Вредности
СЕ ЈАВУВАМ ОД ЕДНА НЕВОЗМОЖНА ЗЕМЈА…
…и… СЛОВЕНИТЕ СЕ СЕЛАТ… (во шести или во десетти век? Или во 11 век?).
Знам дека моето службување овде има ограничување во категоријата време, но тоа е дел од службата и мислам дека по сето ова конечно ќе стасам до платформата ДИПЛОМАТ ОД КАРИЕРА… (сѐ уште не ми е јасно што е тоа, но звучи некако…).
Известување број 6 вне – 10 вне – 11 вне – 19 вне
Не беше тоа одамна… ненадејно… Изникнаа од минатото множество Македонци во централното градско подрачје. Како од потсвеста (малкумина знаат за нивните имиња, а уште помалкумина за нивните хагиографии). Збунка.
Еден (немаше други) изјави, јавно, дека со подигањето на скулптурите ќе се создаде нова економска гранка во главниот град и дека ќе произведе нови работни места и дека ќе донесе значителен профит! Се разбира тоа локално предизвика подбив, но се прошири како сериозна расправа на меѓународен план, а потоа стана и политички, светски и медиумски атрактивно! Нагрвалија туристи – во градот никнаа недоброј хотели, хостели, апартмани и приватно сместување…
Не беше тоа одамна.
Има еден споменик (од постар датум е). Загадочен. Запоставен (за волја на вистината не е осамен во осаменоста). Правоаголен, вдлабен в земја… Гроб?!… или?… Наместо надгробна плоча има исправена голема книга! Поради постапките на времето и луѓето книгата калцифицирала… се скаменила… но, останало нешто на предната корица… некаков плиток релјеф… Кенотаф?!… Чии коски повикува?!… Чии спомени го бараат да се врати дома?!
Не беше тоа одамна. Го посетив пак… рано наутро… Овде ретко некој се задржува, но утрово има двајца… Странци… имаат ознаки околу вратот и имаат професионални камери… Туристи?… Коментираат гласно… Новинари?…
Разговорот го пренесувам во целост:
– Гледај ваму… калцифицирана книга!… и богами преку два метра висока… Сликај!
– Да, но, погледни околу? Ова е гроб… колективна гробница… би рекол англиска типологија!
-!!???
– По Првата светска војна, големите сили (Франција, Англија и Германија) се собраа на конференција за да го решат проблемот со расеаните коски на своите војски по светот. Се договараа и за препознатлива симболика… Се договорија: Французите да градат гробници – градини, Германците гробници – градови на мртви, а Англичаните да го спуштаат нивото на гробниците и со скали да се слегува во подземниот свет… Ти текнува? И овде е тој случај:
– ОК. Ако е така, тогаш што значи овој плиток релјеф на корицата на книгава?
– Не знам… Мајка води деца… Збег?… одат некаде… во врзопите носат…?… Трски!… и газат по некоја… Вода?… Река…
– Чекај! Дунав… Нели овој народ овде се Словени… кои ја преминале реката со трски в уста за да не ги види византиската царина!… нормално: никој не сака неписмена сиромаштија во својата држава.
– Очигледно. Ние сме пред споменикот на преселбата на Словените…
– Добро… Но нешто не се совпаѓа! Словените дошле од зад Карпатите во шестиот век…, а оваа мајка ги води децата на Исток! Погледни завртени се кон изгрејсонцето… Според историската вистина треба да одат на Запад…, а Карпатите се онаму на Исток?
– Точно. Затоа во локалнава историографија постои нерешлив проблем. Обрни внимание:
Од оваа страна на Карпатите во учебниците… пишува, а… учениците треба да повторат: НИЕ ДОЈДОВМЕ ОД ЗАД КАРПАТИТЕ (значи од Исток на Запад)! Во учебниците од онаа страна на Карпатите, (Русија, Украина, Белорусија…) постои истата реченица: НИЕ ДОЈДОВМЕ ОД ЗАД КАРПАТИТЕ (значи од Запад на Исток)! Ти текнува – НИКОЈ НЕ ДОШОЛ ОД ПРЕД Карпатите!!
– Апсурдно!… КАКО Е ТОА МОЖНО?
– Вака. Историјата не е учебник… и не ја пишуваат победниците (…таа „дефиниција“ е измислица на Гебелс, која ја популаризира Черчил)! Сите истории што и ние сме ги полагале се всушност ПОРТРЕТИ НА ИСТОРИЧАРОТ што ја потпишал својата книга. Секој историчар греши поради своите убедувања, морални норми и заблуди… и… поради потребите на НАРАЧАТЕЛОТ… И: СИТЕ ИСТОРИЧАРИ ГО ЗНААТ ОВА!… и… за да можат да се успокојат во совеста користат една мантра. Ја именувале: РАЗУМНА ВИНА.
Историчарот е принуден да се повикува на постари книги, кои се повикуваат на уште постари… и… тоа е без сомнение практично затоа што најстарите ракописи никаде ги нема!
Реченицата „НИЕ ДОЈДОВМЕ ОД ЗАД КАРПАТИТЕ“ првпат се појавува во 11 век, потпишана од Нестор, монах во киевската лавра. Реченицата е само кристализација од една постара Историја потпишана од императорот книгољубец Константин Порфирогенет во 10 век (значи 400 години по божемната појава на Словените во историјата)… и… Тој е учениот што го воведе именувањето „Словени“ поради погрешно препишување од постарите истории во кои се споменуваат „Склавини“! (Lapsus calamis)! При преписот ја проголтал (или тој или краснописецот) буквата К („С“=„К“)…и наместо „sclavinia“ излегло „СЛАВИНИА“… Ти текнува?
– ОД КАДЕ ЗНАЕШ?
– Неодамна, на мрежата проследив предавање на некој хрватски професор.
– Неверојатно!
– Ништо необично. Вистината по дефиниција е неверојатна. Провери си сам. Добро е што светската археологија на крајот… од минатиот век… прогласи дека нема никакви докази за какви и да е големи преселби во шестиот век.
– ОК… и сега… Што ќе напишеме во прилогот за ова место?
– Не знам… треба да биде атрактивно… и треба да внимаваме зашто уредникот на „Лондон магазин“ знам дека еднаш беше гостин овде на некој поетски фестивал…
… и… кога ќе погледнам што сум испорачал во овој извештај… се прашувам… како: се совпаднаа токму тие двајца во исто утро со мене на исто место… како… знаат за моите известувања бидејќи го користат истиот наслов… ако точно се сеќавам „Лондон магазин“ банкротираше пред 20 години… носеа беџ околу вратот… и… тоа воопшто не беше логото на „Лондон магазин“… и…
ДА НЕ МЕ ПРОВЕРУВА МОЈАТА ИНТЕРГАЛАКТИЧКА КОМПАНИЈА „ИДНИНАТА – СЕГА“?… а… дипломатот од кариера… можеби… бега?…
Крај на известувањето… овде… сега.
Вангел Божиновски