Многумина скептици се прашуваа зошто битката толку трае. Сега веќе сите ја знаеме причината. Тоа беше скриена тактика на Западот. Украинците мораа да ги држат руските окупатори затворени надвор од фабриката. Затоа што тоа беа руски специјалци со посебна задача. Тие не требаше да бидат во „Азовстал“, туку во Торино. Наредба дадена директно од Путин. Напад на „Евровизија“
Сонцето изгрева на запад. Иако некои малоумници тоа го нарекуваат исток. На запад започна човештвото. Мајмунот стана човек. И на други места на планетата мајмунот стана човек, ама тие беа глупите. Им требаа децении да откријат оган. За тркало ич муабет да не правиме. На запад, мајмунот што стана човек веднаш измисли жижица и хулахоп. Затоа од запад тргна цивилизацијата. А не од Индија, Кина, Иранската Висорамнина, Египет или Балканот, како што тврдат некои ширачи на лажни вести. Тоа е исток, а таму, и тогаш и денес живеат нецивилизирани дивјаци.
Така е, цивилизацијата започна на запад. Оттука тргнаа европските вредности. Гилгамеш е Швеѓанец. Буда, предокот на Дипак Чопра, роден е во Сохо. Грците ја измислија азбуката. Холанѓаните ги создадоа арапските броеви. Уметноста тргна од Париз. Убавината ќе го спаси светот, рече прапрапрабабата на Грета Тумберг.
Да, убавината дојде од запад. И таа навистина ќе го спаси светот. Сеедно што грдотијата постојано става сопки. А грдотијата, тоа се сите оние што не се меѓународна заедница. Оние што не се Европа и Северна Америка. Односно четири петтини од планетата. Значи малцинството. Најгрди се Словените. А кај нив најгрди се Русите.
Грдотијата ќе ја силува убавината што сака да го спаси светот. Ова го изјавил рускиот милитант, господар на грдотијата и антизападен идеолог Достоевски. Оттогаш тие ги следат неговите грди пророштва. Русите ја создадоа шпанската инквизиција. Ги истребија домородците од американскиот континент и воведоа робовладетелство. Создадоа муџахедини и талибани. Започнаа Втора светска војна. Спроведоа холокауст врз Евреите. И така ги присилија мирољубивите германски нацисти да тргнат во офанзива на Русија. Адолф Хитлер и неговите нацисти успешно ја завршија мисијата. По таа успешно завршена мисија, Хитлер, Гебелс, Химлер, Геринг и другите беа евакуирани на оној свет каде што не можат да ги дофатат Русите.
Тоа е историја. А сите знаеме дека историјата се повторува како реприза на сапунска серија. И покрај сите порази, Русите уште прават гадости. Не се откажуваат од изопачените идеали на Достоевски. Русија ја нападна Украина. Цивилизираниот запад, освен наука, култура и уметност, ја создаде и Украина како западна вредност. Во неа кренаа биолаборатории за борба против кинеските и руските вируси. Дојдоа и НАТО-инструктори за да обучуваат војници по теркот на Хитлеровите херои. Ама Русите нападнаа. Украинците херојски се борат против руските кукавици. Им ги убија сите генерали. Русите си го потрошија оружјето. Главната битка беше околу фабриката „Азовстал“. Русите беа фатени во тесно околу фабриката. Украинските нацихерои од баталјонот Азов беа внатре во фабриката и ги држеа во тесно кукавиците надвор. И така цел месец додека Русите не ја изгубија битката. Украинските војници успешно ја извршија мисијата. Потоа беа евакуирани, па испратени на тајна мисија во руски затвори.
Многумина скептици се прашуваа зошто битката толку трае. Сега веќе сите ја знаеме причината. Тоа беше скриена тактика на Западот. Украинците мораа да ги држат руските окупатори затворени надвор од фабриката. Затоа што тоа беа руски специјалци со посебна задача. Тие не требаше да бидат во „Азовстал“, туку во Торино. Наредба дадена директно од Путин. Напад на „Евровизија“. Путин сакал да ја спречи победата на Украина. Ама азовските херои ги поматија руските антицивилизациски планови.
И денес сонцето изгреа на запад. А таму, среде моќниот запад се наоѓа север. Земјата од југот. Источно од крајот. Среде Западен Балкан. Во југоисточна Европа. Моќниот Нордистан. Држава со богата историја. Славни личности. Како Александар Нордистански. Тој е Грк. Или браќата Кирил и Методиј. Славните грчки Бугари. Тука е и Гоце Делчев, бугарскиот Грк, кој сиот свој живот се борел за независен НАТО Нордистан како дел од Бугарија.
Нордистан е земја на благосостојба, радост и чуда. Времето се мери според европски календар. Нордистанците живеат од датум до датум за пристапни преговори. Тоа е комплексна временска операција како календарот на Маите. Но нордистанците се комплексен народ што ужива во својата благосостојба. На граѓаните на Нордистан сметките им ги плаќа името на државата. Затоа течат мед и млеко. Омилен пијалак е западна нафта, никако руски гас. Секој нордистанец пие нафта трипати на ден. Главна религија е евроатлантството. Нордистанците секоја година на Брисел и на Вашингтон, новиот модерен Олимп, им жртвуваат по неколку руски дипломати.
Добро, има и ситни проблеми. Ги прават Македонците. Како што за цивилизираниот Запад проблем се Русите, така за Нордистан се Македонците. Измислен народ. Тито ги измисли, инаку познат изумител. Македонците им прават проблем на нордистанците. Сеедно што се бедно малцинство. Тоа се покажа на референдум по кој Нордистан стана членка на ЕУ и на НАТО. По пребројување на ливчињата се виде дека Македонците се нешто помалку од бедни седумдесет проценти од жителите на Нордистан, за разлика од огромните триесет и кусур проценти на страната на нордистанците. Ама малцинствово цело време нешто мрчи. Веројатно затоа што оној Тито ги измисли во Русија. Но, како и да е, Македонците се мал и безначаен проблем, кој ќе биде удавен во океанот убавина на граѓанството луѓенца и интелектуалната бижутерија, инаку водечките касти во нордистанската општествена хиерархија.
Сонцето и утре ќе изгрее на запад. Цивилизираниот западен свет кому му припаѓа и Нордистан ќе продолжи да се буди и заспива во прегратките на слободата, демократијата и европските вредности што ни доаѓаат од Америка. Патем ќе се соочува, бори и ќе победува ситни проблеми. Но и најголемиот проблем. Мајката на сите проблеми. Не, не е тоа Русија. Русите се ситна боранија. Најголем проблем, смртен непријател на западната цивилизација, американската демократија и европските вредности е вистината. Нема ништо поодвратно од вистина, таа декадентна појава што не можеш едноставно да ја бомбардираш како Авганистан, Ирак, Сирија или Либија, ама мораш по секоја цена да ја уништиш, оти ако само еднаш ти влезе во срцето, ќе почнеш да ја бараш правдата. А нема правда, нема мир, вели прогресивната догма што значи дека нема правда и мир за оние што одбиваат да имаат право само на нивно мислење. Среќа, Американците тргнаа отворено во војна со вистината. За почеток отворија нешто како Орвеловото министерство за вистина. Тие ќе ја ловат и ќе ја стават таму кајшто ѝ е место. Во графата лажни вести. Затоа што вистината е фејкњуз.