Затворен Отворен Балкан, отворена Европска Унија

Оние што не веруваа во одлуката на албанскиот премиер Еди Рама на 1 јули да прогласи затворање на Отворен Балкан (причината беше апсењето на тројца косовски полицајци на територијата на Србија), дефинитивно се уверија на 21 август, кога Рама повторно реагираше и објасни дека се опасни и неприфатливи заканите на српските власти за стабилноста и интегритетот на Македонија и Црна Гора. Албанскиот премиер овој пат реагираше на изјавата на српскиот министер за одбрана и шеф на владејачката партија Милош Вучевиќ дека на Црна Гора и Македонија ќе им се скрши од глава признавањето на Косово, како што се случи со Украина. Како одговор на заканите од Белград, Рама одговори дека не треба да заборавиме дека Албанија, Македонија и Црна Гора се сојузници на НАТО, целосно посветени на безбедноста и територијалниот интегритет една на друга:
„Во последната деценија во овој регион го постигнавме она што никој не можеше да го замисли во бескрајните децении претходно. Не можеме и нема да дозволиме некој да нѐ вовлече во минатото, кое засекогаш го оставаме. Заедно! Голема Европа е нашата единствена иднина“.
Појаснување за изјавата на Вучевиќ побара и министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи. А претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјавата на Вучевиќ „дека 30 проценти од Србите во Црна Гора не можат да имаат две министерства или едно“ ја протолкува како неприфатливо мешање на странски фактори во составувањето на новата црногорска влада. За многумина реакцијата на Милатовиќ беше потврда за исправноста на ставот на таа земја да се држи настрана од иницијативата Отворен Балкан, и покрај отвореното кокетирање на авантуристот Дритан Абазовиќ со таа идеја.

Сега кога се чини дека по четири години постоење, Отворениот Балкан е на пат да стане упокоен, не може да се каже (не само од учтивост кога за починатиот се зборува на најубав начин) дека немаше некои позитивни ефекти врз регионот. Добро, Саемот на вино не беше најимпресивниот пример за регионална економска соработка, туку фактот дека интегрираните гранични премини, поедноставеното движење на луѓе и стоки, вработувањето и дозволите за камиони донесоа придобивки. За цело време, меѓутоа, го следеа контроверзии. Често се наведуваше дека тоа е замена за трговскиот договор ЦЕФТА, за кој никогаш официјално не беше кажано зошто умре, а основано се сомневаше дека нема политичка волја кај лидерите на одредени земји да успее.
За него често се зборуваше и како за (локално произведен) ривал на Берлинскиот процес (БП), кој беше дизајниран од кабинетот на Ангела Меркел да биде алатка за подобрување на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан на полето на инфраструктурата и економијата, развој и ревитализација на врските на тие земји со ЕУ. Тоа ривалство ОБ – БП постојано се засилуваше и дополнително се конфронтираше, што беше доволна причина Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово никогаш да не му се приклучат на Отворен Балкан.
Штом започна политичкиот притисок во регионот од Белград, на виделина излегоа сите пропусти на Отворен Балкан и сите разлики меѓу овие два концепта на економска соработка и развој на земјите од регионот. Политичките закачки на лидерите на земјите-членки го упокоија ОБ како економска иницијатива и ја вратија регионалната интеграција на почетните (стабилни) европски поставки.
Концептот на ОБ не го издржа тестот на првата поголема политичка криза. Но тоа беше очекувано бидејќи се потпираше на маркетиншката потреба (најмалку двајца од тројца) на политичките лидери да изградат монументална оставина за себе. Сепак, личното пазарење се покажа како лоша основа за таква амбициозна цел. Токму затоа што почиваше на (во суштина) „братски“ договор, Отворен Балкан немаше системски вградени тампони што би ги амортизирале можните политички триења врз економијата.

Во неговата системска архитектура не постојат автономни механизми за следење, стимулации, принуда, гаранти и арбитража во случај на надворешни проблеми. Целото функционирање зависи од цврсто ракување, братска прегратка и церемонијални бакнежи на лидерите на Србија, Албанија и на Македонија. Кревката креација беше лесно подложна на политички стресови.
Од друга страна, Берлинскиот процес (идната година слави десетгодишнина) е строго формализирана иницијатива, со точно пропишани процедури, редослед на дејства, стимулации и контроли. Неговото влијание врз интеграцијата на регионот произлегува не само од стотиците милиони евра грантови туку и од политичката власт (Берлин и Брисел) што стои зад нив. Албанскиот премиер лесно се ослободи од Отворен Балкан во замена за Берлинскиот процес, чија седница есенва ќе се одржи во Тирана, бидејќи е убеден дека авторитетот на Европа стои зад богатите фондови (кои треба да дадат поттик на паднатата економија на неговата земја и да обезбеди нејзин одржлив раст).
Ако српскиот министер за одбрана сакаше да му се додвори на шефот и да полие сол на лута рана со расправии со партнерите од Отворен Балкан и загрозување на стабилноста на регионот, тоа го направи крајно непромислено. Но ако тоа го направи по налог на шефот, тогаш политичкото поткопување на ОБ од Вучевиќ е доказ дека претседателот на Србија се откажа од тој проект. Се чини, од истите причини како и неговиот политички брат Еди Рама.
До ваков заклучок водат средбите и изјавите на претседателот на Србија на самитот во Атина. Од местото каде што седи (во Белград) може да ја насети претстојната економска криза што ја надвиснува Србија. Кина е далеку и се забавува со својата економска криза, Русија долго време е онеспособена, а БРИКС гледа на другата страна, па тој е принуден повторно да се сврти (неволно, но рационално) кон Европската Унија и да бара помош за стимулирање на бавниот раст во Србија.

Пресвртот на претседателот звучеше вака во Атина: „Огромна можност да разговараме со европските лидери и да видиме каде е нашата иднина… За нас е важно рационално да размислиме што можеме да направиме со ЕУ. Тоа што го кажаа за единствениот економски пазар е важно затоа што дополнително би го стимулирал растот кај нас и би биле попривлечни за странските инвестиции. Мораме уште повеќе да ги привлекуваме во иднина ако сакаме понатамошен раст… Покрај помошта од разни програми и субвенции, очекувам и прилив на пари за земјите од Западен Балкан, што секако би било многу значајно за нас во денешни услови“.
На 16 октомври во Тирана (по Берлин, Виена, Париз, Трст, Лондон, Познањ и Софија) ќе се одржи осмиот самит на Берлинскиот процес, па тогаш Европската Унија ќе ги претстави мерките за поддршка за економскиот раст на земјите од Западен Балкан. Таа средба, гледана од денешна перспектива, може да биде и опело за Отворен Балкан што умира, на кој лидерите на трите балкански држави играа четири години.

Миша Бркиќ