Светот се преуредува

Светот се гради на нови освоени вредности. Мултимедијалниот третман на новата стварност е важен субјект, за многу работи дури и пресуден. Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е вгнезден во нашите на изглед кревки информациски тела и во нашата свест, па на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од глобалното цивилизациско битие. Но сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес

Една земја на југот, многумина ќе се обидат да ја уништат. Преку неа ќе се скршат многу копја. Поради неа народ ќе војува, а жителите на таа земја неколкупати ќе бидат пред тотално уништување. Кога ќе мине таа војна, таа земја одново ќе се роди. Таа земја многумина нема да ја сакаат и ќе се обидат да ја уништат на секој можен начин. Луѓето таму се алчни и поради многу вредни и драгоцени работи, многу крв ќе биде пролеана. Во таа земја се имаат случено многу војни во минатото. На крајот таа земја ќе допре до самиот Бог и ќе биде почитувана од сиот свет…. Во таа земја на 29 октомври 1944 година се роди весникот НОВА МАКЕДОНИЈА… Врсник со современата македонска држава, прв печатен весник со македонскиот правопис, весникот НОВА МАКЕДОНИЈА, еве, повеќе од седум децении информира, нотира, бележи и анализира, запишува и архивира трајни сведоштва за драматичниот од низ времињата и невремињата на нашата опстојба. „Нова Македонија“ е синоним за македонскиот јазик, име, идентитет, традиција, писменост, култура, весник што македонската драматична стварност ја опсервира, анализира, афирмира, но и ја става во тој контекст, низ процеси на локални домашни и меѓународни збиднувања, и низ напливот на светските глобализациски фурии…
Светот се преуредува. Светот се гради на нови освоени вредности. Мултимедијалниот третман на новата стварност е важен субјект, за многу работи дури и пресуден. Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е вгнезден во нашите на изглед кревки информациски тела и во нашата свест, па на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од глобалното цивилизациско битие. Но сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес.
Преминот од аналогна во дигитална ера, освен технолошки иновации, ја прошири и онтолошката рамка на журнализмот како моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно професионално и одговорно ја преобликува стварноста. Современиот човек, неговото дигитализиранo спознание и искуство, претворени во бројки, букви и пиксели, сѐ полесно ги совладува бариерите, се информира, ги препознава и динамично ги толкува просторот и времето, патувајќи од еден во друг крај на за нас познатата вселена и подалеку, без пречки и тешкотии, воспоставувајќи нов облик на информациски сетилен универзум.

Традиционалниот израз – печатените медиуми – исчезнува или се преобразува во иновативен мултимедијален процес во сајбер-просторот, на интернет и редица нови непрегледни можности. „Нова Македонија“ опстои… и ќе ја има долго, за да сведочи и за да запишува за една филозофија на животот низ кој транзитираме заедно со целата наша заедница и околина. Текстовите, ставовите, колумните објавени во НОВА МАКЕДОНИЈА збогатуваат и на еден особен медиумски начин ја промислуваат згустената слоевитост на политичките, социјално-културните, духовните и историските збиднувања.
И, се разбира, секогаш треба да се има на ум дека и во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што го генерираат, без оглед на карактерот, типот и жанрот на материјалот. НОВА МАКЕДОНИЈА и покрај сите дигитални и електронски премрежиња опстои како писмен бележит доказ, темел и сведок, како писанието на Каменот од Розета, рецките и цртките на Црноризец Храбар… Букварот „Абецедар“ од 1925-та… и ќе продолжи да информира, едуцира и да го афирмира милозвучниот јазик на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија.

Автор: Аљоша Симјановски