Zombies vs. Aliens

Јас никому не му се потсмевам. Моево звучи поразумно и пореално од сето она контролирано безумие што ни го сервираат светските организации, политички лидери и доктори што не можат да се договорат кој за што учел

Како си?
Никако. Ме мачи едно филмско сценарио што не сакам да го пишувам. Се работи за она срање што во последниве неколку недели шпарта горе на небото. Она што велат дека се сателитите на Илон Маск. Е па, во моето сценарио тоа не се негови сателити. Илон Маск воопшто и не постои. Додуша, се споменува двапати во филмот, затоа што „Илон Маск“ е паста за заби. Па, сателитите не може да се на паста за заби. Ма, не се ни сателити. Тоа се вселенски бродови. Полни вонземјани. Тие се на својот вообичаен пат низ вселената. Ама како што авион мора одвреме-навреме да слета за да земе гориво, така и вонземјаниве одвреме-навреме огладнуваат. И затоа доаѓаат на оние планети што се нивни ресторани. Ги активираат своите клонови-келнери, кои во рестораните егзистираат здружени под разни скратеници. Имаат моќ. Сега се дојдени нивните господари и гладни се.

Тие ја ставаат храната „во карантин“. За таа цел пуштаат сајбервирус што има личност. Мутира во секој човек различно. Послабите „ги убива“. И тие „умираат“ во огромен број. Така објавуваат медиумите полни вонземски клонови. А всушност оние илјадници „мртви“ прекуноќ се транспортираат на вселенските бродови. Каде што заебаните елиени ги јадат. Совршен хорор Б-филм. Сакам да го режира Ејбел Ферара.
Сценариото што не сакаш да го напишеш?
Баш така. И тоа ме мачи. Затоа гледам филмови. Завчера го гледав „Од песна до песна“ на Теренс Малик. Со Рајан Гослинг, Мајкл Фазбиндер, Натали Портман и Руни Мара. Во една сцена ликовите пијат пиво. „Корона“.

Авторот на овие редови, поради својот слаб вид, не е сигурен дека тоа беше мексиканското пиво „корона“, не е сигурен дека воопшто тоа беше пиво, ама му се обраќам на секој ум што го восприема овој текст за да му се оправдам ако грешам и да го замолам тој ум никако да не ја споделува информацијава со својот сопственик, односно читателот, па тој нека си мисли дека е навистина „корона“
„Корона“? Навистина? Рајан Гослинг? Пиши наслов!
РАЈАН ГОСЛИНГ ЗАБОЛЕН ОД КОРОНА
Стави прашалник на крајот.
РАЈАН ГОСЛИНГ ЗАБОЛЕН ОД КОРОНА?
Одлично. Сега објави.
А што да има под насловот?
Па, тоа дека Рајан Гослинг во филмот пие мексиканска „корона“.
А бе, гледај што пишува онде горе со ситни букви. Авторот не е сигурен дека е „корона“. Да не излезе лажна вест.
Ти е гајле. Лапај си кликови.

Уф, кликови… Ги има во она мое сценарио што нема да го напишам. На Земјата, и пред да дојдат вонземјаните за да ручаат луѓе, клик е многу популарна дрога. Многу мали ситни ама заебани кристали што се пикаат во нос. Нивниот ефект е како оние блесави бонбони ли се што ли се, што кога ги ставаш во уста пукаат. Е, клик-дрогата така ти пука во носот и секое мало „пукање“ е различна халуцинација. Е сега, дрогава не е толку важен момент во филмот. Но ја има. И тоа оди како споредна приказна. Сајт стори, што би рекле Американците. Еден вонземјанин се спушта на Земјата за да го контролира трансферот на храна. Тој вонземјани мора да земе човечко тело. Го зема првото што ќе го забележи. А тоа е телото на човекот наречен Бил Гејтс. Познат производител на пастата за заби „Илон Маск“. Милијардер. И нашиов вонземјанин го зема неговото тело. Ама па не може сега да шетаат два Бил Гејтса низ планетата, тоа го знае секој нормален вонземјани. Затоа нашиов го инкубира оригиналниот Бил Гејтс. И при неговото инкубирање открива неверојатен детаљ.

Има нешто чудно во мозочните клетки на тој оригинален Бил Гејтс. Елиенот прави компаративна анализа. Тоа што го има кај Бил го нема кај ниедно друго земско суштество. И тој го трансферира телото горе во еден од вселенските бродови. Со една единствена порака. „Овој не го јадете. Од неговите мозочни клетки може да се прават гумени бонбони“, гласи пораката. Добро сега, не се тоа гумени бонбони какви што вие ги замислувате. И елиените имаат свои мали гумени задоволства. Вклучете фантазија.
Се враќаме на вонземјанинот во тело на Бил Гејтс. Сака да замине од домот на Бил Гејтс преправен во Бил Гејтс, ама некој се појавува. Жена. Чудно облечена. Го гледа со восхит. Носи порака за него од Светската зоолошка организација, која под паролата „Сиот свет една зоолошка градина“ се грижи храната на вонземјаните да им биде прикладно сервирана. Пораката гласи дека пастата „Илон Маск“ треба да стане задолжителна за секого, затоа што ја омекнува жилавоста на месото. Ама премногу восхитено го гледа. Како да е вљубена.

Иако вонземјанинот нема поим што е тоа љубов. Пробај, му вели женската, стави го ова во носот. И елиенот си пика кликови во носот. Тогаш се случува. Експлодира во него. Непознато чувство. По ова, командниот брод не може да воспостави врска со него, затоа што вонземјанинот не се симнува од Лејди Гага. И таа од него. Фрштат оргазми на сите страни. Што, пак, е вовед на љубовна приказна во хорор-филм. А тоа не е баш најпаметно да го режира Ејбел Ферара. Мислам дека подобар избор е Џорџ Ромеро.
Џорџ Ромеро почина во 2017 година.
Одлично. Нема подобро решение од тоа, сценариото што нема да го напишам да го режира мртов режисер.
Ти се заебаваш со нас?
Напротив. Сега се сетив на уште една важна линија во приказната. Во целиот тој хаос со транспорт на храна за вонземјаните и заглавениот елиен во прегратките на Лејди Гага, еден сценарист пишува зомби-хорор. Сака да му го прати на Џорџ Ромеро, ама открива дека е мртов. Разочаран го фрла сценариото во моментот кога почнува страшна бура. Ветерот ги разнесува страниците насекаде. Една паѓа врз гробот на Ромеро во мигот кога удира гром. Џорџ Ромеро излегува од гробот како зомби.

Неговиот гроб е во близина на транспортниот центар каде што „мртвите од вирус“ ги транспортираат во „сателите на Илон Маск“ како храна. Зомбито ги заразува сите. За време на летот кон вселенските бродови сите стануваат зомбија. И горе во бродовите започнува вистинска војна. „Zombies vs. Aliens“. Ете го и насловот. Совршено за да го режира Зак Снајдер.
Ама ти или сакаш да бидеш поголем теоретичар на заговор од сите други или јас не сфаќам кому му се потсмеваш.
Јас никому не му се потсмевам. Моево звучи поразумно и пореално од сето она контролирано безумие што ни го сервираат светските организации, политички лидери и доктори, кои не можат да се договорат кој за што учел.