Што ни се виновни Турците што ние сме биле петстотини години под нивно ропство, иронизира во свој стил мојот кумашин Братислав Димитров, драматург и познат колумнист, во маалската дебата што ја водевме пред десетина години по повод изјава на тогашниот министер за информатичко општество – за виртуелното продолжување на петвековното турско ропство. Амбициозни (крвожедни) журналисти ја потфатија „несоодветната“ изјава и ја раширија темата до усвитеност. Потврда дека работата е сериозна и допре и во меѓународните односи е и изјавата на премиерот, кој оваа вербална несмасност ја прогласи за несоодветна и додаде: „Македонија со Турција има одлични пријателски односи. Турција е наш голем поддржувач, генерално и во меѓународните односи и во секаква смисла. Изјавата на министерот за информатичко општество и администрација е вадење од контекст, во смисла дека турските серии ќе бидат забранети. Никогаш не сме помислиле да забрануваме чии било серии и од која било држава да се тие“. И покрај целата оваа мешаница, која ги допре и меѓународните односи, едно е сигурно, полека созрева свеста за деликатноста и важноста на домашната продукција во медиумското живеење. Се отвори тема што во извесна смисла е во доменот на идентитетските прашања.
А што се однесува на меѓународните односи, едно мало потсетување. На 14 април 1969 година, со воведувањето на првата информативна емисија на турски јазик на ТВ Скопје, првпат во етерот (редовно) се емитуваа вестите на турски јазик. Некоја година подоцна, првпат токму на тогашната Македонска телевизија беше емитувана програма во боја на турски јазик. Така било тоа во минатото и можеби уште една од причините зошто македонското гледалиште ги сака турските серии, освен блискиот менталитет, традиција, навики.
Но, да се вратиме на темата. Турците воопшто не се виновни што во македонскиот етер, освен два-три чесни исклучока, долго време нема сопствена играна продукција. Одвреме-навреме ќе се појави понекое репризно емитување на наслови како „Волшебното самарче“, „Наши години“, „Итар Пејо“. Или култниот серијал во четири продолженија „Илинден“… колку да нѐ потсети за силата на домашната играна продукција. За снимањето на таа серија се носеа топови од Мостар, коњи и каскадери од Пула, костими од „Јадран филм“ од Загреб, кои се вткаени во клучните масовни сцени на пресметка со Турците во Илинденското востание, на Мечкин Камен, во Крушево, Битола. Ова се параметри што познавачите на филмската и телевизиска продукција знаат колку чинат, како и напорот и продукциската кондиција што се потребни за да се произведе. За волја на вистината, и тие филмски битки со Турците главно ги губевме…
Битката за домашна филмска продукција континуирано ја губиме дваесетина години. Најпрвин се мислеше дека е тоа дел од некаков процес на трансформација на големите (вистински) продуценти како „Вардар филм“, Македонската радио-телевизија, раситнување огромни средства на над стотина „продуценти“ во некакви докрај неразјаснети околности и конкурси, со резултати што ги знаеме, сите одат до границите на нашата татковина, на понекој фестивал, во придружба на агресивен пиар. Турците брзо го капираат потенцијалот на телевизиските серијали и пред некоја година се враќаат кај нас да ни покажат кој пат да го фатиме. Во Битола и во околината неколку години се снимаше ТВ-серијата „Збогум, Румелија“, која ангажира голем дел од македонските филмски работници. Еве, и во Скопје оваа пролет и лето се снима и доснимува турската серија „Балканска приспивна песна“. Им благодариме и за таквиот вид ропство.
Создавањето домашна продукција е прашање за кое не може да ни биде виновна Турција ниту, пак, кој било друг. Ако не се турските серии, ќе бидат некои други. Создавањето домашна продукција е наша домашна работа, наш проблем на кој треба што поскоро да се осврнеме, а не да обвинуваме некој друг за тоа. Проблемот е наш и е решлив. Еден дел од проблемот е дисконтинуитет на искусни оперативни кадри, кои намерно или ненамерно се исфрлени од строј. Но со активирање два-три сериозни продукциски зафати – голема играна серија, неколку детски играни образовни жанрови, квалитетен ентертејмент, документарна креативна програма – можна е и брза кадровска консолидација во од. Низ продукциските зафати ќе се активираат постари искусни кадри во содејство со млади и образовани профили. Оставањето на овие деликатни задачи на транзициските и рецесиските ветромети и на апетитите на бизнис-целите и медиумскиот волунтаризам е рискантно.
И за крај, информација, реакција и мислење од компетентен гледач, слушател, читател… Во светот има околу 250 милиони Турци. Некои од нив живеат во свои држави, иако не се словат како Турција. Почнувајќи од Азербејџан и така натаму. Постои и друга димензија во врска со 500-годишното турско ропство и изјавата на недокваканиот министер. Може да се нарече и оквалификува владеење на Османлиската Империја. Ако беше тоа ропство, ниту еден Македонец денес не ќе зборуваше македонски. Пример за тоа се некои азиски и африкански земји многу поголеми од Македонија, кои во многу пократок период беа асимилирани (се мисли на јазикот) од некои европски земји. Додека ваму за 550 години не се интервенирало ниту на јазикот ниту на црквата на македонскиот народ. Дали тоа било ропство, можеби ќе видиме и муабетиме по гледањето на некои епизоди од турската „Балканска приспивна песна“, која ова лето и есен се снимаше и доснимува во Ушкуп – Скопје.
Автор: Аљоша Симјановски