Технолошкиот суверенитет – незаобиколен дел на државниот суверенитет

Како дојдовме до состојба да не веруваме во одржливоста на сопствената држава? Суверенитетот на една земја има и една сериозна технолошка компонента. Доколку нешто можеме да научиме од историјата на модерната епоха, тоа е дека губењето чекор со времето е сигурен пат за еден народ кон потчинување, ропство и исчезнување од историската сцена. Иновациите во управувањето со финансиите, устројството на современата бирократија, поморството, а потоа и индустриската револуција ја востоличија Европа, тој некогаш периферен и небитен дел од Земјината топка во самиот центар на глобалната историја, политика, економија, култура и развој во последните неколку века. За остатокот од светот лекцијата за нужноста од влез во технолошката трка беше сурово научена, а и уште не е целосно совладана.
Македонија го дочека крајот на Втората светска војна како една од најзаостанатите и најсиромашни области во Европа. Благодарение на националната и социјалната слобода, изборена од партизаните за време на Втората светска војна, земјата била непрепознатлива веќе во првата деценија по ослободувањето. Може многу да им забележиме на македонските комунисти во делот на почитувањето на човековите слободи и права, устројството на системот, демократијата, слободата на изразувањето и така натаму. Но, веднаш по ослободувањето од туѓинските ропства Македонија започнува со рапидна модернизација, со цел да фати приклучок кон остатокот од Југославија и кон развиениот дел од светот. Во тој период се удрени темелите на современите системи, како во делот на физичката инфраструктура, така и во делот на човековиот развој. Современата државна администрација, сеопфатното образование и јавното здравство се оставина од ова херојско време на „големиот чекор напред“ на Македонија. Исто така, и патната мрежа, хидроцентралите, РЕК „Битола“, водостопанствата, топловодите, урбаната опрема и другите аспекти на физичката инфраструктура на земјата се изградени во самата зора на современата македонска државност.
Во текот на 1980-тите години македонските енергетичари планираат изградба на нуклеарна централа во Мариово, која би ги користела водите од вештачкото езеро на реката Црна (по изградбата на хидроцентралата „Чебрен“). Тоа не биле само сништа на залудени визионери туку државен план на тогашната Социјалистичка Република Македонија, за што се стапило и во преговори со познатата американска компанија „Вестингхауз“ од Питсбург и се влегло во почетната фаза на реализацијата. Како тогаш дојдовме до оваа очајна состојба во 2024 година лично премиерот на државата да тврди дека Македонија немала капацитет самата да изгради хидроцентрала или гасна централа, и тоа само 40 години по почнатиот проект за македонска нуклеарка?
Одговорот на ова прашање лежи во срамната корупција и во откажувањето од каква било одговорност на една македонска политичка врхушка. Македонија уште долго ќе закрепнува од декадата на 1990-тите и од криминалната приватизација, која ја однесе земјата години наназад.

Големите државни системи се изградени како одговор на заедниците за предизвиците на новото време. За време на тој елдорадо момент во македонската историја, себичноста ја победи солидарноста и политички се овозможи еден грст семејства да се стекнат со огромен дел од националното богатство. За жал, во таа епоха се начна и дел од државните институции, а општиот грабеж предизвика појава на голем број општествени зла, меѓу кои и корупцијата, непотизмот, партизацијата и така натаму. Државата влезе во сериозни стратегиски грешки да приватизира компании како „Македонски телекомуникации“, „Електростопанството на Македонија“, „Градски аптеки“ и така натаму. Покрај нивната клучна улога во секојдневниот живот на граѓанинот и во непреченото функционирање на македонската економија, овие институции овозможуваа македонските научници, инженери и иноватори да држат чекор со времето и да учествуваат во глобалниот технолошки развој. Денес во ниту една од овие сфери не се издвојуваат средства за научен и за технолошки развој на ниво на финансиите што им биле ставани на располагање на експертите пред приватизацијата.
Елем, приватизацијата одамна е завршена, но не и арамискиот начин на водење политика. Некои од македонските политичари открија дека граѓанинот може да биде извор за нивно незаконско богатење, па ја изопачуваат добиената политичка доверба и влегуваат во жестока злоупотреба на службената должност. Во моментов енергетиката е новото елдорадо за секундарно богатење на расипаните политичари. Се чини дека актуелната власт има цел да го распродаде националниот енергетски систем за бадијала, сè со цел да се вградат во зделките на странските компании што финансиски ќе ги исцицуваат македонскиот граѓанин и македонските компании.
Лани јавноста беше потресена од скандалот со „стратегискиот партнер“ за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, зад што, всушност, се криеше отстапување на водното богатство на Македонија на државното грчко електростопанство, со сите дополнителни придобивки што произлегуваат од контролата на водите на реката Црна. Годинава осамна со шокантните четири проекти за „стратегиско партнерство“ зад кои повторно се крие безмерна корупција, во содејство помеѓу странски компании и домашни политичари. Кривичарите може да избираат од вистинска „шведска маса“ тешки кривични дела, од злоупотреба на службена должност, преку корупција, трговија со влијание, незаконско богатење, доведување на земјата во подредена положба пред друга земја (или други ентитети), па до велепредавство. Моралниот аспект не вреди ни да се споменува, а политички ова е неописливо подигрување со интелигенцијата на граѓаните, нивната доверба и иднина.

Македонија мора да го обезбеди својот енергетски суверенитет, базната енергија во земјата мора доминантно да доаѓа од системите во државната сопственост и треба постојано да се вложува во нивото унапредување. Приватниот капитал може да биде само мирудија во овој сегмент, но никако и чинител од кој зависи благосостојбата на земјата, економијата и нејзините граѓани. Знаменосци на отпорот против овие погубни политики беа експертите од здружението на инженери, а јас ја имав честа да соработувам со нив во изминативе неколку седмици. Овие херои на македонскиот отпор ме убедија дека кај нас останало цврсто државотворно јадро што сака Македонија да ја устрои како одржлива држава. Сите приказни дека не сме имале капацитет, знаење, експерти и така натаму се само дел од пропагандата на коруптивните политичари. Нивната цел е да се убие вербата на македонскиот граѓанин во неговото општество, за да се реализираат матните зделки за богатење. Македонија има капацитет сама да си ги изгради големите енергетски системи, да управува со нив и постојано да ги унапредува.
За Македонија е нужно да вложува и во својата енергетска независност. Меѓутоа, покрај тоа веќе не смее да се губи ни миг во делот на севкупната дигитализација на земјата, како и во приклучувањето во трката околу новите технологии преку устројување нов државен институт за вештачка интелигенција, каде што ќе биде сместен и првиот македонски суперкомпјутер. Покрај тоа, Клиничкиот центар во Скопје треба да ги набави сите најмодерни инструменти, кои се на самото сечило на светската медицинска наука, да обучи специјалисти да управуваат со овие машини и да овозможи најсовремени здравствени третмани за македонскиот граѓанин. Не е точно дека немаме капацитет, дека не знаеме, не умееме, не сме способни и така натаму. Тоа го велат само корумпираните политичари, ловците во матно, кои заради длабочината на својот џеб си подигруваат со судбините на целата нација.
Задача на следната влада, по обновата на македонската демократија, ќе биде и повторното воспоставување на македонскиот суверенитет. Лекцијата со енергетиката јасно ни покажа дека технолошкиот суверенитет е незаобиколен дел на државниот суверенитет.

Ивица Боцевски