Ивица Боцевски

Дали следува фрагментација на македонската партиска сцена или целокупното опозициско расположение ќе се слее во стожерната опозициска партија? Се чини дека на Балканот не постојат воедначени политички циклуси. Избирачите де го придвижуваат клатното кон една клучна партија, де се стабилизира некаков двопартиски систем, а потоа се случуваат фрагментација и сегментација на избирачкото тело. Нормално, сето тоа произлегува од преобразбите во балканските општества што постојано се во движење, па партиите и лидерите што не успеваат да го прочитаат времето многу лесно се губат во маргините, а потоа и зад историскиот хоризонт. Се сеќава ли некој денес на Српското движење на обнова, кое беше единствена ноќна мора за режимот на Слободан Милошевиќ, или на Сојузот на демократски сили од Бугарија, кој важеше за една од најуспешните европски десничарски партии? Каде се изгуби оној ПАСОК во Грција, кој знаеше да земе и половина од грчките избирачи, или актуелната Демократска партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, која никако не успева да се врати во игра и покрај изборната поддршка.

Темата фрагментација на македонската партиска сцена воопшто не е нова. Иако важи за аксиом фактот дека Македонија досега имала само две стожерни партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои произведувале премиери и биле потпорни столбови на владините коалиции, сепак македонскиот партиски систем никогаш и не бил стабилен. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, вакви какви што се, претставуваат жива историја на цели политички движења што биле проголтани и кои ги видоизмениле овие две партии до непрепознатливост. Наедно, Македонија отсекогаш имала тенденција да експериментира со нови политички понуди. Доволно е да се потсетиме на парламентарните избори од 2006 година, кога импресивни резултати постигнаа и НСДП, ВМРО-НП и ДОМ. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Никола Груевски, го препозна моментот, па наместо да остане вкапсулирано и со ниски амбиции, го оптегна партискиот шатор за да ги опфати и овие три партии, но и сите политички движења на помалите малцинства. Претходно истото тоа го стори и Бранко Црвенковски во 2002 година, кога ја престори СДСМ во најширока можна платформа, каде што се искачија и ЛДП и малцинските партии, но и голем број невладини организации, општественици и интелектуалци. Притоа, политичките наследници на Црвенковски никогаш не излегоа од шинелот на СДСМ и ја сведоа на бледа сенка и вечен губитник од ВМРО-ДПМНЕ, додека пак широкиот шатор на Никола Груевски овозможи цела деценија стабилна власт за неговата структура, како и многу поширок идеолошки, вредносен и човечки потенцијал на неговите влади.

Клучно и за успехот на Црвенковски во 2002 година, како и за успехот на Груевски од 2008 до 2014 година, беше тоа што и едниот и другиот ги читаа духот на времето и пулсот на избирачите. Црвенковски увиде дека Македонија во 2002 година бара стабилност, по бурните четири години владеење на Љубчо Георгиевски, кога се случи и неразумното признавање на Тајван, фарсата од претседателски избори од 1999 година, воената 2001 година, но и серијата коруптивни скандали во доцното владеење на првата македонска власт што не произлегуваше од СКМ, односно СКМ-ПДП или СДСМ. Неговата изборна платформа од 2002 година беше доволно широка да ги искачи сите политички чинители што бараа стабилност и казна за тогашното ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, пак, препозна дека Македонија е веќе заморна од вечен „лет во место“, па понуди програма за сестран развој, од странските директни инвестиции, преку градежниот бум, новото обмислување на Скопје како национална престолнина, културната продукција и така натаму. Македонија бараше отворање кон светот и тоа го доби преку широкиот шатор на Никола Груевски, под кој свое место најдоа сите што бараа промена на парадигмата.

Меѓутоа, се случуваа и други изборни циклуси, како првите локални избори од 1996 година или парламентарните избори од 2006 година, кога партиите не се осмелуваа за храбар исчекор и се потпираа на своите најтврди партиски јадра. Овие изборни циклуси укажуваа како се менува Македонија и што бараат избирачите, од југоносталгија, преку граѓански пориви, национализам, конзервативизам, па до протестните гласови за разни сомнителни политички ликови.

Денес, во 2023 година, Македонија има драматично поинакво општество отколку во 1990 година или од крајот на 1990-тите или од средината на 2000-тите, па дури и од пред само 10 години. Веќе цели 15 години Македонците слободно патуваат низ Европската Унија, околу две децении може да избираат помеѓу јавното и приватното образование или меѓу јавните и приватните болници. Се создадоа цели економски сектори што се извозно ориентирани, со погони што се сопственост на реномирани странски брендови, па широк слој од граѓанството веќе не гласа клиентелистички, непотистички или коруптивно, туку најслободно ги искажува своите политички преференции на изборите. Покрај тоа, сведочевме на вистинска урбана експлозија во Скопје и во неколку други урбани центри. Парадигмите од минатото се надминати, заборавени и одложени на буништето на историјата.

Барањата на граѓаните од минатото се реализирани и се сместени во графата одамна изборени права, па сегашните избирачи имаат сосема нови потреби. Антикорупциската агенда, еколошките теми, стремежот за подобри јавни добра и услуги, исцртуваат побарувачка за поинакви политички партии и движења. Прашање е колку актуелното ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, АА, Беса, Левица и така натаму успеваат да го препознаат моментот и да се преобразат во согласност со духот на новото време. Досегашната глобална историја на демократијата покажува дека избирачите имаат кратко трпение. Многу е краток патот од доминантна и непобедлива политичка сила до музејски експонат или политички крш одложен на буништето на историјата.

На следните избори СДСМ ќе го стигне казна за целиот период од 2017 година, па до ден-денес, за сите изневерени очекувања и разбудени надежи. Особено сурова ќе биде одмаздата на избирачите за авантурите со најдлабоките идентитетски и државни прашања, но секако ќе го оценат и ова разурнување на сите административни капацитети на институциите, откажувањето од дневното управување со државата и досега незапаметените случаи со корупција, непотизам и лошо владеење. Засега е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ останува стожер на идната владина коалиција, но клучното прашање на кое ќе одговорат избирачите на следните избори е дали Македонија се движи кон реприза на 2006 година (фрагментација) или, пак, повторно ќе го гледаме филмот од 2002 година (консолидација околу стожерот).