Овој есеј, драг читателу, ѝ е посветен на една за ова наше време непопуларна тема – скромноста. Таа е исклучена од видното поле на политиката и политичарите, како и воопшто од „еднодимензионалниот човек“ (Маркузе) на потрошувачката капиталистичка цивилизација, и, таква, изгледа прилично архаично. Само ретки индивидуи, внатрешно озарени, со изразита саморефлексија размислуваат за неа и ги поседуваат нејзините квалитети. Еден од нив, маркантен во секој случај, е и рускиот поет Борис Пастернак, архетипелен на тој план. Како кредо неа тој ја дефинира и изложува во песната „Не знаменит да си, да се славиш“. Во таа смисла ќе ги цитираме само првите две нејзини строфи. Доволно е: „Не знаменит да си, да се славиш / тоа нема на врв да те снесе / и не треба архиви да правиш, / Ни над ракописи да се тресеш. // Творештвото има цел да зрачи / со тоа што даваш, а не земаш / и срамно е ништо да не значиш, / а на сите усти да си тема“.
Така звучат тие Пастернакови стихови и го поставуваат пред нас битното прашање што сакал поетот да каже. А сакал да каже дека не само за творецот, скромноста е една од најважните доблести на човековиот карактер воопшто. Поетот тука говори за скромноста што треба да ја имаат писателите на кои им припаѓа и самиот тој. А што им вели тој? Да не се прчат со некоја своја вообразена слава и да не прават за да ја зголемат неа непотребна дебела архива. Со други зборови, да се откажат од својата ниска авторска суета, односно болен нарцизам, кој го дефинира сјајно Фројд за потребите на својата психоаналитичка терапија, да не билдаат од сè и сè и сешто надувана биобиблиографија за да импресионираат, туку да му се посветат само на творештвото што „има цел да зрачи“. Оти тие можат да бидат и нарциси, ама не во фројдовска смисла на демистификација на митот со киселината на иронијата со која се служи постмодернизмот туку со неговата подлабока суштина како што ја сфаќаат неа Жид и Оскар Вајлд, за кои Нарцис е поглед внатре во своето битие, во својата љубовна и мистична, а не периферна физичка убавина. Тоа значи, во длабинскиот клуч на митот, неговото огледување во вирот. Пастернак го знае тоа, па оттука во својата знаменита песна им се обраќа, за да ги освести, на арогантните самобендисани творци, кои се празнословци, ама и такви ѝ се наметнуваат на средината како надувани гении: „И срамно е ништо да не значиш / а на сите усти да си тема“. Така, како и што се случува и што е карактеристично тоа за просечните и слабо талентираните автори, кои како компензација на тој кусок прават дебела архива од биобиблиографска фактографија, затрупувајќи го со неа и она мало зрнце бисер што светка во некој нивен стих или ред. Сеедно.
Така стојат, драг читателу, работите со Пастернак, со кого како вовед го почнавме овој текст за скромноста, што ја сугерира по аналогија и нескромноста за да ни се разјаснат нештата. Па, и пишувавме на овие страници една посебна колумна посветена на моралната доблест на овој голем руски поет, наменета и како еден вид етички учебник за нашите писатели, за тоа како врз негов пример се сакаат родот и татковината, нешто во кое потфрлија нашите литерарни творци во драматичното време, кое уште трае, кога цивилизацијата на колонизаторскиот Запад со нејзиниот балкански предатор Грција (а допрва доаѓа Бугарија) нè ликвидира идентитетски во Преспа 2018. Тие тука не мрднаа ни со малиот прст, занимавајќи се, пастернаковски речено, само со својата творечка суета на гении и со своите архиви, со билдање хипертрофирани биобиблиографии, кои по обем ги надминуваат оние на Шекспир и на Гете. А во однос на нив каков беше Пастернак? Тој беше, безмалку јуродив, како монах скромен, посветен творечки само на внатрешниот ритам на битието и неговиот естетски нагон, па не ѝ обрнаа посебно внимание ни на Нобеловата награда и не отиде во Стокхолм да ја прими, бидејќи се плашеше дека Сталин нема да му дозволи затоа да се врати назад во татковината што ја сакаше над сè друго. Тоа, а нашите писатели, како што се покажаа во време на идентитетската ликвидација, драг читателу, баш ги боли за неа.
