Жените и политиката

Зад мене тукушто остана најзначајниот 8 Март. Досега сум го чествувала како активна јавна интелектуалка, борец за разни каузи, ама никогаш со некаква посебна одговорност. Оваа година предизвикот започна токму со Меѓународниот ден на жените. Во квечерината на празникот, во размена на фејсбук-пораки, една помлада жена интелектуалка ми посака убава веселба. Морав да ѝ одговорам дека ние, левичарите, на вакви денови не одиме на веселби (а баш и нема за што да се веселиме во оваа земја, нели?), туку дебатираме и разговараме за борбата. Мојата помлада пријателка е навистина и поетеса, ама не можев да разберам дека таа беше вознемирена од самиот збор „борба“ – ѝ звучел на насилство. Хммм… си помислив, барем да ја прочиташе мојата претходна колумна, па ќе сфатеше полесно што е насилство и како се манифестира, а дека борбата не е нужно насилна, како што и мирот не е пасивност и помирување со судбината и статус квото. Од збор на збор, дојдовме до „фаќањето страна во воени судири“ – и таа повторно не фаќала страна, туку била генерално за мир. Ех, си велам, и јас сум за мир, но дури и прекинот на огнот и геноцидот се веќе не само мислена именка туку и оној што се залага за нив е непријател на „нашите западни сојузници“. Годинашниот 8 Март, лично во себе, им го посветив на Палестинките, бидејќи само тие – дури и во моментов кога ги пишувам овие редови – страдаат од геноцид, додека Западот ги бомбардира со лицемерство.
Нејсе, заминав на трибината за „Жените во политиката“ на која беа презентирани резултати од истражување спроведено од женската секција на Левица. Настанот почна со кусо документарно сведоштво на Хриса Калиманова, жена над жените, Македонка над Македонките. Додека ја следев нејзината животна сторија и сеќавањата за тортурата што ја истрпила (во Грција) сè до доаѓањето во Социјалистичка Република Македонија, ги голтав солзите и се прашував тивко: зарем некоја од нас денес има право да се плаши (од политика, од избори и гласање, од борба за правда и национално достоинство), кога не ни се заканува таква физичка и ментална тортура?! Ако можела таа да мине низ пеколот, што е еден изборен циклус?! Тогаш не знаев дека всушност на две места од мене седела нејзината внука Марија, една прекрасна насмеана млада жена, која околу себе шири ентузијазам и чувство дека борбата не е само нешто што може да се добие, туку и дека вреди да се бие.

Резултатите од анализата, како и многубројни други што претходно сум ги читала, а зборуваат за помладите генерации (од мене, се разбира), се во голема мера поразувачки за некој како мене што е роден во едно време кога не ни требаа невладини организации и семинари за да растеме и да се чувствуваме како еднакви со мажите. (Патем, неодамна проструи веста дека Франција размислува со устав да го гарантира правото на абортус – и западните медиуми побрзаа да ја прогласат за првата земја во светот што (би) го сторила тоа. Како голем напредок на западната демократија и филозофија на човекови права. Колегата Среќко Хорват ги „олади“ кога ги потсети дека тоа право првпат го загарантира СССР). Другарка ми од Крагуевац, пак, ме потсети дека првите Осмомартовски маршеви на територијата на бивша Југославија датирале од далечната 1914 година. Во салата во која се одржуваше трибината за жените и политиката седеше и мојата постара колешка Олга Мурџева-Шкариќ, искусна не само како научник психолог и истражувач туку и долгогодишна активистка за женските права. Таа беше авторка на книшката „Женската визија: приоритети, проекти, стратегии“ од 1997 година, а во издание на Сојузот на организации на жените на Република Македонија. Двете се чувствувавме како паднати од Марс: денешните генерации како да почнуваат од нула, односно полека излегуваат од оној амбис во кој пропаднаа сите стекнати права и вредности од „комуњарскиот период“ (како што погрдно го нарекуваат конзервативците). Не само во однос на женските права туку генерално, од почетокот на т.н. транзиција нашите „властодршци“ заедно со водата го исфрлија и бебето (да го парафразираме стариот добар Маркс), па дозволија странци да нè третираат и учат небаре сме инфантилни или деца, без политичка традиција, без знаење, без историски примери и искуства.
Чудни се овие времиња и признавам дека и јас сум станала несвесна низ какви маки минуваат помладите генерации. Деновиве ме прашуваат за навредите во јавниот простор, за дискриминацијата на жените што одлучиле да се вклучат во политичката борба. Една драга повозрасна госпоѓа редовно ме окуражува, но и самата се згрозува од пораките на некои Тричковци и слични упатени на моја сметка, но и на другата противкандидатка. Ми вели: Билјана, ама како го поднесувате сето ова? Јас со смеа одговарам дека сум толку навикната што не ги ни забележувам. Мене сигурно нема да ме исплашат или вознемират, зашто ниту сум снегулка ниту принцеза на зрно грашок. Но не сум јас во прашање, нели? Во прашање е процес на систематско отстранување на жените од политиката, со дискредитација и подбивање по основа на пол, возраст, изглед, физички карактеристики и сл. Новинари ѝ делат етикети на секоја жена што се осмелила да изрази политички став, па така, сега имаме и „Ева Перон“, „Мира Марковиќ“, „Медуза“ и сл. Токму тие мажишта седнати во некакви студија формираат јавно мислење, и онака во беневолентен и божем скриен мачоистички стил, божем признаваат дека нивните сопруги се дома главни (ама не на јавна сцена, ќе додадам). Дури и кога ме „бранат“ за мене зборуваат колку сум била фина, културна, дама, професорка. А јас сакам да бидам недама, нефина, да бидам борец.

