Каква врска имаат слоновите и коронавирусот

Воведувањето карантин ширум светот поради пандемијата ѝ даде ретка можност на природата да живее без луѓе, но очигледно дека штетата е веќе направена и дека на природата, вака кревка како што ја оставивме, сега ѝ се потребни луѓето. Во минатиот век се уништени околу половина од тропските шуми, во кои живеат околу две третини од животинскиот свет на Земјата. Оваа сериозна загуба на животниот простор има влијание врз целокупниот екосистем

Каква врска имаат слоновите и коронавирусот? Наизглед никаква, Сепак, се чини дека пандемијата им го отежна и смени животот не само на луѓето туку и на слоновите, но и на другите диви животни, иако за тоа малку се зборува.
Една од поголемите грижи поврзани со пандемијата на ковид-19 на островот Пукет во Тајланд, каде што сум во моментов, а како резултат на тоталниот колапс на туризмот, е катастрофата што им се заканува на слоновите. Откако бројката на заразени жители на островот по прославата на овдешниот празник Сонгкран се зголеми на околу 300 вкупно (до пред десетина дена немаше ниеден), а мерките веднаш се заострија, почнав да ги следам локалните вести и она што ми падна во очи беше што добар дел од нив се однесува и на еден друг животински вид, освен на човечкиот.
Локалната заедница, која тука има ретка привилегија да живее во речиси недопрена, неверојатно богата природа со вегетација и фауна, е сериозно загрижена за опстанокот на петнаесетте спасени или, како што ги нарекуваат, „пензионирани“ слонови по децении експлоатација како туристичка атракција, кои живеат во тропската џунгла на првиот етички еколошки парк „Пукет елефант сенкчуари“.

Низ Тајланд има неколку вакви резервати, кои откако почна пандемијата, а бројката на посетители е сведена на минимум, едвај успеваат да ги нахранат животните, што не е нималку лесен ни евтин потфат, ако се знае дека на едно животно му се потребни меѓу 100 и 200 килограми храна дневно. За ова светилиште на слонови во Пукет, основано во 2016 година, ставањето клуч на врата додека не се вратат туристите – не е опција. Без разлика дали доаѓаат посетители или не, животните што живеат на 30 хектари џунгла во засолништето мора да се нахранат.
Некои од поголемите кампови веројатно ќе можат да ја надминат кризата, но помалите, со пониски приходи, се сериозно изложени на ризик од колапс, а „жителите“ на овие спасувачки центри можно е да се соочат со изгладнување. Хранењето на рехабилитираните слонови во овие резервати е голема и бесконечна задача. Активистите развиваат различни стратегии за помош на животните, вклучувајќи апели за јавно финансирање и приватни посети, а во тек е и онлајн кампања #datewithanelephant за собирање дополнителни средства.

Кризата што ја предизвика коронавирусот доведе до помал прилив на пари и за спречување на ловокрадството на диви животни, па, така, многу програми за спас на животните останаа без поддршка. Добро е познато дека во некои земји сѐ уште има голема побарувачка за слонова коска.
Воведувањето карантин низ светот поради пандемијата ѝ даде ретка можност на природата да живее без луѓе, но очигледно дека штетата е веќе направена и дека на природата, вака кревка како што ја оставивме, сега ѝ се потребни луѓето.
Во минатиот век се уништени околу половина од тропските шуми, во кои живеат околу две третини од целиот животински свет на Земјата. Оваа сериозна загуба на животниот простор има влијание врз целокупниот екосистем. Дури и ако не сте голем поборник за заштитата на животинскиот свет, доволно е да знаете дека ако исчезнат животните што се наоѓаат на врвот на синџирот на исхраната, животните од дното на синџирот, како глувците и стаорците, кои во себе носат повеќе причинители на болести, имаат тенденција да го заземат овој простор.

Секој вид има поинаква улога во екосистемот и понекогаш ако само еден вид се замени со друг, тоа може да има енормно влијание на ризикот од развивање болести. Тоа е причината поради која експертите постојано зборуваат за важноста на концептот „Уан хелт“, идеја дека сѐ е меѓусебно поврзано – здравјето на луѓето, екосистемот и животните. Мора да се пронајде подобар пат за посигурно да живееме заедно.
Минатата недела беше одбележан Денот на планетата Земја, 22 Април, но ништо вистински нема да се промени сѐ додека и овој ден поминува само со декларативни заложби за издигање на еколошката свест, но не и со вистинска акција. Не е доволно да се потсетиме на тоа само на овој ден, туку треба да имаме на ум секојдневно дека секој од нас со своето однесување, свест и постапки може да засади семе за подобра иднина.