Тренинзи за земјите во развој

Она што дефинитивно не е во ред, тоа е во редот на тие што ќе бидат тренирани (посебно од земјите во развој) да има личности што немаат поим од одредена тематика, толку се далеку од областа, па и знаењето на јазиците (англиски, германски) е на најниско можно ниво. И како може тој некој да го апсорбира тоа знаење, да го запамти, да извлече одредени поенти и потоа да го пренесе во својата земја, и тоа без знаење јазици. Па никако, нормално

Тренинг и/или споделување на ноу хау на заинтересирани страни е едно од најдобрите нешта што може да се добијат од големите европски и меѓународни тела за стандардизација, посебно за правилна имплементација на стандарди во одредена област. А во самите стандарди е собрано и соџвакано огромно знаење на околу 200.000 експерти (меѓу кои има и нобеловци), кои имаат создадено над 200.000 стандарди што се применуваат и кај земјите во развој и во развиените земји. Обично тренинзите се еднакво интересни и за развиените земји, но и посебно за земјите во развој. На таков тип тренинзи доаѓаат тренерите што се обично најголемите експерти од областа и со своето знаење, искуство го збогатуваат знаењето на сите други што присуствуваат на тие тренинзи.
А на тие тренинзи треба да присуствуваат експерти од таа одредена област на одредена земја (тоа се обично членови на национален технички комитет или работна група за одредена област), кои добар дел од животот го посветиле на својата област, истакнати професионалци, со знаење и искуство за да го пренесат тоа знаење. Тоа знаење им го пренесуваат на другите членовите на техничките национални комитети што не биле на тие обуки, а овие во нивната фабрика, приватна фирма, министерство…, со што тоа знаење станува достапно за сите.
И до тука работата е во ред. Но што дефинитивно не е во ред, тоа е во редот на тие што ќе бидат тренирани (посебно од земјите во развој) да има личности што немаат поим од одредена тематика, толку се далеку од областа, па и знаењето на јазиците (англиски, германски) е на најниско можно ниво. И како може тој некој да го апсорбира тоа знаење, да го запамти, да извлече одредени поенти и потоа да го пренесе во својата земја, и тоа без знаење јазици. Па никако, нормално.

Е, сега откако видовме дека не може никако, тогаш која е поентата тој/тие да присуствуваат на тие тренинзи. Освен ако не е туристичко разгледување на одреден град, регион, држава. Ова посебно се однесува на земјите во развој (според ИСО, од вкупно околу 167 земји што се членки на ИСО околу 135 се земји во развој). Една од причините што голем дел од земјите во развој не можат да се оддалечат од своето ниво на развој, секако, е недоволното знаење за новите технологии. И сега наместо тие земји да ја зграпчат добиената шанса и да го присвојат знаењето за да помогнат во ширење на знаењето меѓу индустријата, регулаторите, невладиниот сектор… во одредена земја, тие праќаат свои роднини, вработени на кои тоа не им е тоа работа, пријатели, љубовници, жени на тие семинари.
И кој губи? Па, државата и граѓаните во таа земја за сметка на два-тројца што шетаат на трошок на сопствената држава (и тоа во време на светска криза), но и на трошок на европските и меѓународните тела за стандардизација. И тоа не еднаш инцидентно, туку постојано, континуирано. А во тие меѓународни и европски тела за стандардизација секоја држава плаќа секоја година огромна сума пари за да го одржи своето членство таму.
Има една работа што посебно ме загрижува – а што ако па овие европски и меѓународни тела за стандардизација намерно делегираат таков тип посетители да присуствуваат на тие тренинзи, семинари во што некако не сакам да поверувам. Што ако тоа е легален начин да се исперат пред светот дека тие пратиле покани за семинарот, но од соодветните земји праќаат таков тип слушатели на семинари, тренинзи? Зарем нема некои критериуми, како на пример: високо познавање англиски јазик, експерт за таа област, и тоа да е докажан, со објавени трудови, па ако треба и видеоповик за да се осигурат дека тоа е таа вистинската личност или, пак, ако има критериуми зошто не се почитуваат.
Зарем само на телото за стандардизација на државата што присуствува на семинарот/тренингот ќе му се остави да избере свои претставници. Па тие ќе си се изберат сами меѓу себе, дури и за најсложените теми ќе одат само тие. А државата, индустријата, кому му е гајле. Важно тие да прошетаат, во име на иднината на граѓаните.
Ова вака не оди. Мора да се среди оваа работа, на кој било начин. Мора да се воспостави контрола на национално, но и на европско и меѓународно ниво, со процедури и правила, и на таа контрола да има уште една контрола.

(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство. Член на Советот на ISO (највисокото тело по Собранието на ISO) и член на највисоките тела на двете европски тела за стандардизација, CEN и CENELEC).