Сум пишувала многу на оваа тема – за културата на заборавот. Дури и не само за заборавени годишнини, јубилеи и спомен-домови, туку и за комплетно заборавени наши дејци уште во текот на животот, или непосредно по смртта. Таква беше приказната на исклучителна сликарка Кираца Висулчева, на Вања Лазарова, жената што целиот живот го посвети на убавата македонска песна, на Есма Реџепова, чија најголема желба остана неостварена… Последна е онаа на легендарниот Ферус Мустафов, на чија комеморација неодамна присуствуваа само дваесетина луѓе
„Не смееме да се помириме со најкрупната мана на македонската култура, перманентно да се забораваат чествувањата на личностите и придонесите на нашите великани и само пригодно, некојпат дури и воопшто, да не се комеморираат големите дела и имиња на нашата елитна уметност; на академското образование, науката, хуманистиката и воопшто на најкрупните постаменти на националната култура. Тоа, се плашам дека ќе ни се случува и одново…“, ми кажа мојот драг пријател, писателот и новинар Томислав Османли во едно неодамнешно интервју, кога зборувавме за ланското чествувањето на личноста и делото на Блаже Конески, споменувајќи и други важни личности од нашата култура што поставиле темелни вредности со кои ги задолжиле својот народ и својата земја. Низ разговорот се потсетивме и на други важни дејци што минатата година одбележаа сто години од раѓањето, а Османли се потсети на нашите великани Коле Чашуле и Благоја Корубин, на сликарот Пецо Видимче и театарскиот и филмски актер Трајко Чоревски. „Што ќе беше, само да илустрирам, македонската драматургија без Чашуле, кој ја поврза генерацијата ботови драматичари со онаа модерната чија дејност сѐ уште трае? Но за Чашуле, Видимче, Трајко Чоревски – замолк. Академски и културен…“, вели тој понатаму во интервјуто. Поттикната од овие негови размисли тогаш го напишав текстот посветен на доајенот Лазар Личеноски и неговата куќа крај Вардар, која и по децении не е подготвена да ги пречека новите генерации, затоа што државата со години покажува негрижа за овој значаен објект.
Сум пишувала многу на оваа тема – за културата на заборавот. Дури и не само за заборавени годишнини, јубилеи и спомен-домови, туку и за комплетно заборавени наши дејци уште во текот на животот, или непосредно по смртта. Таква беше приказната со исклучителна сликарка Кираца Висулчева, која ѝ ги подари на Македонија сите свои дела, а почина во дом за стари без никаква грижа од државата и од институциите. Или Вања Лазарова, жената што целиот живот го посвети на убавата македонска песна, а која староста ја помина во дом за стари лица, па наместо статус на врвен уметник што ја задолжил државата со својата музика и вонсерискиот вокал, се најде на маргините без доволно средства за финансиски стабилна старост, живеејќи само со малата наследена семејна пензија од сопругот. Или Есма Реџепова, чија најголема желба, запишана и во нејзиниот тестамент, нејзината куќа на Кале, во Скопје, која таа ѝ ја остави на државата, да се претвори во музеј и музичко училиште, каде што талентирани деца од сиромашни семејства би учеле да свират на разни инструменти, остана неостварена.
Последен во низата беше Ферус Мустафов, на чија комеморација неодамна присуствуваа само дваесетина луѓе. Легендарниот музичар Ферус Мустафов, кој почина на 22 мај на 72 години по кратко боледување, беше еден од најпознатите македонски музичари во светот. Тој ги собираше аплаузите на сцените низ цел свет, но на комеморацијата во негова чест, за последен пат му аплаудираа само дваесетина луѓе. Без внимание од медиумите, ниту од државното раководство. Не беше дури прочитана ниту една телеграма за сочувство…
Ваквите примери покажуваат дека сме држава без културна стратегија, народ без емпатија, поединци без чувство за почит и вреднување. Наместо секогаш одново да ги осознаваме уметничките величини и нивните достигнувања што ја збогатиле нашата културна ризница, наместо да ги вреднуваме нивните дела што ја внесоа Македонија на културната мапа на Европа и светот, наместо да ги величаме нивните достигнувања, кои се идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење, ги забораваме, како ништо да не ни оставиле. Тоа што не успеваме да му одолееме на налетот на колективниот заборав е тажно, многу тажно.