Последните два примера на културна соработка меѓу Македонија и Бугарија, настапот на софискиот театар „Иван Вазов“ на затворањето на меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ и изложбата на златните маски од Требениште во Софија, како и редица промоции и настани во Македонскиот културен центар во главниот бугарски град, се најдобриот показател како односите меѓу два соседни народа и земји треба да се негуваат и да се поттикнуваат со работи што резултираат со добрососедство, општествен и регионален просперитет, мир и благосостојба

Примерите на македонско-бугарска соработка како повод

Прифаќањето на потребата од нови уставни измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот устав како услов за продолжување на евроинтеграциите на Македонија создаде длабока општествена фрустрација и чувство на подреденост, што за граѓаните сега е едноставно неприфатливо имајќи го претходно горко искуство со Преспанската спогодба.
Токму затоа отпорот кон наметнатите уставни измени е толку голем, така што во овој момент е речиси невозможно да се пристапи кон промена на Уставот онака како што се наметнува и сето тоа да биде широко прифатено, да има вистински ефект на зближување и да биде одржливо на долг рок.
А вистинските одржливи решенија се оние што не создаваат фрустрации и чувство на победници и поразени, кои не се наметнати под некаков притисок, ете, за почеток стриктно почитување на меѓународното право и во него регулираните меѓународни односи, а потоа и развивање на истите тие на едно многу повисоко ниво на квалитетна меѓусебна соработка.
Последните два примера на културна соработка меѓу Македонија и Бугарија, настапот на софискиот театар „Иван Вазов“ на затворањето на меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ и изложбата на златните маски од Требениште во Софија, како и редица промоции и настани во Македонскиот културен центар во главниот бугарски град, се најдобриот показател како односите меѓу двете земји треба да се негуваат, необременети со прашања што раздвојуваат, туку со работи што ги поврзуваат двата народа и двете општества.

Она што е повеќе од јасно е дека без оглед колку и да се стеснуваат роковите, уставните измени во овој чувствителен момент во кој се најдоа македонско-бугарските односи треба да бидат ставени настрана и двете земји да преземат чекори за градење вистинска пријателска атмосфера, која во иднина ќе создаде амбиент во кој ќе може отворено да се разговара и за прашања за кои сега постојат непремостливи разлики.
Повеќе од јасно е дека со прифаќањето на „францускиот предлог“ и на преговарачката рамка, но и претходно со Договорот за пријателство и соработка, Македонија де факто и де јуре презела одредени обврски што обврзуваат да бидат спроведени. Но доколку при преземањето на обврската и не сме биле свесни за последиците што се косат со меѓународните норми, при што последиците имаат штетно дејство за нацијата и граѓаните, и токму во оваа насока се одвива и менаџира текот на работите од страна на надворешни фактори, тогаш „склучените договори немаат добра волја“, туку напротив! И странски објективни интелектуалци велат дека „Македонците не треба да живеат во заблуда и лажна надеж“!
Затоа, во овој момент е клучно двете страни да се придржуваат на општите и универзални принципи на уважување, цивилизирана комуникација, а формите на соработката да ги исполнуваат со искрена и добра намера, без никакви притисоци или временски рамки и врз база на реципроцитет и меѓусебно уважување.
Познавачите на околностите во делот на меѓународното право и надворешната политика и дипломатија се на ставот дека отворените прашања меѓу две држави секогаш се решаваат така што прво мора да се изгради атмосфера на меѓусебна доверба, па потоа од некоја подоцнежна временска дистанца да се отвораат прашањата што се проблематични.
– Македонија и Бугарија се први соседи и блиски народи. Бугарија прва ја призна независноста на државата, помагаше во годините кога земјава беше изложена на грчкото ембарго, но, за жал, наместо оваа соработка да се продлабочува и двата народа уште повеќе да се приближуваат, се вратија некои сеништа од минатото, кои ги доведоа македонско-бугарските односи до најниското можно ниво. Тука вината лежи најмногу кај политичарите од двете страни, македонските, кои настапија мошне еуфорично, очекувајќи прекуноќ да се решат некои прашања што не се решени повеќе од 70 години, и бугарските, кои видоа шанса да реализираат некои анахрони политики. Ефектот го гледаме сега, Македонија е со блокиран преговарачки процес, под ултиматум да ги направи уставните измени, што, од друга страна, уште повеќе ги разгорува политичките поделби внатре во земјава и го зголемува антагонизмот кон Бугарија. Во ваква зовриена атмосфера не треба да се носат наметнати одлуки оти тие ќе имаат контраефект, особено врз понатамошните македонско-бугарски релации – посочуваат соговорниците.
Според нив, треба да се следи пулсот на народот, кој во никој случај не се противи и Бугарите да бидат дел од македонскиот устав, но тоа не треба да биде чин на условување, туку одлука на една суверена држава.

– Она што е факт е дека Македонците не се против внесувањето на Бугарите во Уставот. Тие се против условувањето да го направат тоа ако сакаат да преговараат со ЕУ. Тоа се доживува како уцена. Затоа во овој момент подобро е овој процес да се тргне настрана, малку да се оладат главите, земјава да се посвети на реформите дома, а со Бугарија повторно да почне да гради односи на доверба. Такви односи се градат кога граѓаните од двете земји почесто ќе се среќаваат. За да се случи такво нешто, треба да се изгради инфраструктура. Патот кон граничниот премин Деве Баир не наликува на пат што треба да поврзува две држави, туку повеќе на локален пат. Треба да се изгради автопатска делница, конечно да се доврши пругата, да профункционира граничниот премин Клепало, но и да се отворат и други премини, луѓето да се движат слободно, да одат на зимување, на летување, на панаѓури како порано. Треба да се засили и соработката во делот на образованието, во културата, во спортот, во здравството, особено во економијата, за да можат двете земји да воспостават посилни економски врски. Сите овие работи ги има и во Договорот за добрососедство и пријателство. Тие се клучните работи, а не историјата или идентитетските дилеми. Во меѓувреме, остриот и навредлив речник треба да се замени со рационална реторика. Така ќе почне да се создава атмосфера на доверба, која е клучна во некој момент и во Македонија да се случат уставни измени, без тоа да предизвикува вакви општествено-политички турбуленции – истакнуваат соговорниците.
Нивно мислење е дека со таквиот пристап ќе се овозможи решение што ќе биде одржливо на долг рок и ќе придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји.
– Клучно е секое решение да буде одржливо на подолг рок. Ако Македонија и Бугарија претходно создадат атмосфера на пријателство и доверба, тогаш ќе можат да разговараат за сè друго и да најдат решенија. Последните примери на културна соработка се показател во која насока треба да се преземаат идните чекори – заклучуваат соговорниците.