СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – иронија на македонската историја

Да ми кажуваше некој на почетокот од деведесеттите години дека ќе се случува ова, ќе го сметав за политички недоволно упатен, за провокатор или фантазер

Македонската политичка сцена доби уште една поделба. СДСМ и ДУИ го формираат таканаречениот модерен европски фронт. ВМРО–ДПМНЕ ги добива црните епитети на антиевропска партија. На сите им е познато дека повод за поделбата на два табора се различните позиции околу уставните измени. Поточно околу предлогот за запишување на Бугарите во македонскиот устав. СДСМ и ДУИ се за, ВМРО–ДПМНЕ е против.
Преведено попросто, кажано народски: СДСМ е пробугарска партија, ВМРО–ДПМНЕ антибугарска. Епилог сосема нелогичен, контрадикторен на минатото, на сеќавањето и традицијата на Македонците, гледано сто години наназад. О, времиња, о, чудесија. О, иронија на македонската историја. О, превртена пирамидо на политичкото живеење на ова мало парче земја.
Да ми кажуваше некој на почетокот од деведесеттите години дека ќе се случува ова, ќе го сметав за политички недоволно упатен, за провокатор или фантазер. Да не ја спомнуваме Внатрешната организација, која повеќе од еден век си ги влече ресите, колку на македонизмот, толку на бугарскиот национализам. ВМРО со додавката ДПМНЕ уште од најавата за основање, односно реобнова, го наметна ореолот на бугарштината во Македонија. Нејзиниот челник, тогаш младиот Љупчо Георгиевски, првиот јавен необугарин во независна Македонија, самиот призна дека поголем дел од неговото раководство било со бугарско самочувство. Постоеја сериозни и видливи знаци дека влече на таа источна страна.
Претседателот Киро Глигоров беше човекот што јасно стави до знаење дека Бугарите нема што да бараат во независна Македонија. Не случајно повторуваше дека националниот идентитет на Македонците е бетон. Однесе со себе редица тајни за илегални дејствувања на странски, главно српски, бугарски и грчки агентури и домашни соработници, кои се обидуваа да ја разнебитат стекнатата млада државност. Да искористат во матно, да го вратат назад тркалото на историјата. Глигоров беше мозокот на тој отпор, а СДСМ со Бранко Црвенковски владината оператива да не дојде до можниот национален слом во бугарска корист. А ќе дојдеше, имаше денови што висеа на конец.
Сега имаме нова слика на теренот. Чудна, но реална. СДСМ е далеку, многу далеку, од своите изворни принципи и програми, од идеите на основачите и нивните поддржувачи. Уште подалеку е од нивните претходници, од нивните политички предци, кои во мнозинство беа комунисти учесници во ослободувањето на Македонија од фашистичка Бугарија во Втората светска војна. СДСМ како наследник на Комунистичката партија сега како да признава историска грешка на претходните генерации покајувајќи се и поклонувајќи се пред бугарските интереси за Македонија.
И ВМРО–ДПМНЕ е превртена наопаку, минувајќи низ неколку идејни, политички, криминогени и лидерски трансформации. Од чисто провмровска партија калемена на бугаризмот се претвори во заштитничка на македонизмот. Од партија формирана со западна помош, од најотворен и жесток противник на југословенството, на комунизмот и на српските влијанија во Македонија, сега, дури и од своите, ги доживува обвинувањата дека во неа мешаат прсти Русија и Србија и други комунистички рестлови.
Погорекажаното не мора да значи дека е точно, но залагањата да не влезат Бугарите во Уставот ја обележуваат партијата со жолта антиевропска лента.
Токму поради политичката трансформација, поради укажувањето на опасностите од бугаризација на Македонија, ВМРО–ДПМНЕ сега е на раб на преживување. Иако анкетите покажуваат дека мнозинството Македонци се на нејзина страна, партијата е сама наспроти организираниот богат таканаречен (про)европски мултинационален фронт. Специјалната операција за пораз на нејзината политика се води на разни начини, со многу средства и масовно вклучени материјални и човечки ресурси.
Партиското лавче живее со сликата дека се наоѓа во улога на жаба што полека – полека ја голта лута змија. Или на кучка на која ѝ ја сечат, дел по дел, долгата опашка. Или ја кратат долгата рака на Партијата. Да не боли еднаш, да боли повеќепати.
Самата партија, особено нејзините пратеници ќе немаат ниту правда ниту мир. Ќе сонуваат пеколни европски и американски соништа. Секој од таму, вклучувајќи и најневажни административци, ќе може да плука и мокри над нивните глави, без да помисли дека зад нив стојат над 300 илјади гласачи, 300 илјади Македонци, изразено во национални бројки.
Претседатели, премиери, комесари, амбасадори, заменици на замениците и помошници на помошниците, без срам и перде преку адресата на ВМРО-ДПМНЕ ќе му се закануваат и ќе го понижуваат македонскиот народ. Ќе го плашат и ќе го натераат во ќош, ќе го донесат до ѕид, да крене раце од сѐ, вклучувајќи ги идентитетот, јазикот, писмото. Власта ќе повикува и ќе плаќа дебело разноразни лобисти и политички пробисвети, кои ќе доаѓаат овде кај нас да го заплашуваат македонскиот народ во сопствената земја, да го третираат како заостанато, глупаво племе што страда од своето незнаење. Ќе повикува и ќе плаќа зашто нема сенатор или поранешен висок американски и европски политичар што не ги наплаќа своите посети и нарачани изјави. (Сетете се на Тони Блер, на Клинтонови и други што своите говори ги наплаќаат во милионски суми.) Ништо денес во светот нема без пари. Ќе трае тој политички пир до денот додека не се донесат уставните амандмани, додека не се смени преамбулата.
Уште сега е јасно дека актуелната власт е решена да го освои Собранието со двотретинско мнозинство по секоја цена. Таа операција што ја води сега СДСМ е тренирана и еднаш изведена при промената на Уставот за промена на името. Можеби потешко, но и овој пат би завршила со победа на власта. Горчлива, ама победа си е победа. Нанапред со благо, со кроце, потоа со малку ќотек. Најнапред со заобиколување на надлежните институции, потоа со своеволно толкување или кршење на двосмислените закони и деловници, а при крајот со сѐ што може да се употреби. Тој процес е веќе одобрен и почнат и нема глас што ќе повика да запре.
Освен власта и нашите западни партнери, ова лето и оваа есен во Македонија ќе победува сиромаштијата. Порази ќе доживуваат разочараните граѓани. Оние што се на чело на проевропскиот фронт се новопечени „тендер-милионери“ и префригани мангупи. Никој од нив не влегува во продавница за да знае колку пари се лебот, кило месо, литар масло. За колку проценти е поскапен животот, за колку проценти е зголемена сиромаштијата. Тие прашања не се важни за нив. Важно е што бугарското прашање ќе ја окупира Македонија во наредните седум-осум месеци, а тие ќе ја глумат улогата на праведници или предавници, наизменично и во своја лична корист.