Улицата „Македонија“ е слика за државата Македонија

Не сум ниту роден ниту стар скопјанец, уште помалку дебармаалец, за да го користам правото да пишувам за историјата на Скопје, град во кој живеам 57 години. Но тој факт не ми го забранува правото да пишувам за сегашноста што ја гледам со свои очи. Не широко за цел град, туку само за една улица, за улицата „Македонија“, како што го носи денешното именување. Притоа ја земам како општествено-политичка парадигма за минатото и сегашноста.
Според историчарите, централната улица на денешно Скопје во своето стогодишно постоење го добивала името во согласност со воено-политичките околности. Кој со Македонија владеел, по него се викала улицата. Првото име, во турско време, е „Султан Хамид Петти“. Потоа дошол „Цар Фердинанд“, бугарскиот кнез. По Фердинанд, дошол српскиот „Краљ Петар“. По Петар, дошол бугарскиот „Цар Борис“. Наместо царот, дошол маршалот „Маршал Тито“. Десетина години откако замина и Тито, во почетокот на 90-тите години од минатиот век го доби денешното име „Македонија“.
Значи во турско, бугарско, српско и југословенско време улицата била таа, една, но секогаш поинаква, поизградена, позначајна и попосетена. Од првиот пајтон до последното „порше“ што може да се види непрописно паркирано до некоја од кафетериите. Секоја власт градеше по нешто, од стар Камен мост до нова железничка станица се стигна до Александар Македонски, татко му Филип и мајка му Олимпија. Од главна сообраќајница до пешачка зона, од дуќани до низа од бистроа.
Скопјани, оние блиски до мојата генерација, со чувство на нежност се сеќаваат на улицата и животот во неа во шеесеттите и седумдесеттите на минатиот век. Главно со убави спомени, со носталгија, убавини поврзани со младоста што одамна поминала. Како што е носталгијата по годините по Втората светска војна, кога почна живеењето во своја држава, да се зборува на свој јазик, презимињата да си имаат наставки што ја одредуваат националноста. Како што се менувале системите се менувала и улицата, минале низ неа генерации и генерации, секоја со свои радости и секирации. Од прва љубов до последно збогум.

Современиците ја нотираат улицата како „симбол на урбаниот карактер на градот, неговата историја и неговата душа“. Душата на улицата „Македонија“ денес не е различна од душата на државата Македонија. Всушност, основното прашање е дали сѐ уште има душа. Ако имаше душа, сигурно сега ќе изгледаше поубаво, посредено, вистинско градско јадро.
Веќе подолго време централната пешачка зона во главниот град е оставена да се распаѓа и ниту Град Скопје ниту Општина Центар не ја одржуваат. Освен што плочките се искршени и пропаднати, улицата редовно е нечиста, прашање е дали се мете и кога се мете. Кантите преполни со отпадоци, низ улицата слободно влегуваат автомобили на чаламџии и комбиња за дотур на стока. Се чека да заврне, па да се исчисти насобраната прашина. Смрди канализацијата, се ставаат некои импровизирани капаци да се намали смрдеата, но и покрај тоа половина од улицата се минува со затнат нос. „Македонија“ личи на силно напудрена, упадливо нашминкана, но долго време небањата жена.
Улицата е стеснета за да се отвори простор за кафетерии, слаткарници, полуресторани со странски рецепти за храна, туристички агенции, книжарници, одвреме-навреме со изборни штабови на двете најголеми македонски партии. Газди се од сите националности – Македонци, Албанци, Турци, Власи и други запишани или незапишани во Уставот. Ама никого од нив не го интересира општиот интерес како изгледа улицата и што треба да се стори таа да добие современ, модерен лик. Европски, каков што сакаат политичарите. Но, наместо европски, на улицата се забележливи слики од најсиромашните азиски земји.

Како за многу нешта во државата така не се знае кој е одговорен за улицата „Македонија“, поранешната „Маршал Тито“. Општината Центар вели дека улицата е во надлежност на Градот, од Градот се оградуваат од одговорноста, ја префрлаат на некој трет, за кого не се знае кој е. Како што е во државата во која се измешани одговорностите на државата, што е нејзино, а што на локалните самоуправи. И како такви, не се трпат меѓу себе.
Ако во владата на власт е СДСМ, а во градот ВМРО, тогаш нема пари, нема помош и обратно, ако ВМРО владее со владата, нема помош за градовите во кои владее СДСМ. Поради дел од тие причини и Скопје и општините се во очајна состојба, со поткопани улици, со раскопани тротоари, валкани сокаци и нефреквентни сообраќајници. Болка на сите помали градови, без разлика дали се лоцирани на север, на запад, на исток или на југ од Република Северна Македонија.
Секој што порано шетал на оваа „улица на гордоста“ во центарот на Скопје сега би го фатило срам. Од новите градби што личат на Потемкинови села до Градската порта, портата на победата, која на свој јазик сведочи за поразот на градителот. Улицата е неугледна и дење и ноќе. Вистинска е само кога има некакви културни случувања, бесплатна забава за сиромашните народни маси, кои исто така си организираат приватни забави на ќошот од плоштадот, каде што доминираат звуците на тарабуките што ги удираат полуголи деца.
Улицата „Македонија“ си ја има изгубено својата младост. Ги нема луѓето, иако кафулињата даваат лажна слика. Ги нема кината „Вардар“, „Култура“ и „Бамби“, распоредени на пет-десет чекори растојание, ги нема турканиците за билет повеќе, нема џагор карактеристичен за сите главни улици во светските градови. Ги нема прошетките и дискусиите по претставата. Се гледа дека Скопје живее во некој филм здодевен, бавен, празен по дух и содржина. Како и сите други градови, како мој Ресен, како Охрид во зима, како раселена Виница, како дезорганизирано Тетово. Како цела Македонија, земја на моќта на сонцето и немоќта на луѓето.