Живееме во време во кое и да кажеш жена може да биде ризична работа, зошто ќе ги дискриминираш или навредиш оние што се пронаоѓаат себеси под разни букви на азбуката. Така, дури и ако никогаш не сум се сметала себеси за феминистка (јас бев родена и порасната како еднаква и еманципирана), сега сфаќам колку храброст треба и да се бориш за женските права, кои се нападнати не само од (традиционалните „виновници“) мажите туку и од цела серија групации што тврдат дека се жени или се навредени од поимот жена. Па веќе и во Конгресот на САД избегнуваат дефиниции на жена. И додека се води битка на докажување на родови идентитети, кои само се мултиплицираат, од вид се губи суштината – класната солидарност на мнозинството, кое е угнетено од систем на длабоко вкоренет патријархат, доминација, експлоатација и социјална неправда. Па така, некои очите ќе си ги извадат околу некои новокомпонирани родови идентитети, ама нема со прст да мрднат против класната експлоатација, социјалната нееднаквост, геноцидот во Газа или војната во Украина, како и онаа што се подготвува против Кина.
Ние во Македонија си имаме и друга мака, можеби и можеш да се дефинираш како (обична) жена, но ако кажеш дека си Македонка како Хрисула, тогаш тешко тебе – ќе те расчеречат како националистка и популистка. Всушност, забраната се однесува еднакво и на мажите и на жените од македонски род, кои мораат да почитуваат секого, а да не бараат или да очекуваат почитување од никого. Дури и да се самоукинат, за волја на „европејските вредности“. И конечно, третиот баук што кружи над Македонија е левицата! Божем неважна, божем мала и политички нерелевантна, ама сите ѝ се навртеле. Па како и нема кога ги доведува во прашање статус квото, зацртаниот курс, немањето друга алтернатива и сл.
Но да се вратам јас на жените во политиката. Не е Македонка, но е од Ирска! Името ѝ е Клер Дејли, пратеничка е во Европскиот парламент, левичарка, антимилитаристка и антиелитистка. Размислете која жена би сакале да ја имате за соборка и која жена инспирира и буди храброст: Клер или Урсула? Жени треба да има во политиката во многу, многу поголем број, но тоа ќе биде залудно ако се тие како Фрау Геноцид, Мелони, Дорис Пак или Маргарет Тачер, па дури и Меркел, ако сакате. Веќе го искажав мојот респект за Палестинките, за кои не знам како го издржуваат оној хорор пред кој и тортурата врз Хрисула изгледа помалку страшна. А треба да се издржи, треба да се опстои, треба децата да се дигнат, па и земјата од пепелот да се препороди. Но за крај ќе ја издвојам мојата хероина од последните неколку месеци: тоа е Наледи Пандор, министерката за меѓународни односи и соработка на Јужна Африка. Токму такви жени ни требаат во овие тешки времиња, како Хрисула, Ибе, Трена, Клер или Наледи. Тие не се жени, тие се џинови!