За значењето на духовноста за Тарковски во создавањето на филмот „Андреј Рубљов“, кој првично е завршен во 1966 година, но во кината се појавува дури во 1971 година, откако од него биле отсечени повеќе од 20 минути. Годинава се навршуваат 55 години од создавањето на филмот и 50 години од неговата премиера

Половина век од култниот руски филм

„Откривањето на филмовите на Тарковски за мене беше како чудо. Одненадеж се најдов како стојам пред врата на соба чиишто клучеви, дотогаш, не ми беа дадени. Тоа беше соба во која отсекогаш сакав да влезам и во која тој се движеше слободно и лесно. Се чувствував вдахновено и инспирирано, бидејќи некој го кажуваше она што секогаш сакав да го кажам, без да знам како. Тарковски за мене е најголемиот, оној што измисли нов јазик, верен на природата на филмот, бидејќи го доловува животот како одраз, животот како сон.“
(Ингмар Бергман)

Андреј Тарковски е советски и руски филмски режисер и се смета за еден од најголемите и највлијателни режисери во историјата на светската кинематографија. Неговите филмови истражуваат духовни и метафизички теми, познати по бавното темпо и долготрајноста, по визуелните слики слични на соништа. Мотиви што се повторуваат во неговите филмови се сеќавања, детство, вода, соништа, придружени со оган, дожд, одрази, лебдење и ликови што се појавуваат во преден план во долгите движења на камерата.
– Секоја уметност, се разбира, е интелектуална, но за мене, сите уметности, филмот уште повеќе, мора да бидат емотивни и да влијаат на срцето – рекол своевремено режисерот, кој е добитник на неколку награди на Филмскиот фестивал во Кан и на „златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција за неговиот прв долгометражен игран филм „Ивановото детство“.

„Андреј Рубљов“ е вториот долгометражен филм на Тарковски. Првичната верзија на филмот (односно целосниот режисерски рез), која Тарковски ја нарекол „Страста на Андреј“, е долга 205 минути и е најдолгата верзија на филмот што постои. Филмот е првично завршен во 1966 година, но во кината се појавил дури во 1971 година, откако од него биле отсечени повеќе од 20 минути. Насловот „Андреј Рубљов“ обично се користи за скратената „официјална“ верзија. Темите на филмот вклучуваат уметничка слобода, религија, политика, создавање уметност под репресивен режим. Поради ова, филмот не бил прикажан во домашните кина во тогашниот Советски Сојуз, со официјално атеистички систем. Иако проблемите со цензурата ќе се обидат да го скратат и прикријат филмот многу години по неговото завршување, филмот ќе биде препознаен од многу западни критичари како еден од најголемите филмови на сите времиња.
Идејата за создавање на филмот првично му припаѓа на Василиј Ливанов, кој им предложил на Андреј Тарковски и Андрон Кончаловски да направат филм за рускиот врвен иконописец Андреј Рубљов. Предлогот бил иновативен до одреден аспект, бидејќи темата на христијанската духовност и црквата во советското кино не биле претходно допрени поради околностите што владееле во социополитичките услови од тие години. Идејата за снимање на филмот многу ги привлекла двајцата млади режисери и, како резултат на тоа, било напишано сценарио со повеќе од 250 страници, што е премногу за должината на еден игран филм (иако нема точно утврден стандард за форматот на едно сценарио за долгометражен игран филм, традиционално должината е помеѓу 95 и 125 страници. Во современата холивудска продукција сценаријата обично не се подолги од 114 страници, односно, постои едно непишано правило дека една страница од сценариото одговара на една минута филм). Затоа сценариото било поделено на кратки целини, кратки филмови со специфичен историски и биографски факт од животот на Андреј Рубљов.

