Вакво пријателство!? Не, благодарам!

Нема ништо пријателско доколку сите подрачја од политика, транспорт до трговија се уназадуваат или не напредуваат, а со булинг, со силеџиство се бара политичка одлука за историски прашања!

Скорешните изјави на бугарски политичари, како и информациите од ЕУ дека за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ имало тешкотии од една членка, која барала билатералниот спор да влезе во ЕУ-преговарачката рамка, не може, а да не предизвика лутина и бес! Навидум проблемот се сведува на „Делчев да стане Бугарин“ и тоа само по себе е доволно за лутина, но барем кај мене лутината е повеќеслојна.
Позициите и заложбите за добрососедство и тие емотивните и тие рационалните во изминатите осум години ги презентирав во десетици и десетици мои коментари за весников, од кои ќе ги издвојам „И роднини и душмани“ од декември 2012 година и „И роднини и добри соседи 1 и 2“ од април 2013 година. За соседските односи на Балканот главниот негативец во филмот „Трето полувреме“ вели дека на Балканот народите се „или роднини или душмани“, јас велам не „или“ туку ние сме буквално „и роднини и душмани“. Нашата лутина е дека предизвикот за добрососедство е асиметричен, бидејќи ние не оспоруваме ниту еден сосед и ниту негов идентитет.

Ние и се трудиме повеќе: Македонија е перципирана како пријателска од повеќето земји од Балканот и во Македонија не доминираат антисоседски чувства. Оттука може да се разбере лутината поради асиметричноста, неправдата, смееме да бидеме лути, но мора да размислуваме рационално, што можеме ние повеќе да направиме за добрососедството, за да бидеме само роднини, а не и душмани, тогаш ќе бидеме и добри соседи.
Позициите на Бугарија се јавно објавени во „Бугарската политика спрема Република Македонија“, издадена од фондацијата „Манфред Вернер“ во 2008 година. Тезата е дека Македонците се творба на Тито и Коминтерната и дека по 1944 година постои македонски народ, посебен од бугарскиот. Македонскиот народ се ограничува територијално, на Република Македонија и временски, од 1944 година (АСНОМ), со тоа да се отстрани ризикот по сопствената територија и по „сопственоста“ на историјата и дејците од Македонија – „најромантичниот дел од бугарската историја“.
Без обѕир колку е тешка позицијата на Бугарија, што можевме, а не направивме?
По првата заедничка седница на македонската и бугарската влада во ноември 2017 година, немаше последователни средби.

Потоа во 2018 година имаше заедничка седница со српската, а последна беше заедничката седница со црногорската влада во мај 2019 година. Македонија во 2019 година се приклучи на иницијативата мини-шенген со Србија и со Албанија, каде што Бугарија не е вклучена, наспроти Берлинскиот процес, каде што Бугарија е вклучена и Софија е местото за следната средба. Интензитетот на комуникации меѓу Скопје и Софија се намалува, делумно и поради короната. Но дали е само тоа? Дали се повторува времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога предизборно и постизборно имаше срдечни односи, кои се заладуваа како што мандатот изминуваше?
Не само што опадна ентузијазмот за политичките односи туку не се случи ништо во подобрување на транспортната поврзаност! За многумина од нас добрососедство значеше полесна и побрза комуникација меѓу Скопје и Софија, како и Приштина и Тирана. Ниту Скопје, ниту Софија направија нешто во таа насока. Ај што не ставија метар асфалт, не направија ништо и во раздвижувањето на заспаните гранични премини. Уште полоша е состојбата кон Косово, каде што ниту се одржа заедничка владина седница, ниту се направија целите 2 км автопат кон Косово, за кои имаше свеченост, додека Косово го направи автопатот до граница. А Бугарија и Косово се втор и трет извозен партнер на Македонија. И не дека е вината само на Заев и СДСМ. За разлика од Бугарија, Србија го комплетира автопатот на Коридорот 10 кон Македонија и најави модернизација на железницата кон Македонија.
Не напредуваат ниту трговски односи, Бугарија во 2020 година не е меѓу петте најголеми трговски партнери на Македонија, а меѓу нив покрај Германија, Британија и Кина се Србија и Грција.

Е сега тука е дилемата дали е ова само неспособност на Владата, особено во делот на капитални вложувања или, пак, станува збор за стратегија спрема соседите. Без разлика дали е неспособност или стратегија, тоа не може да биде компензирано со „Делчев да стане Бугарин“.
Комисијата за историја, која требаше да биде историска, Бугарија во почеток ја направи политичка, со именувањето на Ангел Димитров за копретседател. Ангел Димитров можеби е историчар, но беше амбасадор на Бугарија во Македонија, и со тоа беше претставник на бугарската држава и политика. Сега гледам изјави од провладини коментатори дека Зоран Заев треба да го води процесот за Гоце Делчев. Па нели овој процес требаше да им се остави на историчарите?

Македонија во моментов е предмет на невиден булинг, и веќе не во прашање што бил Гоце Делчев, туку дека е недозволиво да помине овој булинг! И тука не мислам на маалскиот силеџија Каракачанов, кој отворено порачува дека ни се „симнати гаќите“. Туку на политичкиот естаблишмент околу Борисов, презентиран од Андреј Ковачев, европратеник од партијата ГЕРБ на Борисов. Нема ништо пријателско доколку сите подрачја од политика, транспорт до трговија се уназадуваат или не напредуваат, а со булинг, со силеџиство се бара политичка одлука за историски прашања! Вакво пријателство, не благодарам! Доколку сега потклекнеме на ова силеџиство, дури тогаш ќе ни бидат „спуштени гаќите“. Не смееме да прифатиме политичко решение за историските разлики, а натамошен дијалог со вклучување на меѓународна експертиза во секој момент е добредојден.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #добрососедство