За балканската европска интеграција, 2027 година е новата 2023-та

Дали ќе се стави точка на натамошната европска интеграција во 2027 година? Преку овие страници, каде што „Нова Македонија“ одамна ја негува културата на јавна дебата во Македонија, а јас веќе и го злоупотребувам трпението на читателите со упорното инсистирање на темата македонска европска интеграција. Веќе и најпламените еврофили во земјава ја избегнуваат темата иднината на македонската европска интеграција во широк лак, но имајќи го предвид значењето на единствениот пазар за Македонија, сепак мора да остане едно катче од јавниот простор каде што ќе зборуваме на тема ЕУ. Не би се повторувал ни околу јавно исфрлениот датум – 2030 година – како потенцијален датум за целосна интеграција на Западен Балкан во Унијата. Секоја заложба што го надминува мандатот на политичарот што го дал тој збор треба веднаш да се отфрли. Тоа, во најдобар случај, е едно добро и искрено ветување, но во најлош случај е празнословие и манипулација со јавноста. Случајот со доделувањето кандидатски статус на Украина, кога не беше постигната едногласност и кога една земја членка (Унгарија) беше замолена да излезе од просторијата каде што се одлучувало, дополнително го нагриза интегритетот на процесот на европска интеграција на Западен Балкан, интегритет во кој сè помалку и помалку се верува во регионот. Особено болно беше тоа во случајот на Македонија, каде што јавноста побара одговори од ЕУ како тоа никој не се сети со години да ја замоли Грција да прошета, а ни сега не слушаме дека некој им понудил филџан со кафе на Бугарите надвор од просторијата каде што се одлучува да ѝ биде доделен датум за преговори на Македонија. За Албанија не ни слушнавме зошто не добила датум.
Нејсе, во текот на оваа седмица во Давос повторно се зборувало за темата европска интеграција на Западен Балкан. Актуелната претседателска на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изложила и план каде што реформата на Унијата и проширувањето одат паралелно, па веднаш по завршувањето на новиот внатрешен договор за одлучувањето во ЕУ би следувало балканското проширување. На времето ваква вест ќе предизвикаше вистински бранувања на Балканот, ќе се испишуваа мислења, колумни и анализи, ќе се свикуваа конференции и политичарите ќе беа должни да одговорат како нивните земји се подготвуваат за предложеното од шефот на ЕК. Овој пат веста заврши на самите ќошиња на информативните гласила и ретко кој ја забележа. Тоа укажува и на фактот колку потона „меката моќ“ на Унијата кога станува збор за проширувањето со Западен Балкан. Ентузијазмот испари, оптимизмот го нема ни во траги, а тоа има лоши последици за мобилизација на политиката во земјите од регионот на темата европска интеграција, тема каде што некогаш консензуално се премостуваа цели долини и се поместуваа цели планини.
Но, должен сум да продискутирам една нова тема што се појави низ печатот на земјите од Западен Балкан. Некои проследувачи на состојбите околу балканската европска интеграција се преплашија по резултатите од последните холандски избори. Помладите генерации не се ни сеќаваат дека Холандија едно време беше најжестокиот навивач и за продлабочувањето и за проширувањето на Унијата, со штедра поткрепа на сите проекти за европско обединување. Не случајно Мастрихт беше синоним за словото и духот на европската интеграција. Сето тоа се промени по 2005 година и изненадувачките резултати од тогашниот холандски референдум, кога тие го отфрлија предложениот европски устав со огромно мнозинство при повеќе од пристојна излезеност. Холандското „не“ за европскиот устав беше дури и поголем шок од претходното француско „не“, затоа што безмалку никој не го предвиде.

