Фото: Пиксабеј

Украински бизнисмен меѓу повредените во експлозијата во Монако, пишуваат медиумите

Три лица се повредени во експлозија што синоќа се случила пред влез на станбена зграда во Монако, а властите ја истражуваат причината за инцидентот и трагаат по осомниченото лице, јави ДПА.

Според властите во кнежеството, тројцата повредени се пренесени во болница, додека локалните медиуми објавија дека две лица се во критична состојба. Идентитетот на повредените засега не е официјално потврден.

Францускиот весник „Ле Фигаро“, повикувајќи се на извор близок до истрагата, објави дека меѓу тешко повредените е украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, кој од почетокот на војната во Украина престојува во Монако. Според истиот извор, во моментот на експлозијата тој се враќал во зградата во која живее со својата партнерка и синот тинејџер.

Претседателот на владата на Монако, Кристоф Мирманд, за француската телевизија БФМТВ изјави дека експлозијата се случила околу 21 часот. Тој не потврди дали станува збор за напад, но нагласи дека инцидент од ваков вид досега не бил забележан во кнежеството.

Медиумите објавија дека експлозивна направа била активирана пред влезот на зградата. Според БФМТВ, која се повикува на безбедносните власти во Монако и на весникот „Монако-Матен“, камерите за видеонадзор кратко пред експлозијата снимиле лице кое остава ранец на местото, а потоа бега.

Полицијата сè уште трага по осомничениот. На фотографии објавени од медиумите се гледа маж со црна капа како трча од местото на настанот. Зградата се наоѓа во близина на границата со Франција, а осомничениот, според медиумските извештаи, пеш избегал кон францускиот град Босолеј.

Мирманд соопшти дека на местото на експлозијата биле испратени околу 50 пожарникари и повеќе од 80 полицајци. Во операцијата се вклучени и француските служби, а полицијата на Монако и француската полиција заеднички работат на пронаоѓање на осомничениот.

Принцот Алберт Втори во соопштение објавено во текот на ноќта инцидентот го опиша како „криминална експлозија“ и „шок за целата заедница во Монако“. Тој додаде дека сите надлежни служби се активирани и дека се работи во тесна соработка со француските власти за да се идентификуваат одговорните.

Градоначалникот на Ница, Ерик Чоти, во објава на Икс инцидентот го нарече трагедија што го погодила Монако и изрази поддршка за службите за итна помош.