Длабок поклон пред македонското знаме

Сега повеќе од кога било во Македонија, во моменти кога македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик, историја се нападнати од наметнатиот спор со Бугарија, треба да ги почитуваме и вреднуваме своите национални симболи и обележја. Знамето било и останало главна одлика за непокорот на Македонија и тоа било и останало светло на надежта за подобро утре на нашата држава. Македонското знаме ќе продолжи да се вее високо на небото и насекаде во светот

„Знамето е олицетворение на една нација, нејзиниот народ и историја, тоа е многу повеќе од само едно парче ткаенина за територијално обележје“. Овие мудри зборови ги кажал некогашниот американски претседател Вудро Вилсон за значењето на националното знаме за една држава и нација, на кои треба да се потсетиме во моменти кога Македонија токму в сабота, на 15 мај, го одбележува Денот на македонското знаме.
Националното знаме, грбот и химната, како во секоја земја во светот, така и во Македонија, се највисоките државни обележја. Овие национални симболи се употребуваат во државата и во странство во согласност меѓународното право и одредбите на домашниот закон за употреба на знамињата. Од 2010 година досега, со одлука на Владата беше воведена практика за подигнување на македонското знаме на јарболите во државата, но таа очигледно повеќе заживеа меѓу граѓаните и на социјалните мрежи отколку во државата како посебен национален празник.
Имено, на многубројните државни празници, политички настани, спортски и културни манифестации, но и на мисиите на НАТО на Блискиот Исток, нашите граѓани добро знаат колку е битно да се подигне националното знаме на јарболот, а истото тоа важи и кога се исполнува националната химна. Секој што ги разбира тежината и значењето на националните симболи оддава почит пред државните обележја на Македонија, бидејќи со тој чин се покажува и значење на припадност кон својата земја.
Македонија има свој закон што ја регулира употребата на националните симболи. Имено, според Законот, знамето на Македонија се подига и спушта, истакнува и симнува, односно пренесува, со вообичаени почести (станување и војничко и полициско поздравување).

При истакнувањето, знамето на Македонија не смее да допира до ништо што се наоѓа до или под него, а дополнително законска обврска е оние што го симнуваат знамето од јарболот да не смеат да спуштат ниеден негов дел да го допира подот или кој било друг предмет.
Во законот на нашата земја, во членот 8, се напоменува и дека грбот и знамето на Македонија не смеат да се употребуваат ако се дотраени, неуредни, искинати или на друг начин оштетени, или со својот изглед се неподобни за употреба.
Сето ова покажува колкави се значењето и тежината на националното знаме како симбол на државноста и самобитноста на македонскиот народ.
Македонската историја памети примери во кои нашата држава по притисок и уцена од надвор го менувала изгледот на највисокото национално обележје – знамето. Имено, актуелното „македонско сонце“ е усвоено во Собранието во октомври 1995 година. Но идејата за национално знаме на Македонија се јави неколку години по осамостојувањето од Југославија, кога тогашните парламентарци на државата за национален симбол го користеа црвено знаме со 16 краци и сонцето од Вергина-Кутлеш. Сепак, ова знаме неколку години подоцна е променето во сегашниот актуелен изглед, како резултат на дипломатските притисоци од страна на Грција и непосредно пред потпишувањето на Привремената спогодба со соседот. На 5 октомври 1995 почна да се користи новото македонско знаме, кое е дело на академскиот сликар Костадин Танчев-Динка.
Оттогаш досега македонско знаме го има на јарболите пред седиштето на ОН во Њујорк и пред штабот во Брисел на најмоќната воена алијанса НАТО.
Практиката за почитување на националните симболи, особено на знамето на државата, секаде во светот е на највисоко можно ниво. Типичен пример за највисока почест кон знамето може да се види во Америка, која на 14 Јули го празнува своето национално обележје.
Имено, оваа држава положува големо внимание на употребата на својот национален симбол, а тоа е видливо на сите телевизиски филмови, музички спотови, но и на големите спортски настани пресликани во мечевите на најсилната кошаркарска лига НБА. На секој агол, од секоја улица и дури со закон на домовите од куќите задолжително се вее американското знаме.

Таму ниту една манифестација не поминува без највисоки почести кон знамето.
Но вакви и слични примери во светот има многу, тие се видливи во сите краишта во светот, од Азија, преку Европа, па до Африка и Австралија. Секоја од државите во светот силно го вреднува своето национално обележје. За жал, односот кон македонското знаме на одредени поединци и структури во државата понекогаш не е во согласност со светските трендови. Доста често во нашата земја, повторно од одредени групи или структури, се истакнува и националното знаме на други држави, кое се велича и слави повеќе отколку македонското знаме, како единствено национално обележје и симбол на македонската државност и унитарност. Примери за вакви прекршувања и веење туѓи знамиња, особено на албанското знаме, има доста, а најмногу на 28 ноември, кога албанското малцинство во земјата го празнува Денот на знамето на соседна Албанија. Пред некое време на ѕидините на Самуиловата тврдина беше закачено огромно албанско знаме од страна на претставници на фолклорна група.
Токму затоа, сега повеќе од кога било во Македонија, во моменти кога македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик, историја се нападнати од наметнатиот спор со Бугарија, треба да ги почитуваме и вреднуваме своите национални симболи и обележја.

Во правец на јакнење на националната свест можеби треба да се разгледа и размисли и за воведување национален празник на македонското знаме. Тој би се темелел на досегашната практика, која постои од 2010 година, но и би личел на искуствата од САД. Овој празник на Денот на македонското знаме би ги зголемил чувствата за патриотска поврзаност во нашата земја, во екот на тешките времиња, кога се води битка на повеќе фронтови за одбрана на македонскиот идентитет. Симболите што означуваат традиција и гордост на македонскиот народ, како нашето знаме, може да помогнат народот да ги издржи притисоците и да извојува победа во која Македонија би станала иден член на Европската Унија. Знамињата биле и останале главна одлика за непокорот на Македонија и тие биле и останале светло на надежта за подобро утре на нашата држава. Македонското знаме ќе продолжи да се вее високо на небото и насекаде во светот.

[email protected]