Терор врз Израел и слободна Палестина

Кога виновникот е страната што

не ти се допаѓа, светот, а и ние дома

сеподеливме на #PrayForIsrael и на #FreePalestine, најчесто по веќе
постојно групирање, иако дома кај

нас има мешана ситуација

На 7 октомври 2023 година, во ден кога се празнуваат Шемини ацерет и Симхат Тора, Израел е погоден од терористички напад од Хамас, исламска фундаменталистичка организација од Газа, окупирана Палестина, во кој настрадаа илјадници луѓе, а убиени се над 1.400 луѓе и киднапирани над 100 луѓе. Најголема загуба на Израел од 1948 година. Најголем дел од убиените се цивили, како на пример стотиците убиени на рејв-концерт во пустината блиску до Газа. Терористички чин во ИСИС-стил за најостра осуда, кој меѓу другото им нанесува голема штета на Палестина и палестинскиот народ. За десетина дена терористичкиот чин ескалира во трет судир меѓу Израел и Газа, кој веќе зеде над четири илјади жртви, главно цивили од Газа, вклучувајќи повеќе стотици погинати во бомбардирањето на арапската (баптистичката-христијанска) болница „Ал ахли“. Ова последното е најголема загуба на животи во воен напад на болница во модерната историја и е јасно прекршување на сите меѓународни норми.
Во сегашниот свет секој е новинар, бидејќи поседува мобилен телефон со камера и има (социјален) медиум на кој може да објавува. И во мир веќе влегуваме во светот на поствистината, но особено во војна, во маглата на психолошки операции, дезинформации, лажни вести, потешко е да се спознае што е вистината. Во отсуство на вистината, објективноста се губи, виновникот е страната што не ти се допаѓа. Надвор од темата ова беше омилена теза на покоен проф. Миодраг Мицев, психијатар, но за тоа во друга пригода. Кога виновникот е страната што не ти се допаѓа, светот, а и ние дома се поделивме на #PrayForIsrael и на #FreePalestine, најчесто по веќе постојно групирање, иако дома кај нас има мешана ситуација.
Израелско-палестинскиот конфликт, кој трае од 1948 година до денес, има неколку врва, војни како израелско-арапските од 1948, 1967 и 1973 година, како израелско-либанската со врв во 1980 година, како и Првата интифада (доцните 1980-ти) и Втората интифада (раните 2000-ти). Напишав дека сегашниот конфликт во Газа е всушност трет по ред по тие во 2009 и 2014 година. Во речиси седумдесет години на конфликт има и доволно вистини што може да ве определат за една од страните. Тоа е конфликт од типот „ММЕ кој прв почна“, каде што лесно може и да се релативизира и да се бара вината кај „двете страни“.
Мојот став за терор врз Израел и слободна Палестина не е обид за споделување на вината на двете страни, туку потрага по објективен став, кој може да донесе правда и мир. И пред да го дефинирам, морав да ги преиспитам моите чувства, кој ми се допаѓа, а кој не. Јас сум растен во социјалистичка Македонија и Југославија. Во Југославија имаше големи симпатии кон ослободителните групи и војски, кои најчесто беа и со социјалистичка ориентација, како ПЛО во Палестина, СВАПО во Намибија, Полисарио во Западна Сахара, дури и ИРА во Ирска. Во Македонија, поради националноослободителните карактери на групите, тие чувства беа посилни. И не беше тоа само политика. Се сеќавам дека во осмолетка собиравме доброволни прилози за ПЛО (Палестинската ослободителна организација). Подоцна на студии имаше голема заедница на Палестинци на Универзитетот во Скопје, кои лично ги пренесуваа страдањата во окупирана Палестина. Имам долгогодишен пријател Рифат Касис, Палестинец, христијанин. По независноста, Македонија го смени ставот и се ориентира кон Израел. Приближно тогаш, со основањето на МЦМС, ги запознав првите македонски Евреи Здравко и Јоцо Шами, а потоа и луѓето од Еврејската заедница, како прекрасниот Виктор Мизрахи, го спознав придонесот на семејствата Таџер и Садикарио. Во Палестина почна да слабее секуларната ПЛО и да расте исламистичката Хамас. Исламистички фундаментализам секако не е нешто за одобрување.

Оваа година ги посетив и Израел и Палестина. Личното спознавање на двете страни сигурно влијае на мојот став. Вака измешаните работи влијаат и на ставовите на македонската јавност.
Сето тоа ме доведе до ставот од насловот. Првиот став, за терор за Израел. Израел има право да постои! Прифаќањето на правото на постоење на Израел е првиот чекор што арапскиот свет и Палестина и главните палестински организации мора да го прифатат. Сѐ уште има арапски и муслимански земји, како и палестински организации што не го прифаќаат постоењето на Израел. Нападот на Хамас е тероризам по сите критериуми на дефиницијата на тероризам. За тоа не може да има дилема. И Израел има право да се брани! Тоа е едната страна на вистината. Втората страна на вистината е дека Палестина е окупирана од страна на Израел и дека сегашната власт на Израел фанатично работи да нема слободна Палестина. За тоа следната недела!

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични Блог www.megjutoa.mk @sklek