Администрација во колективна хибернација

Настрана комплетната нефункционалност и на службите и на нивните електронски системи, неизбежниот впечаток дека целиот амбиент, од никогаш воспоставеното прецизно следење на процедурите, преку самиот изглед и настап на службениците, до целото нивно правливо, замастено, руинирано и често со лебарки и со разни други штетници пренаселеното опкружување, во кое луѓето се принудени и со часови да го чекаат својот ред без можност за користење еден пристоен тоалет, но и секојдневно да ги одработуваат своите осум часа, создава сосема јасна слика на длабоката депресија во која се наоѓа не само државната туку и воопшто јавната администрација, тој нервен систем на секое општество

Неодмерената, непромислена или, би можело да се каже и, претерано смела констатација на актуелниот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири дека „реформата на државната администрација оди кон последната фаза“, многумина ги натера да се запрашаат што пропуштиле или барем да проверат дали сѐ уште живеат во истата држава. Некои, веројатно, помислија и дека под „последната фаза“ министерот можеби го подразбира конечниот крај, пропаст на оваа, веќе предолго време, запоставувана машинерија.
Вистина, наведената конструкција јавноста не ја слушна директно од устата на министерот туку ѝ беше испорачана во форма на соопштение по завчерашното одржување на деветтиот состанок на Советот за реформа на јавната администрација, на кој, како што исто така беше соопштено, присуствувале министри и претставници на сите министерства и институции во Македонија, локални и странски експерти ангажирани во проектот „Поддршка на државната реорганизација“, како и премиерот Зоран Заев и, се разбира, ресорниот министер Шаќири. И го заклучиле тоа што го заклучиле, барем според соопштението што го дистрибуираше надлежното министерство.
Но случајно или не, уште истиот ден, како неоспорен демант на констатираното дојде информацијата и од Државниот завод за ревизија, според која, речиси 90 отсто од јавните набавки за време на пандемијава биле спроведени мимо утврдените процедури. А набавките, како што е познато, ги реализира токму администрацијата. Вистина, администрацијата формално е обврзана набавките да ги реализира во согласност со Законот за јавни набавки, таков каков што им го спакуваа законодавците и, се разбира, следејќи ги повеќе или помалку директни „сугестии“ на партиските комесари олицетворени во министри, заменици и помошници на министрите, директори и нивните заменици и помошници, сосе придружниот персонал составен од разни советници, секретари и потсекретари, возачи и кафеготвачки, стратегиски распоредени низ државните институции за да штитат и остваруваат секакви други, само не јавни интереси.

Така, според Заводот за ревизија, без сметководствена евиденција, надвор од процедури и протоколи за приемот, се распределувала и користела нефинансиската помош поврзана со ковид-19 и тоа е само една од забелешките на начинот на кој се управувало со донациите што земјава ги добивала од дома и од странство. Таквата состојба не била карактеристична само за Министерството за здравство, кое рака на срце, во изминатиов период беше изложено на најголемиот притисок, туку кај други институции имало дури и поголеми пропусти.
Граѓаните, пак, тоа секојдневно го чувствуваат на сопствената кожа, при обидите за остварување на некои од нивните граѓански права, независно дали тоа се однесува на остварувањето на правото на здравствена или социјална заштита и помош, добивањето некој документ, правната заштита или на заштитата на правото на чист воздух. Стопанството, исто така, како голем хендикеп ја опишува соработката со државната и со јавната администрација. Насекаде се соочуваат со, најкусо речено, неефикасна помош и услуга без оглед на тоа што голем дел од заработувачката што ја остваруваат граѓаните како индивидуи и како дел од стопанските субјекти, по силата на законот, е насочена токму за одржување во живот на истата ’рѓосана машинерија.
И покрај тоа што хроничната неефикасност на државната и на јавната администрација во земјава, која за волјата на вистината е поголем или помал хендикеп на сите современи општества, освен низ таканаречената перцепција на граѓаните и на стопанствениците, завчера којзнае по кој пат беше потврдена и низ егзактни показатели на надлежниот државен орган, крајниот недостиг од самокритичност или, можеби, едноставно незаинтересираноста нештата да се согледаат низ објективна призма од страна на луѓето од Владата, кои присуствуваа на споменатата средба, резултира со уште една заблуда дека администрацијата, ете, само што не е реформирана.

И покрај тоа што хроничната неефикасност на државната и на јавната администрација во земјава, која за волјата на вистината е поголем или помал хендикеп на сите современи општества, освен низ таканаречената перцепција на граѓаните и на стопанствениците, завчера којзнае по кој пат беше потврдена и низ егзактни показатели на надлежниот државен орган, крајниот недостиг од самокритичност или, можеби, едноставно незаинтересираноста нештата да се согледаат низ објективна призма од страна на луѓето од Владата, кои присуствуваа на споменатата средба, резултира со уште една заблуда дека администрацијата, ете, само што не е реформирана

Сосема поинаков ефект ќе имаше ако владините претставници, наместо на деветтата по ред седенка, ги однесеа локалните и странските експерти во некоја од чекалниците на јавните здравствени и социјални установи, судовите, службите за матична евиденција и за издавање лични документи…, па дури и во канцелариите на службениците, кои се „истурени“ за да ги апсорбираат општото незадоволство и револтот на корисниците на нивните услуги од „успехот“ на наведените реформи.
Настрана комплетната нефункционалност и на службите и на нивните електронски системи, неизбежниот впечаток дека целиот амбиент, од никогаш воспоставеното прецизно следење на процедурите, преку самиот изглед и настап на службениците, до целото нивно правливо, замастено, руинирано и често со лебарки и со разни други штетници пренаселеното опкружување, во кое луѓето се принудени и со часови да го чекаат својот ред без можност за користење еден пристоен тоалет, но и секојдневно да ги одработуваат своите осум часа, создава сосема јасна слика на длабоката депресија во која се наоѓа не само државната туку и воопшто јавната администрација, тој нервен систем на секое општество.

Но „реформаторите“, очигледно, не се ни обидоа да ја согледаат состојбата на теренот за потоа да теоретизираат и да се гордеат со своите постигнувања, меѓу кои, патем, речиси во правило се потенцира, повеќе или помалку, задоволителното ниво на соодветната и правична застапеност на етничките и на разни други малцински заедници во администрацијата. Од силните седенки, веројатно не успеаја да видат оти токму од моментот кога почнаа да се форсираат тој и на него сличните критериуми, целата администрација, што од недоученоста, незаинтересираноста и немотивираноста, што од незадоволството и револтот поради нееднаквото вреднување, протекциите и (не)селективноста, почна да тоне во пасивност, која со години се претвори во длабока хибернација, со таа разлика што животните сепак се будат секоја пролет и остануваат активни до крајот на есента, додека поголемиот дел од администрацијата, по сѐ изгледа, освен во не баш кратките паузи за годишен одмор, боледување или за некоја тезга, планира да сонува сѐ до пензија.

[email protected]