Фото: ЕПА

Новиот закон на Европската Унија што треба да се усогласи деновиве може да значи дополнителни проверки за големите фудбалски клубови и ограничување на користењето готовина

Европската Унија е поблиску до договор за спречување на валканите пари во фудбалот

Земјите од Европската Унија се поблиску до донесување нови законски ограничувања заради спречување на перењето пари од големите фудбалски клубови, кое се правеше преку исплати во готовина. Преговорите за регулативата за спречување на перењето пари продолжија во декември минатата година, поради големото внимание во европската јавност што го предизвикаа големите и често необјаснети текови на пари што се одвиваат низ меѓународниот фудбал.
Националните влади сега се подготвени да го прошират законскиот опфат за исплата на кеш за трансакции поврзани со фудбалот.
На состанокот што беше закажан за наредните денови најверојатно ќе биде финализирана новата регулатива на ЕУ за спречување на перењето пари, објави „Евроњуз“, кој се повикува на два неименувани извора што се добро упатени во текот на разговорите.
Тоа значи дека новите правила за регулирање на финансиските текови во најдоходовниот спорт – фудбалот – ќе бидат ставени на усвојување пред одржувањето на европските избори во јуни годинава.
Постојните закони за спречување на перењето пари предвидуваат обврски за правните субјекти, како што се банките и агенциите за недвижности, да вршат проверки на трансакциите на нивните клиенти. Проширувањето на правилата во фудбалскиот сектор „би се применувало само за најризичните трансакции“, како што се оние со инвеститори, агенти и спонзори, се наведува во документот подготвен од белгиската влада, која моментално претседава со меѓувладините разговори за носење на овие законски измени.

Едно од новите законски решенија е дека обичните навивачи нема да треба да имаат одобрение, врз основа на приложување личен документ, за да купат сезонски билет.
Сè уште не е јасно дали и фудбалските агенти би биле опфатени со новите измени и дали земјите членки може да ги изземат тимовите чиј финансиски, прекуграничен или лигашки статус сугерира дека се со помал ризик за перење пари!
Некои европски пратеници сметаат дека новите правила за забрана на готовински трансакции од над 10.000 евра се поставени контроверзно.

Европскиот парламент се залага за пониско ограничување од 7.000 евра. Поставувањето повисоки финансиски лимити не треба да значи „стигматизирање на клиентите само врз основа на нивното богатство“, туку тоа би значело дека банките треба да го потврдат изворот на средства кога нудат персонализирани услуги за управување со инвестиции на кој било клиент што врши трансакции повисоки од пет милиони евра, пишуваат белгиските медиуми.
Измените на правилата за спречување на перењето пари на ЕУ следуваат по низата скандали, вклучувајќи ја и обработката на валканите средства што поминаа низ европските банки. Фудбалскиот сектор беше особено подложен на скандали, а олигархот Роман Абрамович беше принуден да го продаде ФК Челзи откако беше санкциониран поради неговата наводна поврзаност со властите во Русија. Дури и ако биде постигнат договор, членките на ЕУ сè уште немаат договор каде да биде седиштето на новата агенција за спречување на перењето пари, која ќе ги надгледува трансферите на 40 големи банки, пишува „Евроњуз“.