Како се унесреќи државата

Можеби индексот на среќата во Македонија никогаш нема да се измери, и нема потреба да се прави тоа, но стремежот кон неа и кон подобра иднина останува право што им припаѓа на сите граѓани на оваа наша држава. А, 8 септември, несомнено, е соодветен датум да се потсети и проговори за тоа

Денот на независноста, 8 Септември, годинава ќе се одбележи со шаренолика програма. Неизоставен дел секако се и обраќањата на политичките лидери за тоа колку земјата (не) напреднала изминативе години и кој е заслужен за тоа.

Интересно, годинава е предвидено на штандот на Министерството за здравство на граѓаните да им се мери крвниот и очниот притисок. За да се види колку се здрави. Зашто оние што успеаја без поголеми последици да ги пребродат сите премрежиња низ кои помина државата изминативе 28 години, навистина заслужуваат највисоки почести. Орден со заслуги за издржливост. Мнозина не издржаа на тој пат и ја напуштија државата. Засекогаш. Или со време се прешалтаа во некои други (најчесто политички) води, каде што најлесно се плива. Како и да е, засега никому не му паѓа на памет по повод празникот да спроведе некое друго мерење или анкета. Еве, да речеме мерење на индексот на бруто-национална среќа. Колку како држава и нација сме задоволни од ефектот на политичките елити во изминатите 28 години од прогласувањето на независноста и како се рефлектирало тоа врз животот на граѓаните? Дали се целосно остварени и реализирани идеалите и стремежите за слободна и независна држава, со силни и независни институции, здрава и растечка економија и, соодветно на тоа, богати и среќни граѓани? Едно вакво мерење и истражување навистина би било корисно и поучно. Но и без тоа, резултатите горе-долу на сите им се предвидливи.

Македонија од 8 септември 1991 и денешната Македонија воопшто не е истата држава. Се чини дека сонот од 8 септември останува недосонуван и неостварен. Дури, напротив, по многу параметри Македонија денес е поназад отколку што беше пред безмалку три децении. Општ впечаток е дека еден грст луѓе ги предадоа идеалите на генерации пред нив и ја предадоа Македонија. Или можеби посоодветен термин е ја продадоа Македонија. Усреќувајќи ги другите и исполнувајќи туѓи желби, ги унесреќивме сопствената држава и граѓани. Во предверчието на Денот на независноста, еден странски аналитичар ја окарактеризира Македонија како карикатура на демократија на сите земји создадени на територијата на поранешна Југославија. Ваквата негова дефиниција, колку и да е болна, во голема мера сепак е точна.

Најголемата грешка во сиве овие години од по трње е што не успеавме да создадеме независни и ефикасни институции. Впрочем, најсвеж пример за ова се случувањата во и околу СЈО поврзани со случајот „Рекет“. Да не ги споменувам тука и редицата други скандали и афери што останаа нерасчистени.
Понатаму. Да го земеме националното единство како пример. Она што беше постигнато како своевиден национален консензус на 8 септември 1991 година, кога убедливото мнозинство од 97,9 отсто од граѓаните излезе на референдум и се изјасни за самостојна и суверена Македонија, веројатно никогаш веќе нема да се повтори. Македонија денес е поподелена од кога и да е. Значи потфрливме и ако се споредуваме со самите себеси, а камоли со другите.

Тоа се виде и на референдумот во 2018-та, кој пропадна поради немање цензус. Денес ништо веќе нема толкава кохезивна сила да ги сплоти граѓаните како некогаш референдумот од 1991 година. Домашните политички структури со своите неодговорни политики, незнаење и лошо раководење во изминатите 28 години ја доведоа државата до ниво на обезличување и губење на атрибутите на самостојна држава. Никој не се надеваше дека во борбата за превласт политичките елити ќе ја инклинираат кликата на меѓусебна недоверба, ќе ги поделат граѓаните и ќе ја отворат широко вратата за апашлак, криминал, корупција, уцени и рекет. Независноста што тешко ја изборивме, почнувајќи од револуционерната борба на македонскиот народ под турското ропство, првиот Илинден и формирањето на Крушевската Република, вториот Илинден од 1944 година и формирањето на асномска Македонија, па до 8 септември 1991 година и прогласувањето суверена и независна македонската држава, денес тешко успеваме да ја одржиме. Изминативе 28 години многупати бевме сведоци на бојкоти, протести, непочитување на државните институции, газење врз Уставот и законите, сомнителни амнестии, носење одлуки со посредништво на странски емисари, нестабилни и зависни институции, потпишување сомнителни и штетни договори… Мислевме дека избираме народни претставници и лидери, но практично добивавме „туѓи“ послушници, кои многу малку мислеа на народот. Скапо стекнатата независност лесно ја прокоцкавме и заменивме со хронична зависност од туѓо мислење и влијание.

Државата потфрли на политички, економски, социјален, безбедносен, статистички, демографски план. Наместо држава за пример, станавме држава за потсмев, која не може да организира ниту најобичен попис. Од година на година, од ден на ден, континуирано и систематски се урнисуваше секоја и најмала надеж за посветла иднина. Колку за илустрација, поради погрешната економска политика со години наместо со индустриски развој државата се соочи со феноменот на деиндустријализација. Така, Македонија по 2010 година се најде само на половина од индустриското производство што го имала во 1990 година. Загубивме 20 години за враќање наназад кога сите грабаа напред. Затоа младите си заминаа и Македонија се испразни. Засекогаш и неповратно. Еве уште еден показател за погубните политики. Според официјални извори, во државата сѐ уште има околу 1.000 рамковно вработени што земаат плата без да одат на работа. Ако се пресмета дека трошоците за еден ваков „работник“ се во просек 500 евра месечно (плата и придонеси), може да се дојде до фрапантен заклучок дека изминативе над 15 години како што функционира ваквиот систем на отворена етничка корупција (за политички цели), државата потрошила приближно 100 милиони евра. Токму така, 100 милиони евра.
Попусто, поточно за седење дома. Што сѐ можело да се направи со овие пари, проценете сами.

И како што посочив и претходно, скапо стекнатата независност лесно ја прокоцкавме и заменивме со хронична зависност од туѓо мислење и влијание.
Како држава станавме зависни од некакви квазидоговори со кои се доведува во прашање нашиот опстанок. Почнувајќи од рамковниот договор во 2001 година, па серијалот пржински договори, Преспанскиот договор, па до договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција. Мислејќи дека лекуваме и надминуваме еден проблем, како држава се втурнувавме или нѐ втурнуваа во нови и нови зависности и неизвесности. И сето тоа најмногу поради неспособноста на политичките елити и немањето визија во кој правец треба да оди државата.

Веројатно сето ова е и причина што, според редица меѓународни истражувања, Македонија е меѓу најмалку среќните земји во светот, заедно со земјите од регионот. Можеби индексот на среќата во Македонија никогаш нема да се измери, и нема потреба да се прави тоа, но стремежот кон неа и кон подобра иднина останува право што им припаѓа на сите граѓани на оваа наша држава.
А, 8 септември, несомнено, е соодветен датум да се потсети и проговори за тоа.

[email protected]