Живот во лага: самозалажувањето како корен на политичкото фијаско на власта

Оваа власт предолго го гради својот политички наратив кажувајќи лаги. Се прашувам: како можеше ваква измамничка и дволична власт да го окупира политичкиот простор во Македонија, а притоа да ја задржи лојалноста на своите гласачи откако беа разоткриени нејзините бескрајни лаги? Особено кога знаеш дека нејзините лажни изјави и измами лесно се демаскираат – едноставно, нема информации што ги потврдуваат. Политичкиот пат на оваа власт претставува парадокс: како може толку големи и корозивни лаги што ја преобликуваа реалноста да најдат извонредна привлечност во Македонија? Незнаење, страв од промени, фрустрации до политичко слепило се само дел од објаснувањата за феноменот на прифаќање и живеење со лагите на оваа власт.
Но има уште едно објаснување за кое малку се знае кај нас. Тоа е дека оваа власт кажува „сини лаги“ – термин во психологијата за невистини, кажани во име на групата, што, всушност, може да ги зајакне врските меѓу членовите на таа група. Децата почнуваат да кажуваат себични лаги на околу три години, кога ќе откријат дека возрасните не можат да им ги читаат мислите. На околу седумгодишна возраст, тие почнуваат да кажуваат бели лаги мотивирани од чувствата на емпатија и сочувство. Сините лаги се сосема друга категорија, истовремено себични и корисни за другите – но само за оние што припаѓаат на вашата група. Сините лаги се авенија за политиката да инвестира во градењето чувство за нејзината важност и неопходност. Сините лаги треба да опишат „лажење во име на колективното добро“, кое кај нас се сведува на партиско добро, како форма на измама што помага политиката подобро да се движи во новиот свет на алтернативни факти. Таму каде што може да лажете, а тоа да не биде важно. Без оглед на сѐ, едно е сигурно: лагите на оваа власт по обемот, зачестеноста, влијанието и дрскоста се без преседан.
Ако лагите на власта на „државотворните“ не ги гледаме како неуспеси на карактерот на нивните лидери, туку како алатка на политиката, тогаш можеме да видиме зошто нејзините поддржувачи би можеле да ги сметаат за ефективни своите лидери. Од оваа перспектива, лажењето е карактеристика, а не грешка на водењето на политиката. Овој вид лажење, кое го промовираше Заев, напредуваше во атмосфера на гнев, незадоволство и хиперполаризација. Токму на ова лагите на оваа власт опстојуваат со години, до денес. Дали нејзините поддржувачи навистина веруваа во тие невистини, или не, дискутабилно е сега, но по толку години на живеење во лага изгледа веќе не e важно. Можеби досега на лагите на власта се гледаше како на корисно оружје во партиската борба, ние против нив, што ја спротивставува „вистинската Македонија“ против оние што би ја уништиле.

За жал, вистината е друга. Сините лаги ја откриваат партиската лојалност, неспособноста за соработка и немањето капацитет да се грижиме за луѓето околу нас и да им веруваме. Во исто време, сините лаги ја прикажуваат нашата предиспозиција за мразење и обезличување на луѓето надвор од нашата група и тенденцијата да се самозалажуваме. Очигледно поддржувачите на оваа власт упорно продолжуваат да веруваат во нејзините лаги, не затоа што веруваат во нив, туку затоа што на овие лаги гледаат како на оружје во поголемата војна во политиката. Ние или другите. Заборавајќи дека самозалажувањето ќе биде во коренот на нивното политичко фијаско на изборите што доаѓаат. Би им препорачал што можат да ја направат во моментов: да постават критична дистанца помеѓу нив и политичката група на која припаѓаат и така да го намалат притисокот да се оди заедно со стадото – во политичка пропаст.
Негде прочитав дека демократијата умира во темнина. Но прво умира вистината. Се прашувам: дали демократијата во Македонија умира во темнина, или умира затоа што луѓето избраа темнина: намерно се оддалечија од непријатната вистина, болната реалност на нивното зло? Или не можеа да поднесат многу реалност, па дозволија да се самозалажуваат и да живеат во лажната реалност на оваа власт. Ај што дозволија да се самозалажуваат дека оваа власт ќе донесе промени, продолжуваат да бидат во процес на негирање или рационализирање на релевантноста, значењето или важноста на спротивставени докази и логични аргументи во контекст на претстојните избори. Самозалажувањето им помага да не го видат својот политички крај и политичко фијаско.
Самоизмамата повлекува лоша политичка процена. Самозалажувањето на оваа власт е едноставно фокусирано на информации што ја поддржуваат во она во што сака да верува и го избегнува она во што не верува. Животот во лага на власта е обид преку самозалажување да ги измами граѓаните. Можеби некои и ќе успее да измами, но на мнозинството му е прекуглава од нејзините лаги. Доста е. Затоа да ја оставиме да верува во она што сака да верува, зашто крајот е блиску. Наскоро ќе види во што вистински веруваат граѓаните. Едно е сигурно – не во нејзините лаги.