Но доволно е и предоволно со примерот на Пастернак во нашата денешна тема. Неговиот пример на етичка скромност, која има и херојска црта, не се однесува само на писателите туку на сите што му припаѓаат на одреден род. Посебно и на возгордеаните интелектуалци, кои сметаат дека се над простодушниот народ. А не се. Напротив. По аналогија тие се слични на фарисеите, црковни интелектуалци, кои ги презираше Христос. Тие што најпосле и го разменија него со разбојникот Бараба за да биде распнат на крст. Така. Туку сега следува да кажеме нешто битно за Христос и неговото боготворење на скромноста. И за него скромноста е дар, како што е и насловот на нашата колумна. Божји дар. А притоа во искушение сме да кажеме наместо дар талент односно, што звучи парадоксално, дека некој е талентиран за скромност. И обратно некој за нескромност. Звучи необично, но зошто покрај талентите за уметност и наука, на пример, да не бидат таленти моралните и другите доблести подарени на човекот од Бог.
Сега тука се работи за суштински нијанси. Христос велеше за луѓето: по делата ќе ги познаете. Па, во склопот на нашата тема, и според тоа кој е скромен, а кој не е. Па сепак, рака на срце, по однос на темата скромност делата се a-posteriori факт, затоа што постои нешто што е a-priori, а тоа е божјата милост. Тоа е елемент во Господовата Менделеева таблица на духовните и карактерните елемент што ја наоѓаме во христијанството, но и во источните религии, пред сè во индуизмот. А според оваа априористичка теорија со која теолозите разбиваат глава, Бог пред создавањето на светот (кој според Ориген е последица на падот) ги поделил однапред сè до свршетокот на светот, за кој говори и Христос, даровите и талентите на секој поединец во милијардите луѓе колку што ќе се изродат по Адам и Ева. Тоа е заслугата по милост, а не по дела, која тешко се објаснува, освен ако не е вклучен тука и ѓаволот, сатаната, за да се објаснат некои аномалии. Но тоа е друга тема и за друга расправа, драг читателу, со која ќе се занимавме во некој друг текст. Сега за сега го прифаќаме божјиот априори концепт на милост, дар, во позитивната смисла и озарение на тој акт. Тоа е и таква е теоријата на предестинацијата во која е упатен само Бог и тој знае зошто некој е даруван како гениј, како Шекспир, Достоевски, Ван Гог и Микеланџело, а некој е пекарски гениј да меси убав леб или генијален готвач. Оти кај Бог ниеден талент не е потценет, како што го правиме ние тоа.
За скапоценоста на дарот или талентот за скромност, кој е денес особено редок, во Новиот завет говори и Христос слегнат од небото во проколнатото човештво како богочовек со задача да го обогочовечи одметнатиот од Бог човек. За него тој дар е оној скапоцен камен што го чува, крие, змијата под јазикот во бајките. Фигуративно речено. Така. Но Христос таа метафора, како и сите други, во своите параболи ја објаснува со конкретен пример, дешифрирајќи ја херметичката шифра. Во однос на метафората или симболизмот на скромноста тој тоа го прави едноставно со миењето на нозете на апостолите на Тајната вечера, по која сега следува патот кон Голгота. И, имено, на неа со тој акт тој им открива на апостолите една од најголемите тајни на неговата филозофија на љубовта, највисокиот степен или звук на петолинието на божјиот феномен со име скромност – понизноста, која за жал неупатени во божјите тајни, посебно надуените фарисејски интелектуалци, неа ја мешаат со понижението. А едното и другото се различни како север и југ. И повеќе. А поентата со миењето на нозете на апостолите е во тоа, драг читателу, да им даде на знаење ним Христос дека секој во светот, човештвото, треба да е слуга, да му служи на другиот, оти само така секој може да се воздигне до нивото на господар. Нешто што се остварува со чинот на понизноста како божествен чин и озарение на битието, а но со интелектуалната или слична ароганција и суета. И тоа е, според нас, драг читателу, можеби и најскапоцената поука што им ја дал Учителот на учениците, а преку нив и на човештвото, се разбира. Христос знаел дека тоа му недостасува нему, скромноста и понизноста не да се падне во понижение, како што мислат суетните, туку да се надмине тоа како духовно возвишение. Христос бара од апостолите да го следат примерот на врапчињата, кои се вистинско оличение на скромноста и презимуваат до пролетта само со една трошка, а за нив голема колку еден царски град. Во таа смисла тој и ги советува своите следбеници да не се лутат ако некој не им отвори врата и не им даде корка леб, туку рамнодушно, па и со љубов да ја истресат правта од сандалите пред неговиот праг. Во контекст на сето ова, пак, како слика и аналогија на скромноста и понизноста како нејзино отелотворение и озарение, може и не е случајно што првото чудо на Христос според еден зачуван пергамент откриен во поново време, а кој се чува во една германска библиотека, не е, како што се мисли, неговото претворање на водата во вино на свадбата во Кана, туку неговото оживување на врапчињата, дванаесет (префигурација на апостолите!), кога на прекорот на Јосиф дека работи на Сабат им рекол летнете и тие полетале. Што значи, драг читателу, и во склоп на нашата тема првото негово чудо е поврзано во детството интуитивно со неговите, како што викам јас, крилести апостоли на скромноста.
