Фото: Игор Бансколиев

Французинот му го зеде приматот на Норвежанецот Холанд. Сега на листата на „Трансфермаркт“ има вкупно девет фудбалери со вредност од најмалку 100 милиони евра

СПОРЕД „ТРАНСФЕРМАРКТ“

Специјализираната интернет-страница за трансфери „Трансфермаркт“ ги ажурираше вредностите на 53 фудбалери, по неодамна завршеното Светско првенство (СП) во Катар, каде што титулата ја освои репрезентацијата на Аргентина, предводена од Лионел Меси.
Французинот Килијан Мбапе (со 160 милиони евра) беше највредниот играч во поголемиот дел од 2022 година, но Ерлинг Холанд потоа во почетокот на ноември ја презеде водечката позиција со игрите и со головите што ги прикажа во англискиот премиерлигаш Манчестер сити (170 милиони евра).
Но Норвежанецот не настапи на Светското првенство, а Мбапе одигра одлично, ја доби „златната копачка“ откако беше најефикасен на Мундијалот, со осум гола на седум натпревари и со тоа многу придонесе за освојување на сребрениот медал на Франција. Неговата вредност сега порасна за 20 милиони евра и пак е највредниот фудбалер во светот, пишува „Трансфермаркт“.
Букајо Сака, член на лидерот во англиската Премиер-лига, Арсенал, одигра одлично на Светското првенство, по што вредноста на крилниот напаѓач сега е 100 милиони евра и е само еден од деветте фудбалери со вредност од 100 милиони евра или повеќе, пишува „Трансфермаркт“.
Аргентинецот Енцо Фернандез од Бенфика, исто така, одлично напредуваше. Неговата вредност, како и на Мбапе, се зголеми за 20 милиони и сега изнесува 55 милиони евра. Веднаш зад нив е Аргентинецот Хулијан Алварез (Манчестер сити), со вредност зголемена за 18 милиони и сега изнесува 50 милиони евра, додека вредностите на Јошко Гвардиол, Коди Гакпо и на Софијан Амрабат пораснаа за по 15 милиони, а хрватскиот фудбалер Гвардиол (75 милиони евра) и Португалецот Рубен Диас моментно се највредните дефанзивци во светот, според „Трансфермаркт“. Г.И.


НАЈВРЕДНИ ФУДБАЛЕРИ

ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ВРЕДНОСТ
Килијан Мбапе 180
Ерлинг Холанд 170
Винусиус Жуниор 120
Џуд Белингем 110
Фил Фоден 110
Букајо Сака 100
Педри 100
Џамал Мусиала 100
Федерико Валверде 100
сумите се во милиони евра
Извор: Трансфермаркт