Министерството за култура информира дека е отворен конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2023 година, наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена. Целта на манифестацијата е преку различни културни активности да се поттикне создавањето дела со употреба на македонскиот јазик од страна на младите уметници и независната културна сцена, неформални групи и автори од областа на културата.
Првото издание на конкурсот се реализира минатата година, a младите уметници и автори од независната културна сцена и оваа година добиваат можност со своите креативни идеи да придонесат кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик. Сите заинтересирани најдоцна до 30 јуни може да аплицираат на конкурсот. Предлог-проектите може да бидат: ликовни интервенции во урбан простор (графити) создадени на македонски јазик; налепници (стикери) за социјални мрежи и канали на комуникација (Вибер, Инстаграм…); самостојни и групни изложби на дела создадени со користење на македонскиот јазик; литературни промоции; организирање дебати, конференции, работилници и слично. Локациите за претставување на проектите може да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори што можат да добијат нов современ лик како уметничка сцена. Манифестацијата ќе се одвива од 15 јули до 1 октомври.
Предност имаат млади автори до 30-годишна возраст што првпат конкурираат, мали проекти што како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.