Ова беше и невидена шлаканица за целиот холандски естаблишмент што цврсто застана зад поддршка на референдумот, од политичари, преку бизнис-заедницата, универзитетите, до преостанатите општественици, културни работници, други мненски водители и така натаму. Оттогаш Холандија замина во друга насока, па денес тие се вбројуваат во таборот на кочничарите на балканската европска интеграција, но и на скептици околу предложените опции за продлабочување.
Затоа многумина на Балканот се уплашија од резултатот на последните холандски избори и од убедливата победа на Герт Вилдерс и неговата Партија на слободата. Холанѓаните се сериозни луѓе, па тие се познати по долгите процеси на формирање на владините коалиции, но потоа, пак, нивните влади водат добро стратегиски испланирана, предвидлива и јасна политика. Се чини дека Партијата на слободата ќе биде стожерна сила во следниот холандски кабинет. Ова политичко движење во литературата е опишано како националистичко, крајно десничарско, популистичко, антимигрантско или националпопулистичко. Имајќи ја предвид холандската традиција на усогласување и на урамнотежување на политиките во коалициите, секако дека тие ќе се откажат од нивните најрадикални барање, идеи и предлози, но уште посигурно е дека ќе ја повлечат Холандија уште повеќе во десно. Притоа, една од „најлесните“ теми за договарање може да биде иднината на европската интеграција, поточно закочување на натамошната европска интеграција. Оттука е и стравот низ Балканот. Еве, и да траат холандските преговори за нова влада до летото, па дури и да има нови избори (нема ништо да се промени), пак не може ниту една од државите на Западен Балкан да ги заврши толку брзо преговорите и да се провлече до полноправно членство.
Многу поголем проблем лежи во 2027 година. Тогаш се одржуваат нови француски претседателски и парламентарни избори. Имајќи предвид дека претседателот Емануел Макрон веќе нема право да се кандидира, како и дека уште не се забележува кандидат од центристичките сили на Петтата република кој(а) што ќе го возбуди гласачкото тело, сосема е можна победа на Националниот сојуз на Марин Ле Пен, без разлика дали таа ќе ја возглави оваа листа или, пак, тие ќе истрчаат со некој помлад лик, како Жордан Бардела. Според балканските проследувачи на темата европска интеграција, ваков развој на настаните ќе биде дефинитивна точка на процесот на европската интеграција во скоро време, како на проширувањето, така и на продлабочувањето. Француското „не“ во ЕУ е апсолутно.
Сегашните дебати во балканските кругови се движат околу можноста Црна Гора со светлосна брзина да ги затвори сите преговарачки поглавја со 2027 година, па потоа уште помолскавично да се заврши процесот на ратификација на нивното членство во сите европски законодавни домови. За мене ова сценарио засега повеќе личи на научна фантастика отколку на политика на можното. Освен низ призмата на Украина, во Брисел никој не се занимава со темата европска интеграција, а Западен Балкан никој не го допира ни со десетметарски стап. Оттука, нејасно е зошто воопшто се троши време на беспредметни дискусии.

Наместо тоа, би било многу поцелисходно земјите од Западен Балкан да ги напуштат себичноста и егоцентризмот. Нас нè гледаат како блок од Брисел, па така треба и да се претставиме. Само заеднички настап на сите земји од Западен Балкан пред европскиот институции ќе предизвика таму внимание. Јадрото на заедничкиот предлог треба да биде итен влез во единствениот пазар, директен пристап кон структурните и кохезивните фондови на ЕУ, давање одредници на влез на земјите од Западен Балкан во шенген-зоната, определување одредници за интеграција во еврозоната и почнување пристапни преговори во ОЕЦД. ЕУ може да најде и институционални аранжмани за влез на балканските политичари во Советот на ЕУ и во Европскиот парламент, но тоа и не е толку значајно. Единствено трајно институционално закотвување на земјите од Западен Балкан во институционалниот склоп на ЕУ ќе значи одлучен стратегиски исчекор, трајно врзување на регионот за единствениот пазар и одбрана од сите геостратегиски предизвици. Сите други дебати се беспредметни, а особено нагаѓањето со датуми и паниката од следните изборни циклуси во Унијата. „Мирен Балкан“ (како „мирна Босна“ во некогашна Југославија) ќе ѝ овозможи на ЕУ многу поголема стабилност во немирниот океан на овие непредвидливи времиња. Но, на потег се стратегиската промисла на балканските држави и геополитичкото расудување на Европската Унија.