Советодавен нон-пејпер пристигна на адресата на прецеднико на Северџанија (најнова вест)

….пред утрешната претседателска, традиционална, донаторска, добротворна манифестација за хендикепирани, според извори блиски до протоколот, пристигна допис од дипломатскиот кор со следната содржина (се извинуваме поради евентуалните непрецизности во преводот оти нон-пејперот беше на дипломатски јазик):

ПОЧИТУВАН ПРЕЦЕДНИК

Видете…

1. Немојте да одговарате на прашања – Вие треба да ги поставувате.
2. Немојте да ги заборавате пријателите – искористете ги.
3. Немојте да ги заборавате непријателите – и тие се од мајка родени.
4. За секој случај – мора да имате непријател (тука е целиот штос!).
5. Ако не ви текнува за некој – измислете… на пример: народен непријател, природен непријател, непријател на законот… ПОТОА: СМЕНЕТЕ ГО ЗАКОНОТ (и така и така овој закон е производ на оној вашиот претходник противкандидатот)… ВИ ТЕКНУВА?
6. Имате многу предрасуди на располагање. Не заборавајте: КУЛТОТ НА ЛИЧНОСТА ВИРЕЕ АКО И САМО АКО ЈАВНО НАСТАПУВАТЕ ПРОТИВ КУЛТОТ НА ЛИЧНОСТА… и обрнете внимание: ПРЕДРАСУДИТЕ ГИ ДОБИВААТ ИЗБОРИТЕ (ваљда ви е јасно до сад)… Непријател ќе најдеш лесно – Македонија е богата и има недоброј предавници (памтите: „ПРЕДАВНИЦИ СЕ СИТЕ ПЕТЛИ, А ГРАДОТ Е ПРЕЖИВАР… ПРЕЖИВАРИШТЕ… ДОБИТОК“)… тие чекаат да бидат експлоатирани.
7. За Уставот и амандманите… преспијте потребен и доволен број амандмани…
Но! Почитувајте ги правилата на нашите компании и табиетот на високите комесари.
8. Настапувајте дрчно и гордо и кога некој ќе се пошегува на сметка на Македонија (навика, навика) придодајте малку на шегата (да не би да се налутат комшиите)… Но! Потоа, ВЕДНАШ ОДБРАНЕТЕ ЈА ТАТКОВИНАТА со препорачаното: мала земја – мал народ!

9. Внимание: РЕДОВНО ПОМАГАЈТЕ МУ НА ВАШИОТ НАРОД ДА ЗАБОРАВИ ВО ИМЕ НА ПОСВЕТЛАТА ИДНИНА… и видете… некако… подизбришете ја македонската историја… (ќе видите по некое време ве чека сјајна кариера во ЕУ или НАТО).
10. За проблемот „The Name Issue“ не заборавајте: НЕ Е РЕШЕН! Јужниот сосед е производ на провинцијализмот на службената историја (овде видете со Вил Дурант).
Така измеривме христијански десет препораки… Еве уште една ваша, од заборавената торба на терзијата… онаа анегдота кога македонскиот народ го пее лидерот откако лидерот под заклетва ја објавува својата програма. Дипломатскиот кор се извинува што анегдотата не можеше да ја пренесе во изворна форма затоа што нон-пејпер си е нон-пејпер и мора на француски, но сигурни сме дека вашите ќе преведат иако не мора ни тоа, бидејќи ова изворно е ваше наследство… Сепак еве ја поентата… Лидерот завршува со заклетвата, а народот торжествено порачува:
О, АРМАТОЛОС
НИЕ МОЖЕМЕ ДА ВИДИМЕ ДЕКА ТИ ДАЛЕКУ ЌЕ СТАСАШ И ГЛЕДАМЕ ОТИ И НАС ДАЛЕКУ ЌЕ НЀ ОДНЕСЕШ!
И… Сега?
Кој ќе го потпише ова?
Јас немам намера… Ништо не е мое… само имам чуено и прочитано и пренесено по сеќавање… Оти?
Оти ми се сторило важно…
Сепак…
Јас сум…
Но… се немам себе… значи:
ДОПРВА БИДУВАМЕ… (за ова види си со Фром).

Вангел Божиноски