Од творештвото на писателот за деца и млади Киро Донев

Можеби сте знаеле, а можеби и не. Но, што ќе ви кажам сега – вистина е сѐ!
Пред големите празници, децата понекогаш и будни сонуваат. И во тие соништа, обично што си сакаат сонуваат. Но, јас сум човек во години, што се вели, и такви соништа не би сонувал, нели?
Но, додека е жив човекот учи. Еве мене што ми се случи…
Што и да прави, каде и да оди Дедо Мраз, сфатив, свој ДНЕВНИК си води! И тоа педантно, искрено и вешто и од него може да се дознае сешто!
Сигурно ќе се прашате од каде тоа го знам!
Па… го видов лично, со свои очи – сам!
За да не помислите дека ве лажам, кога веќе почнав – ајде да ви кажам…
Сношти на полноќ, во никоја доба, Дедо Мраз влета во мојата соба.
– Заскитав – ми рече – низ вашиов крај… Видов овде светло, па свратив на чај…
Се напивме чај, вечеравме чорба и тој покажа на својата торба:
– Во торбава до скоро имаше сешто… Ајде види дали останало нешто… Знам, не си дете, но таков си е редот – секому по нешто му остава дедо… Што остана внатре, ни јас не знам што е. Но што ќе си „фатиш“ нека биде твое!
Срамежливо, полека раката ја пикнав, а кога ја извадив – радосно викнав:
– Личи на книга, ама книга не е! Ај кажи ми, дедо – ова што ли ќе е?
Дедо Мраз се сепна, ама сепак рече:
– Ова ќе е твое само една вечер… Тоа е дневник што јас си го водам, ќе го вратиш утре, пред да си одам… Можеш да го читаш, нема што да кријам… Многу сум уморен, ќе легнам да спијам…
Да заспие причекав, не сакав да итам. До зори имав време – цел да го прочитам…
Тој тефтер – дневник, истуткан како „баница“, беше исполнет сиот до последна страница. Нешто беше потцртано, нешто малку избришано, ама еве што последно беше напишано…

Казна

„За оваа Нова година –
нема подарок за Влатко!
Причина: бегал од школо
и скршил три тегли
слатко!“

Награда

„На третоодделенецот
Томче,
вредно и умно момче,
другарите што ги смета
за браќа,
му подарив таква јадица –
без мамец риби што фаќа“!
Цар на дар
„Еден Диме, кој речиси
за сѐ има природен дар –
од мене, за чудо побара –
да сум го направел – ЦАР!
– Зошто? – го прашав. – Не те сфаќам?
– Како цар – ми вели – царина не ќе плаќам!“
И ете, во дневникот сѐ беше навезено во таков стил и тон. Па, сега, кога се прашувам, ни самиот не знам дали е тоа вистина или само новогодишен сон?!


Новогодишна слика

Декември е. Последна сабота.
Филип е дома. Денес не учи.
И мама сега не оди на работа –
нешто важно треба да се случи…

Небото непрестано снегулки снежи.
Белобрад старец по улица оди…
На грб носи вреќа – многу му тежи,
а Филип со мама – разговор води…

– Го гледаш ли, мамо, оној чуден дедо?
Ене, глеј – по улица што мине…
– Дедо Мраз е тоа, зар не знаеш чедо?
Ај мавни му рака – поздрави го, сине!

– На грб, гледам, носи голема вреќа.
Со што ли е полна, му тежи нешто?!
– Подароци се тоа, радост и среќа –
за секого носи, се наоѓа сешто!