Кога правото на вето веќе не е свето

Иднината на механизмот наречен право на вето при донесувањето одлуки во Европската Унија, барем деновиве, по изјавата на шефот на германската дипломатија Хајко Мас, изгледа крајно неизвесна, што не значи дека веќе за некој месец перспективата не би можеа да стане сосема поинаква. Во зависност од потребите и, пред сѐ, со оглед на искуствата со многубројните злоупотреби на механизмот. Веројатно токму затоа и се вели дека хаотичната збирштина на тесните политички, корпоративни и секакви други интереси, уредно завиткани во светкавата хартија наречена право на ЕУ, во последно време, многу повеќе ги определува насоката и брзината на патувањето на овој блок отколку почетните идеи и идеали околу кои и започнало обединувањето на европските нации

Кога и ако воопшто политиката некогаш се врати во рамките на „прифатливото“, многумина би можеле да се соочат со големи проблеми при наоѓање одговори на прашањата за сето она што, особено во изминатава деценија, е направено. И за сето она што не е направено. Но, да ги прескокнеме овој пат локалните политичари и надриполитичари и да се префрлиме директно на европското ниво, поточно на нивото на Европската Унија, иако она што следува еднакво ги тангира и глобалните асоцијации и организации.
Иднината на механизмот наречен право на вето при донесувањето одлуки во Европската Унија, барем деновиве, по изјавата на шефот на германската дипломатија Хајко Мас, изгледа крајно неизвесна, што не значи дека веќе за некој месец перспективата не би можеа да стане сосема поинаква. Во зависност од потребите и, пред сѐ, со оглед на искуствата со многубројните злоупотреби на механизмот. Веројатно токму затоа и се вели дека хаотичната збирштина на тесните политички, корпоративни и секакви други интереси, уредно завиткани во светкавата хартија наречена право на ЕУ, во последно време, многу повеќе ги определува насоката и брзината на патувањето на овој блок отколку почетните идеи и идеали околу кои и започнало обединувањето на европските нации. И веројатно токму затоа и претставниците на членките на Унијата, во последнава декада, многу повеќе дебатираа за тоа што таа би требало да претставува, отколку за тоа што, во меѓувреме, таа станала. Поточно, на што се свела.
Кога и ако воопшто политиката некогаш се врати во рамките на „прифатливото“, актуелниве челници на ЕУ, како и голем број нивни претходници, би можеле да се најдат во големи проблеми доколку посакаат да ги расветлат околностите во кои се применувал, според многумина, веќе крајно компромитираниот механизам на одлучување за прашањата какви што се заедничкиот буџет, надворешната политика, проширувањето…

Иако според еден поодамнешен обид за објаснување на овој ултимативен механизам од страна на еден, тогаш мошне влијателен функционер на Унијата, „правото на вето постои за да не се користи“, со претпоставка дека членките што, во принцип, секогаш можат да го активираат, сепак се свесни оти тоа се однесува само на исклучителни ситуации, веќе неколку генерации европски граѓани се сведоци дека во практиката тоа не е случај.
И тоа не само со евроинтегративниот процес на Македонија, кој долго време беше во заложништво на Грција, а потоа и на Бугарија, додека во меѓувреме и Франција и Холандија ги блокираа и Македонија и Албанија, бидејќи, вистина, малку подалеку од вниманието на овдешната јавност, се одвиваа и други блокади, па така Унгарија и Полска лани го блокираа донесувањето на буџетот на ЕУ и на историски најголемиот пакет за финансиска помош на европското стопанството погодено од корона-кризата. И Кипар ги блокира санкциите против белоруски функционери за да издејствува усвојување санкции и против Турција поради „недозволивите активности во Средоземјето“. Потоа, повторно Унгарија, го блокира заедничкиот европски став околу неодамнешната ескалација на судирите помеѓу Израелците и Палестинците. Има уште доста за набројување.
При сето тоа, вистинските мотиви многу често воопшто не произлегуваа од содржината на самиот предмет на одлучување, туку тие се користеа само како средство за пазарење и за остварување некои сосема други цели, како на пример за да се одбегне одговорноста за ненаменско трошење на парите од европските фондови во некои земји, да се релативизираат воспоставените принципи на владеењето на правото или да се подобрат позициите во преговарање за некои сосема други теми. Неретко, дури и на штета на сопствените, национални, но и на заедничките, европски интереси.
Конечно, правото на вето се злоупотребува затоа што во Европа, како впрочем и насекаде низ светот, веќе речиси нема вистински лидери, способни, на вистински начин, одговорно и транспарентно да ги спроведуваат своите планови. Без намера да се навредат чесните пазарџии, мора да се каже оти овој, во основа, исклучително вреден механизам на политичко одлучување, се користи како небаждарени ваги на зелените пазари.

Ненаменските употреби и злоупотреби на правото на вето, и тоа не само во доменот на надворешната политика на ЕУ, на што укажа германскиот министер Мас, веќе видно фрустриран од однесувањето на Унгарија, која во изминатиов период сѐ почесто посегнува по него, веќе одамна станаа очигледни, поради што и сѐ побројни се заговорниците на неговото укинување. Во меѓувреме, инсистирањето на консензусот при одлучувањето за некои од суштинските теми, меѓу кои секако и за проширувањето, од преголем луксуз се претвора во веќе неподнослив товар за Унијата

Ненаменските употреби и злоупотреби на правото на вето, и тоа не само во доменот на надворешната политика на ЕУ, на што укажа германскиот министер Мас, веќе видно фрустриран од однесувањето на Унгарија, која во изминатиов период сѐ почесто посегнува по него, веќе одамна станаа очигледни, поради што и сѐ побројни се заговорниците на неговото укинување. Во меѓувреме, инсистирањето на консензусот при одлучувањето за некои од суштинските теми, меѓу кои, секако и за проширувањето, од преголем луксуз се претвора во веќе неподнослив товар за Унијата, поради што, веројатно и сосема оправдано, се смета дека надградувањето на списокот на подрачјата за кои се гласа со квалификувано мнозинство сега веќе е егзистенцијално прашање не само за нејзината политика на проширување туку и за самата Унија.

[email protected]