Што (не) сработи Собранието годинава

Повеќето параметри и истражувања покажуваат дека годинава законодавниот дом сериозно потфрлил во своето работење и дека не ја оправдал довербата што му ја дале граѓаните. Затоа што Собранието, наместо на народно собрание, многу често наликува на собрание на политички акционери, на кои им е важен само нивниот теснопартиски интерес, занемарувајќи ги целосно волјата и интересите на граѓаните

Пред истекот на годината секој сака да се гордее и да се пофали со постигнатите резултати, а Собранието, кое треба да биде претставник на волјата на граѓаните како вистинско народно собрание и оваа година тешко ќе најде со што да се гордее и пофали.
Повеќето параметри и истражувања покажуваат дека законодавниот дом сериозно потфрлил во своето работење и дека не ја оправдал довербата што му ја дале граѓаните. Ако 2020 и 2021 година беа години со полн пандемиски интензитет, оваа 2022 година беше на некој начин епидемиски постабилна и пратениците можеа сериозно да се посветат на работите што ги запоставија изминатите години, а тоа е да работат во интерес на граѓаните и да направат од државата попристојно место за живеење.
Но наместо тоа, повторно јалови говори, меѓупартиски надмудрувања, кавги, дофрлања, своеволно толкување на Деловникот, па дури и на Уставот, носење закони по скратена постапка, закони со европско знаменце, кои немаат врска со евроинтеграциите, буквално еден јавашлак поради кој пред секоја собраниска седница што се пренесуваше на телевизија требаше да стои предупредување дека следуваат програми што не се препорачуваат за лица со слабо срце, слаби нерви и чувствителен желудник.
Имаше некаков обид пред некоја година преку дијалогот „Жан Моне“ да се подигне парламентарното ниво на дебата барем до некаков европски просек, но како и за сите проекти во оваа земја, парите мистериозно ќе исчезнат, а ефекти нема. Слично како и во правосудството. Не залудно евроамбасадорот Дејвид Гир се лутеше зошто се потрошени милиони евра за реформи во правосудството, а довербата во правосудната власт падна и под четири отсто. Така е и со дијалогот „Жан Моне“. Парламентарците се испрошетаа низ Европа на државен трошок, но очигледно ништо не научија од тие европски парламентарни искуства.

Дури и некој нешто да научил, тоа секако не може да се примени во Македонија бидејќи кај нас веројатно единствен „вистински Жан Моне“ е партискиот лидер. Тој пали, тој гаси. Ако каже овој закон ќе се поддржи, тогаш пратениците по автоматизам гласаат за тој закон. Дури не го ни прочитале. Како никој да не сака да мисли со своја глава, а уште помалку да го слуша гласот на оние што му го дале мандатот, поточно на граѓаните. Всушност тие повеќе и не треба да се нарекуваат народни избраници, туку лидерски миленици. А Собранието, наместо на народно собрание, на моменти наликува на собрание на политички акционери, на кои им е важен само нивниот теснопартиски интерес
Дотаму е отидена таа слепа послушност кон партијата и лидерот.
А во Европа не е воопшто така, особено не во старите развиени демократии. Таму пратеникот ги ужива највисокиот углед и почит бидејќи добил мандат од граѓаните, за разлика од партискиот лидер или министер, на пример, кој е само политички назначен на таа функција и зад него не стои граѓанска волја. Токму така, пратениците треба да ја имаат сета сила во оваа држава бидејќи се избраници и претставници на народот, но, за жал, толку се партиски инструирани, што веднаш по нивното именување во Собранието ја прекинуваат врската со истиот тој народ. Тоа е она што е трагично.
И кога работите се така поставени, тогаш апсурдно е да очекуваме дека Собранието на крајот на оваа година ќе може со нешто да се гордее и пофали. А можеби и може. Веројатно со зголемени дневници за пратениците, збогатено мени во собраниското бифе по багателни цени и со уште некој нов мобилен телефон или лаптоп.
Понекогаш меѓу граѓаните може да се слушне и една интересна и помалку иронична забелешка дека единствено нешто интересно и поучно што можеа да го погледнат на собранискиот канал изминатава година се паузите меѓу седниците, со понекој документарец од некоја зафрлена пештера и спелеолозите што талкаат низ темните и студени пештерски ходници барајќи го излезот. Можеби овие документарци и не се случајно одбрани и имаат некакво симболично значење. Зашто практично сите ние веќе три децении талкаме низ разни патешествија барајќи го излезот од неизвесноста, темнината и сиромаштијата.

