Е, во времето на Протуѓер се воспостави пракса на употреба на анкетите за влијание врз јавното мислење. Се воспостави пракса на контраанкети, кои требаше да ги поништат можните влијанија од претходно објавена анкета. Тие контраанкети генерално беа измислени и за тоа не се употребуваа легитимни агенции, туку во основа непостојните институти „Павел Шатев“ и „Димитрија Чуповски“
На 7 октомври, во ден кога се празнуваат Шемини ацерет и Симхат Тора, Израел е погоден од терористичкиот напад од Хамас, исламска фундаменталистичка организација од Газа, окупирана Палестина, во која настрадаа стотици луѓе. Терористички чин за најостра осуда, кој меѓу другото ќе им нанесе голема штета на Палестина и палестинскиот народ. Но на ова тема, која ќе трае, во следната пригода.
Сега за дневнополитичка тема, поточно скандал што ќе трае неколку дена и ќе се заборави поради нов скандал на власта. Деновиве во неделникот и портал „Фокус“ се објави анкета спроведена од „Стратум РД“, во која СДСМ е водечка партија, a Димитар Ковачевски е најомилен политичар во Македонија. Анкетата предизвика потсмев во јавноста, и во општата и во стручната, бидејќи презентираното е спротивно од сите објавени анкети изминатата година (во која води ВМРО-ДПМНЕ) и повеќе личеше на лош пиар-текст на СДСМ отколку на анкета. И, да, повеќе аспекти укажуваат на непостојна анкета, која е направена во СДСМ и ДУИ и подметната за објавување. Анкетата на „Фокус“ и „Стратум РД“ е речиси истовремено објавена со таа на „Маркет вижн“, што е практично невозможно. Според објавата, анкетата е направена за неколку дена на 1.200 испитаници, што практично е тешко изводливо, бидејќи тоа би барало тим од десетици анкетари, а би биле доведени во прашање квалитетот и контролата на квалитетот. И, да, во презентацијата на анкетата има збирови на проценти над 100, што укажува на недостиг од контрола на квалитетот и значајни грешки. Видливи се манипулации со прашањата, на пример, за најомилен политичар, наместо политичар со највисока доверба. Тоа се прави за да се одбранат резултатите и зошто се разликуваат од другите анкети, каде што прашањето е поинаку формулирано.
Дека анкетата е од СДСМ и ДУИ, најмногу укажува прашањето за рејтинг на политичките партии каде што има ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски! Ете, мора да се подели ВМРО-ДПМНЕ по половина за СДСМ биде водечка партија. Тоа директно укажува на СДСМ и ДУИ, поточно на ДУИ и нивниот план за расцеп во ВМРО-ДПМНЕ, како очаен начин за останување во власта, барем на ДУИ. За тоа пишував пред две недели. Во најцрните денови на институтите „Павел Шатев“ и „Димитрија Чуповски“, тие не би направиле анкета за партиски рејтинг со СДСМ на Димитар Ковачевски и СДСМ на Зоран Заев.
Не постои ВМРО-ДПМНЕ на една личност, која и да била таа личност. Има само едно и единствено ВМРО-ДПМНЕ. Ако не верувате прашајте го Љубчо Георгиевски, првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Зашто СДСМ протуѓеризација? Сето ова ме потсети како Мартин Протуѓер, некогашен пиар-стратег, ги водеше анкетите и градењето перцепции. Во тоа време ВМРО-ДПМНЕ постојано правеше анкети со две водечки агенции за истражување на јавното мислење, а за избори знаеше да користи и трета и четврта агенција, вклучувајќи агенција блиска на СДСМ. Овие анкети генерално не беа објавувани или, пак, беа ретко објавувани, ако кога се објавуваа беа кредибилни и со точни прогнози на изборните резултати. ВМРО-ДПМНЕ овие анкети ги употребуваше за политиките и кадровските одлуки, цел за што генерално во светот се употребуваат анкетите. Ако Си-ен-ен објави анкета во која води Трамп, таа е за можно влијание на одлуката на Демократската партија за својот кандидат. Анкетите не се објавуваат за влијание на јавноста, зошто според теоријата тие имаат многу мало влијание на ставовите на граѓаните и јавноста.
Е, во времето на Протуѓер, се воспостави пракса на употреба на анкетите за влијание врз јавното мислење. Се воспостави пракса на контраанкети, кои требаше да ги поништат можните влијанија од претходно објавена анкета. Тие контраанкети генерално беа измислени и за тоа не се употребуваа легитимни агенции, туку во основа непостојните институти „Павел Шатев“ и „Димитрија Чуповски“. Дури имаше и пракса „Павел Шатев“ да ги подобрува резултатите на ВМРО-ДПМНЕ за 5-10 процентни поени, а „Димитрија Чуповски“ за 10-20 процентни поени. Се мислев овој напис да го насловам СДСМ павелшатевизација, но не сакав понатаму да го сквернавам името на Павел Шатев. Да, употреба на имињата на Павел Шатев и Димитрија Чуповски за објавување лажни анкети е срамна непочит и сквернавење на нивниот лик и дело!
Но тука не завршува СДСМ протуѓеризација. За лажни анкети требаат и лажни медиуми, но и кршење на кредибилните медиуми. СДСМ веќе ја има својата Курир-група. „Курир“ стана познат по објавување лажни вести и лажни анкети, и ден-денес има предизвик да изгради кредибилитет. Сега за СДСМ тоа е групата „Фронтлајн“. На пример, таму ќе се објави дека јас на ТВ Алфа сум тврдел дека анкетата на „Фокус“ и „Стратум РД“ е кредибилна бидејќи сум изјавил дека Весна Кузмановиќ, директорка на „Стратум РД“ е една од водечките личности во истражувачкиот сектор во Македонија. Да, Весна Кузмановиќ е поранешна долгогодишна директорка на ГФК, веројатно водечка фирма во истражувачкиот сектор во земјата и особено во пазарните истражувања, основачка на неколку фирми, иноваторка итн. Тоа што мислам дека Весна Кузмановиќ е водечки професионалец не ја прави анкетата кредибилна. Напротив, анкетата го нарушува имиџот за професионалност, не само нејзин и на „Стратум РД“ туку и на целиот истражувачки сектор. Затоа Весна Кузмановиќ им должи објаснување на еснафот и на јавноста!
Честит 11 Октомври – Денот на востанието!
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични Блог www.megjutoa.mk @sklek