Каква иднина не сакаме

285

А додека на ниво на Обединетите нации, меѓу другото, се дебатира за тоа каква иднина сакаме, многумина ќе се согласат оти тука, во Македонија, веќе е јасно каква иднина не сакаме. Не сакаме иднина што ќе ни биде иста како сегашноста или минатото, со постојани политички кризи и блокади, речиси редовни предвремени парламентарни избори што резултираат со сѐ понефункционални влади и со константна неизвесност…

Кога пред 75 години во Сан Франциско беше потпишана Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, претставниците на 50-те држави потписнички беа под непосреден и силен впечаток на ужасите од двете светски војни, поради што низ децениите потоа врвен приоритет на оваа организација беше постигнување траен мир во светот. Но остварувањето на оваа цел не само што се покажа како невозможно туку се појавија и голем број нови предизвици пред кои организацијата, најблаго речено, потклекна. Деновиве, додека поради мерките за заштита од ширењето на коронавирусот, во онлајн формат, се одвиваат активностите во рамките на годинашново, според некои оцени, историско заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, не без причина, се поставува прашањето за оправданоста и одржливоста на целиот систем.

Какви одговори и да донесат дебатите на зададената тема „Иднината што ја сакаме, ОН ни требаат: Потврдување на нашата колективна определба за мултилатерализам“, на сите веќе одамна им е јасно дека со сегашната поставеност, односот на силите и со окоравените структури на оваа организација, каков било заклучок тешко дека ќе биде спроведен.
И пред пандемијата на коронавирусот да ги парализира и светот и оваа светска организација, токму случајот со промената на името на Македонија беше еден од пресвртните, кои ја разоткрија сета нефункционалност на нејзините механизми. Без некои посебни тешкотии можат да се најдат и многу други мрачни моменти што би требало да ја оптоваруваат совеста на ОН и, за жал, уште многу повеќе жртви на сите кризи и противречности на современиот свет. Последните искуства со одговорот на Светската здравствена организација, како еден од механизмите на ОН, на пандемијата на коронавирусот, само им удрија печат на таквите размислувања.

И по сето тоа, многумина велат дека нема алтернатива за оваа организација, што не е без основа. Но веќе одамна стана неосновано тоа што некои држави, меѓу кои и Македонија, предолго се потпираа и премногу очекува од оваа, но и од други меѓународни организации и институции. Настрана тезите слични на онаа за неизбежниот судир помеѓу суверенизмот и глобализмот и други теоретски расправи, реалниот живот секојдневно наметнува потреба од практични решенија, а тие мора да се бараат како на глобално ниво така и на ниво на државите. На ниво на државите уште повеќе, затоа што патот е пократок и побрзо може да се дојде до нив. А многу држави, меѓу кои повторно и Македонија, се повлечени од трендот на замирање на сопствените функции, пред сѐ на заштитни и на социјални, сериозно тежнеејќи кон своевидна автодеструкција.
Самиот факт дека, по инсистирањата за брзи предвремени парламентарnи избори, недозволиво бавно за ситуацијава, се приведува кон крајот процесот на формирањето на власта, на пример, доволно зборува. Додека јавноста чека решенија за проблемите што ги предизвика и сѐ уште ги предизвикува пандемијата, но и за мирновременските, тековни, политичките елити водат подземни борби за кадровски решенија.

И ако Обединетите нации можат, а се покажа дека можат, да си го дозволат луксузот, од најнадежен планетарен проект, да бидат сведени на протоколи и симболика, националните влади, а пред сѐ македонската, не би смееле ни да се обидат да го игнорираат моментот, зашто во услови на војна со пандемијата, во земја со ограничени ресурси, секој ден е борба

И ако Обединетите нации можат, а се покажа дека можат, да си го дозволат луксузот, од најнадежен планетарен проект, да бидат сведени на протоколи и симболика, националните влади, а пред сѐ македонската, не би смееле ни да се обидат да го игнорираат моментот, зашто во услови на војна со пандемијата, во земја со ограничени ресурси, секој ден е борба.
Граѓаните – пациенти и нивните семејства, здравствени работници, ученици, родители и наставници, земјоделци, стопанственици и работници… – чекаат решенија, конкретни и одржливи мерки и помош, исполнување на најавите и ветувањата.
А додека на ниво на Обединетите нации, меѓу другото, се дебатира за тоа каква иднина сакаме, многумина ќе се согласат оти тука, во Македонија, веќе е јасно каква иднина не сакаме. Не сакаме иднина што ќе ни биде иста како сегашноста или минатото, со постојани политички кризи и блокади, речиси редовни предвремени парламентарни избори што резултираат со сѐ понефункционални влади и со константна неизвесност, кои и без пандемијата ги парализираат процесите, дури и поефикасно од фамозното право на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации.

[email protected]