозе. Фокусот мора да биде поставен на зачувувањето на јавното здравје, но паралелно со него и на создавање услови за економски напредок. Без јака економија, без можности за развој на бизнисите, не може да очекуваме подобрување на условите за живот. 
За обезбедување општа благосостојба за сите, неопходно е да се креираат добри политики што ќе бидат пред сѐ фокусирани кон подобрување на перформансите и на државата, и на приватниот сектор. Владата со инсистирање до сите државни институции за доследна примена на законите, истовремено со создавање еднакви услови за компаниите, како и со ставање на својот фокус на буџетот за следната година, и годините по неа на економијата, на реализација на своите развојни планови, ќе креира можности за создавање нови работни места во приватниот сектор, а истовремено ќе создава услови за развој на бизнисот. На овој начин ќе се помогнат деловните субјекти што ќе апсорбираат поголем број од невработените кадри, а со тоа ќе се подобруваат економските параметри, но и стандардот на граѓаните. Од растот на економијата ќе имаат корист и државата и граѓаните. 

Оваа 2021 година ќе биде пресудна за понатамошниот економски раст на државата, истовремено и за создавање подобри услови за живот за сите граѓани, со што ќе ѝ покажеме на Европската Унија дека сме достојни за членство во Унијата. Македонија мора да почне да ги применува стандардите на Унијата, не само заради членството во ЕУ туку пред сѐ заради подобри перформанси на нашето општество. 
Еден од многубројните сериозни предизвици пред домашните институции во насока на создавање фер и еднакви услови за работа е сузбивање на сивата економија, или поточно нејзино вклучување во регулираните текови на функционирање. Со изедначување на условите за работа на сите деловни субјекти се создаваат можности за еднаков натпревар на пазарот, каде што сега поради пандемијата условите се влошени. Токму поради пресвртот што го направи пандемијата, потребно е да се овозможат еднакви услови за сите и еднаква шанса за успех и напредок.

Меѓу желбите и честитките што граѓаните си ги испраќаат овие новогодишни денови, прва е желбата за зачувување на здравјето, по што следуваат и желбите за успех и благодат. Во оваа насока, свесни дека здравјето на граѓаните е најбитно, и понатаму приоритет на надлежните останува борбата за секој човечки живот, надминување на пандемијата што ни го „разори“ секојдневието, и истовремено подобрување на економските перформанси на државата. Токму во оваа постпандемиска година мора да покажеме дека сме подготвени и умешни за подобри економски резултати, а со подобра економија ќе се зголемат и шансите за подобри здравствени услуги, но и за подобар живот на сите граѓани. 

[email protected]