Е, тоа е нашата реалност, наместо парламентарен дијалог на повисоко ниво, добиваме размена на навреди својствени на кавга пред локален гранап, наместо пратенички прашања, ни се сервира реално шоу од кое човек не знае дали да се смее или да плаче. Да не ги споменуваме откажаните седници поради немање кворум бидејќи собраниското мнозинство секогаш е на граница. А во заднина продолжува сагата имаме – немате мнозинство во обете насоки, власт – опозиција.
Кога сме веќе и кај власта и кај опозицијата, нивна задача е да бидат конструктивни и да работат во интерес на граѓаните, кои ќе знаат да го препознаат тоа. Никој не сака намерни опструкции и партиски калкулации, туку демонстрација на заедништво. Можеби гласањето за Резолуцијата за македонските црвените линии во однос на Бугарија, како и законските измени за имињата под кои можат да бидат регистрирани здруженија на граѓани во земјава, донекаде само покажа каква моќ има Собранието кога е сплотено и единствено. Но сето тоа беше на краток рок, оти веќе следниот ден поделбите продолжија уште повеќе.
А токму нефукционално и неефикасно Собрание е погодно за секаков вид евтина пропаганда, почнувајќи најпрво од партиската на која секојдневно сведочиме, завршувајќи со меѓународната пропаганда, која е многу поопасна и испраќа сериозна порака до македонските граѓани.
Иако обраќањата на странските државници во некое Собрание речиси без исклучок имаат церемонијален карактер, кај нас најчесто овие обраќањата се политички и ултимативни. Или ќе го направите ова или нема во Европа. Такви пораки упатуваа странските гости што годинава продефилираа на собраниската говорница, што е само уште еден показател за девалвирачкиот однос и кон Собранието и кон пратениците.
Зашто таквиот нивен однос е практично отворен притисок врз народните избраници, кои наместо да станат и да се побунат поради таквиот однос, тие аплаудираат, небаре Македонија станала членка на ЕУ.

И претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, и германскиот претседател Штајнмајер ја искористија собраниската говорница да им порачаат на пратениците дека мора да се смени Уставот за да се внесат Бугарите во преамбулата. Замислете дали македонскиот претседател Стево Пендаровски ќе добиеше френетичен аплауз и стоечки овации ако во германскиот Бундестаг отворено порачаше дека Германија мора да го промени Уставот и да ги вклучи и Турците во него. Или можеби во бугарското собрание некој од овие странски политичари да се обратеше и да побараше, ултимативно, да се почитуваат 17-те пресуди на Судот од Стразбур и да им се признаат правата на Македонците во Бугарија
Но да се разбереме, не се виновни ниту Штајнмајер, ниту пак Фон дер Лејен, бидејќи, народски кажано, „нашле село без кучиња, па ќе прават што сакаат“. Еве, како што се најавува, напролет можеби пред собраниската говорница ќе се појават и францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц, исто така да ги убедуваат пратениците за важноста на уставните измени. Како што тргнала работата, тогаш да ги замениме и пратениците со странци, па можеби ќе ни тргне.
Шегата на страна. Пратениците не смеат да потпаѓаат под ничие влијание и секогаш кога ќе почувствуваат притисок, дури и кога тој доаѓа од претставници од најголемите и најмоќни земји во светот, треба отворено и аргументирано да дебатираат, а не само да аплаудираат. Собранието е домот каде што треба да се слуша гласот на народот, а не некој друг да кажува што треба да правиме. Пратениците се избрани од народот и треба да ја слушаат народната волја, да почнат да мислат со своја глава и така полека да почне да му се враќа угледот на законодавниот дом. Кога еднаш пратениците ќе почнат да го слушаат гласот на народот, тогаш можеби Македонија ќе се врати кон вистинска парламентарна демократија, наместо сегашната партиска автократија. Тогаш и Собранието ќе има со што реално да се пофали на крајот на календарската година.