Работата на биографски филм за Тарковски била ново креативно искуство. На прв поглед, „Андреј Рубљов“ лесно може да се сфати како историски филм за најпознатиот руски иконописец што живеел во 15 век. Дејството на филмот се одвива во средновековна Русија и ги опфаќа настаните од монголско-татарската наезда, паганските традиции, животот во православните манастири и борбите меѓу владетелите. Филмот е поделен на осум сегменти, кои хронолошки претставуваат различни периоди од животот на Рубљов во разни руски манастири, каде што се претпоставува дека творел.
И покрај фактот дека филмот „Андреј Рубљов“ е создаден на специфичен историски материјал, Тарковски се обидел да избегне објективизирање на личноста на херојот, обидувајќи се да ја пренесе визијата на авторот за светот.
– На платното, логиката на однесувањето на една личност може да се претвори во логика на сосема различни (навидум вонземски) факти и појави, а лицето што сте го знаеле може да исчезне од платното, заменувајќи се со нешто сосема друго, доколку е потребно, со идеја, што ќе го води авторот во неговиот однос со фактите. Можно е, на пример, да се сними филм во кој воопшто нема да има лик од крај до крај херој, и сѐ ќе биде одредено од „ракурсот“ на човечкиот поглед на животот – вели Тарковски.
Очигледна е сличноста на креативниот и животниот пат на создадениот филмски лик Андреј Рубљов со творечкиот пат на режисерот. Ова тврдење може да биде поткрепено со самото разбирање на креативниот пат на секој мајстор, кој отсекогаш бил тежок и обременувачки во рамките на постоењето во едно општество. Сепак, не е само оваа одлика што може да ја докаже сличноста меѓу Рубљов и Тарковски. Рубљов е познат по тоа што е великан на рускиот иконопис, а во формирањето на неговиот поглед на светот многу влијаела атмосферата на културниот бран од 14 и 15 век, кој се карактеризира со интерес кон духовните и моралните вредности.

Сево ова се одразило и во работата на иконописецот и неговите дела, кои се исполнети со убавина, хармонија и духовност. За Рубљов иконите и фреските биле знаење за животот и Бог преку уметноста. Можеби, сфаќајќи ја важноста на работата на уметникот, Тарковски ги создава приказните за филмот како што Рубљов ги создава своите икони, дарувајќи ѝ на секоја од нив длабочина, значење и став кон одреден период од животот на уметникот.
Филмот започнува со пролог во кој еден селанец полетува со балон од купола на црква. Овие кадри ја содржат естетската доминанта на филмот – моќниот духовен порив е прикажан доста материјално, круто, реално, а значењето на оваа мала поетска парабола е јасно: слободниот дух е посилен од сите околности. Желбата за слобода, летањето го возвишува човекот, без оглед на околностите. Овој пролог е многу важен за Тарковски и за основната идеја на филмот, бидејќи ги покажува концептот на слобода и „креативниот лет“ на уметникот.
„Андреј Рубљов“ завршува со решение во боја, кое ќе ја разбие црно-белата текстура на целиот филм, со кадри во кои преовладуваат силна светлина и бојата на светите икони и фрески на Рубљов. На овие снимки се чини дека камерата се крева и лета над делата на иконописецот, имитирајќи го летот не на човек како во прологот туку на возвишена душа. Отпрвин не е јасно видливо што е прикажано на платното: погледот се задржува на светлосните геометриски цртежи, на различните детали на облеката, прикажаните светци, на боите на пејзажите. Потоа се појавуваат поостри контури на купола на црква, ангел, коњаниците од иконата Влегување во Ерусалим, Христос опкружен со херувими, фигурите на апостолите, Јован Крстител, Богородица итн.

Тарковски се обидел да се справи со проблемот со духовното пропаѓање на современиот човек од индустриското и постиндустриското време обидувајќи се да го оспори нашето разбирање за јавната и личната историја како линеарен и еднонасочен проблем. „Андреј Рубљов“ на прв поглед се чини дека е историски филм, но сепак, наместо објективна претстава на историјата, Тарковски го поетизира времето претворајќи го во индивидуална драма. Тој го разбива концептот на историски биографски филм како линеарна прогресија на настаните и го претвора времето на историјата во време на субјективно размислување. Тоа го прави со усвојување на темпоралноста на иконите во обратната перспектива (за разлика од „вистинската“ перспектива, обратната перспектива или наречена и византиска перспектива ја има како условен центар гледната точка на гледачот и со оддалечувањето во пространството од таа гледна точка, објектот не станува помал, туку поголем). Обратна перспектива во чист вид не се сретнува во уметноста, туку има само условен карактер и се смета за мисловна или семантичка перспектива, таа е главна карактеристика на нивната циклична привременост и духовна супстанција.

Најочигледна манифестација на цикличното време во „Андреј Рубљов“ е појавата на повторливи визуелни мотиви што изгледаат како повторно воспоставување на духовните идеали како што се верата, жртвата, љубовта, креативноста итн.
– Кое е значењето на животот на човекот на Земјата? Можеби сме тука за да се подобриме духовно. Ако нашиот живот е склон кон ова духовно збогатување, тогаш уметноста е средство да се стигне таму. Уметноста постои за да им помогне на луѓето да растат духовно. Уметноста ги збогатува духовните способности на човекот за да може да се издигне над себе со употреба на она што го нарекуваме „слободна волја“ – изјавил Андреј Тарковски во интервју со Донатела Баљиво во 1983 година.

Жарко Иванов