ЕП за почит и за полза

Во ракометот на пример сериозната работа постојано, со години, донесе тој спорт да биде единствен од екипните спортови што, на пример, има репрезентативни успеси во низа и, најважното, во тој спорт постојано се создаваат нови млади играчи. Фудбалот сега има одлична основа да се придвижи уште повеќе напред. Овој успех на репрезентативниот сениорски фудбал можеше да се насети, по младинската најава во 2017 година, а сега е важно и тоа што одново се најавува со своите резултати од младинскиот дел. На македонскиот спорт му се потребни меѓународни успеси, но за постојаност секогаш му се попотребни успеси и на младите категории во европски и во светски рамки, затоа што тоа е показател за стручна и квалитетна работа, но и најава за такви меѓународно мерливи резултати на сениорско ниво во скора иднина. А од базата тргнува сѐ

Приказна со сличен крај приближно секои две години се повторуваше околу настапите на македонската фудбалска репрезентација, по квалификациите за светските и за европските првенства. Сѐ до сега. Македонија никогаш не беше подобра од 4. место во квалификациската група, сѐ до циклусот за пласман на Европското првенство во 2020 година, кога беше освоено третото место. Црвено-жолтите во минатото не беа блиску до пласман на големо меѓународно натпреварување, а в година ќе настапат на континенталниот шампионат, откако победија во плејофот на Лигата на нациите.
Најголемиот фудбалски успех на сениорската репрезентација е резултат за почит и истовремено достигнување што неизоставно треба да се ползува, за да не се запре тука, туку по овој фудбалски бран да следува нов исчекор.
Македонската фудбалска селекција неодамна го заокружи тоа што го најавуваше, сега останува потешкиот, но и посладок дел, да игра на големата европска фудбалска сцена. Овој успех на репрезентативниот сениорски фудбал можеше да се насети, по младинската најава, со дебитантскиот пласман на Европското првенство што во 2017 година се играше во Полска, за фудбалери до 21 година. Но за да се наредат сите коцки требаше време, кое неодамна пристигна.
Така, успесите веќе не се само желба. А од оваа успешна приказна, уште поважни се придобивките. Така, на пример, многу е важно тоа што новите генерации сега имаат и јасна, иако и доста висока, цел – да ги престигнат успесите, прво на младите, а потоа и на сениорите. А рецептот на успешните е токму тоа – целите секогаш да се поставени високо и да не се запре додека не се достигнат, оти во спортот нема пократок пат.

Но сега е важно и тоа што одново се најавува со своите резултати, од младинскиот дел. Така, по генерацијата од Полска во 2017 година, селекцијата за играчи до 21 година има нови одлични меѓународни резултати, кои не се преточија во ист таков успех како на селекцијата од пред три години само поради сменетите правила од Европската фудбалска унија за пласман на шампионатот, во ова време на пандемија на коронавирусот.
Затоа второто место во квалификациската група не донесе настап на Македонија во плејофот за играње на собирот на најдобрите европски репрезентации, туку на Европското првенство во 2021 година директно се пласираа и пет репрезентации со најдобар скор меѓу второпласираните селекции.
Но фудбалот во Македонија секако добива нова потпорна точка, врз која може да се гради иднината, а тој успех да стане нов замаец. Тоа што нова генерација на македонски фудбалери беше конкурентна е само уште еден добар знак за сениорската репрезентација, која прво доби едно дополнување со младинците од 2017 година (откако пред две години играа на Европско првенство за фудбалери до 21 година, петнаесетина репрезентативци од таа генерација сега се во сениорската селекција, многу од нив како стандардни фудбалери на најдобриот тим), а сега за следните циклуси ќе може да има нови засилувања.

Во ракометот на пример сериозната работа постојано, со години, донесе тој спорт да е единствен од екипните спортови што, на пример, има репрезентативни успеси во низа (редовно се игра на европските и на светските првенства, а селекцијата двапати настапи и во олимписки квалификации) и, најважното, во тој спорт постојано се создаваат нови млади играчи.
Фудбалот сега има одлична основа да се придвижи уште повеќе напред, клубовите да создаваат одлични младински генерации, а условите за нив сега може да бидат уште подобри.
На македонскиот спорт му се потребни меѓународни успеси, но за постојаност секогаш му се попотребни успеси и на младите категории во европски и во светски рамки, затоа што тоа е показател за стручна и квалитетна работа, но и најава за такви меѓународно мерливи резултати на сениорско ниво во скора иднина. А од базата тргнува сѐ.
Од екипните спортови, во ракометот на пример, кој тоа го прави во континуитет, младинската круна дојде со шестото место во светот на Мундијалот во 2017 година, истата година во која фудбалерите дебитираа на младинскиот континентален шампионат. Играњето на големи натпреварувања, светски и европски првенства, за ракометарите е секојдневие токму и поради дополнувањето на составот со младинската продукција. А фудбалот сега е на тој пат.

[email protected]