Фасцинантно. Оти и самиот Христос ја има скромноста на врапчињата, ако знаеме да читаме шифри. Оти, како што вели и Јасперс, сè во животот е шифра. А ние би додале, во таа смисла и божјите тајни се шифри на кои ние не им обраќаме сериозно внимание. Така е тоа и со шифрата скромност со онтолошки и мистичен квалитет, оти е тоа, ако подлабоко размислиме, едно и исто. А примерот за тоа, архетипален, драг читателу, пак е Христос, тој кој е космички младоженец и пастир, par excellence романтичарска фигура на поет, како што би рекол Оскар Вајлд, е истовремено како што знаеме од Новиот завет најсиромашниот и најранетиот човек во светот во кој дошол од небесата како Новиот Адам, Богочовек за да го обожестви човекот длабоко потонат во безбожништво. Тој најбогатиот како Божји син станал тоа и ја прифатил проколнатичката судбина на човекот, а со цел, каков што бил планот од горе, за негово спасение. Во таа смисла, слевајќи се со него, тој, како што стои во Новиот завет, наместо Божји, најчесто се нарекува Човечки син. Тоа е важно, драг читателу, и тоа е величествениот чин на понизноста како метафора, симбол и чин на скромноста, како божествено озарение што го дава тој, без разлика на тоа што сето тоа тој на крајот го плаќа со распетието на крстот како жртва за спасение на човекот и човештвото. А ние би рекле, што е поисправно, како саможртва, чинот со кој човекот израснува, кревајќи се над баналната егзистенција, во херој.
Тоа е тоа, драг читателу, космичкиот младоженец, најбогатиот и најнеранливиот по дефиниција, оти е член на Светото Тројство, да биде во својата мисија меѓу проколнатото човештво најсиромав и најранет. Да. Ама тоа е токму шифрата што треба да се одгатне. А неа ја одгатнува фасцинантно старозаветниот пророк (за мене и голем поет) Исаија, и тоа осум столетија пред да се роди Богомладенецот како Големата светлина во Витлеем. Тоа го видел пророкот во визија, како да поминал низ него целиот живот на Спасителот на Земјата меѓу луѓето, па него го раскажува фасцинантно иако се случи по столетија во минато време. Но она фасцинантно што го кажува тој за Христос што доаѓа е неверојатно како проширена метафора, екстремно значајна за човештвото, кое не ја разбра и ја преспа неа, па е такво какво што е. Имено, Исаија вели: Тој (Христос) стана сиромав за ние да бидеме богати. И потоа: Тој доби рани за ние да бидеме излекувани со нив. До бескрај фасцинантно. Во сето тоа, пак, за оние што читаат шифри се вглобени и Понизноста и Скромноста, со кои, како онтолошки и божествени универзалии, се остварува најблагородниот чин меѓу чиновите, чинот на саможртвата, која е далеку од интелектуалниот резон на суетата и ароганцијата. Од фарисејството во кое, пак да го цитираме Пастернак со кого го почнавме овој есеј, сè тоне. И, сега за сега толку на оваа тема, драг читателу. Продолжуваме идната среда. До неа, сè најубаво.
(продолжува)































