ЕУ-честитка за Македонија: Искрени желби за нови разочарувања

По стариот добар обичај, Европската Унија и овој декември ги почести македонските граѓани со стандардното новогодишно разочарување, гест што го практикува добри триесетина години, а како што стојат работите, ваквата „традиција“ ќе продолжи и во иднина.
Токму така, повеќе од извесно е дека ќе продолжи и во следните години, бидејќи ЕУ стана неинвентивно, зачмаено и предвидливо друштво, во кое веќе нема ниту „е“ од европските вредности и во кое владее консензуална грижа за етноцидни политики што ги спроведуваат некои од нејзини членки.
Затоа и последното отстранување на временската рамка што ја постави словенечкото претседателство од заклучоците на Советот на ЕУ претставува нов пораз на европските политики, кои сè повеќе стануваат ултимативни, наместо разумни. Без оваа временска рамка, која влеваше барем некаква надеж, сега ќе чекаме таа некоја прва меѓувладина седница да се случи „што поскоро“, односно протолкувано малку попрецизно „никогаш, а можеби дури ни тогаш“.
Ова веќе не може да се нарече никако поинаку освен како класично изживување на ЕУ со Македонија. Повеќе од јасно е дека без оглед на сите приказни за наводен невиден притисок врз Бугарија, сега со отстранувањето на временската рамка Унијата ѝ го даде сето време на располагање на Софија да може слободно да ја уценува Македонија во недоглед, сè додека не бидат исполнети нејзините барања. Новиот бугарски премиер Кирил Петков најави некаков нов пристап и решавање на спорот во следните шест месеци, но и самиот е свесен дека колку и да е демократски настроен и искрен во намерите да не ја блокира соседната земја на патот кон ЕУ, порано или подоцна, ќе биде притиснат од старите структури во земјата, кои никогаш не ја напуштија синтагмата „еден народ во две држави“ и кои нема да му дозволат да отстапи од позициите во бугарската декларација. Затоа се и реакциите кај дел од овдешните политичари дека шест месеци е долг период, бидејќи знаат дека ќе се изгуби половина година, а ништо нема да се реши.
Колку за потсетување, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во времето кога беше само искрен левичар, моторџија и лидер во кого левичарите гледаа некој грчки Че Гевара, во духот на левичарската солидарност своевремено изјавуваше дека не гледа проблем соседната држава да се нарекува Република Македонија, а народот Македонци. Но кога ги почувствува благодатот и моќта на власта, сето тоа дополнето со политичкиот притисок, експресно ретерираше од тие позиции и почна да ги повторува истите негаторски мантри на династиите Папандреу и Мицотакис. Дури успеа да ја избоксува Преспанската спогодба, која на Грција ѝ донесе нешто за што ниту најтврдокорните грчки националисти не се надеваа дека може да се случи, ексклузивитет на терминот „Македонија“ и „ерга омнес“.

Далеку од тоа дека истата судбина му ја посакуваме на Петков, но тој наместо да се занимава со Македонија во следните шест месеци, како што најави, повеќе од сигурно е дека ќе мора да се посвети на проблемот со корупцијата во земјата, со лошото судство, со заживување на економијата и другите внатрешни проблеми, кои воопшто не се малку. Впрочем, и најновиот извештај на Евростат покажува дека бугарските граѓани се со најслабата куповна моќ во ЕУ, а истите тие граѓани од него ќе бараат резултати и подобра живеачка. Затоа овие шест месеци што ги најави Петков, со искрена надеж да грешам, тешко дека ќе дадат резултати во однос на нашата земја, особено кога повторно на крајот ќе се појават прашањата за идентитетот и јазикот. Времето ќе си помине, а Македонија и во јуни ќе ја добие истата полугодишна „честитка“ од ЕУ, преполна со „искрени желби“ за уште повеќе разочарувања во иднина.
Она што е најфрустрирачко во целата ситуација не е толку Бугарија, колку што е однесувањето на Унијата кон Македонија. Европа буквално си поигрува со земјава, а најстрашно од сè е што или не ги гледа или не сака да ги види последиците што ќе произлезат од таквото нејзино однесување. А последиците веќе ги чувствуваат македонските граѓани.
Поради тоа поигрување топло-ладно, односно датум до крајот на годината, па датум „што поскоро“, земјава се соочува со сериозна политичка криза, која некому од страна можеби и не му изгледа толку сериозно, но тука таа сè повеќе се чувствува.
Во време кога граѓаните се соочуваат со здравствена, енергетска и економска криза, во земјава се случуваат политички превирања што се предизвикани токму од тоа играње топло-ладно од страна на ЕУ. Веќе никој тука не знае дали Македонија реално има влада или владее некаква предвладина состојба во која некој чека датум, некој влада. Во такви услови, без никаква европска перспектива во моментот, прашање е како би течеле некакви реформи, кој ќе се бори против корупцијата, кој ќе ѝ помогне на економијата, на здравството, како да се подигне квалитетот на образованието, како да се вработат луѓе во согласност со нивните квалитети и дали некој воопшто мисли на нови енергетски капацитети…

Ова се вистинските прашања на кои македонските граѓани треба да добијат одговор, а не изговори од типот дека кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, сето тоа ќе се оствари оти ќе има контрола од страна на Брисел. Па, ако ни треба контрола од страна, зошто воопшто и ги имаме институциите? Унијата, откако си го погази дадениот збор по промената на уставното име на земјава, веќе нема никаков кредибилитет меѓу македонските граѓани, така што утре тука некој да се осмели да направи еден консултативен референдум чисто да види дали има интерес за европскиот курс на земјава, ќе увиди дека малкумина се тие што уште сакаат Македонија да стане членка на ваква ЕУ, особено ако цената што треба да се плати за таквото членство биде самоукинување.
Можеби истата таа Европа да не подгреваше лажни надежи сите овие 30 години и да не поддржуваше геноцидни политики ќе беше многу поценета, но вака самата се девалвира и повеќе ништо нема да биде исто, дури и денес да ни го дадат датумот.
На крајот, што ни преостанува? Ништо страшно. Утре е нов ден. Ќе ги видиме насмеаните лица на европските челници наредени во три-четири реда, небаре хор, како се сликаат по „успешниот“ состанок, понекоја вештачка насмевка додека се ракуваат меѓу себе, ќе слушнеме охрабрувачки пораки дека „реформите мора да продолжат“ и дека „ЕУ ги цени напорите на Македонија и ја чека што поскоро во своето друштво“ и така некако би завршила декемвриската сеанса, по која сите ќе си заминат на празничен одмор.
Од ЕУ толку, а со Бугарија може многу да се направи. Пред сè, да му посакаме многу успех во работата на новиот бугарски премиер Петков и да го реализира сето она што го замислил.
Ако неговата визија е да изгради блиски и искрени односи со Македонија, необременети со прашањата кои сме, како се чувствуваме и на кој јазик зборуваме, тогаш од оваа страна ќе ги добие најверните пријатели. Толку малку е потребно…