Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ

  • Македонија ја доби довербата да биде домаќин на едно од најзначајните младински ракометни натпреварувања во Европа. Во април Македонија беше одредена за домаќини и на СП 2027 за ракометари до 21 година

Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство (ЕП) во 2028 година во ракомет за мажи во возрасната категорија до 18 години. Ракометната федерација на Македонија (РФМ) вчера и официјално ја информира јавноста дека Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја потврди кандидатурата на Македонија за организација на ова ЕП 2028.

Одлуката беше донесена од Извршниот комитет на ЕХФ на состанокот одржан на 13 јуни годинава, а со тоа Македонија ја доби довербата да биде домаќин на едно од најзначајните младински ракометни натпреварувања во Европа.

Натпреварувањето ќе се одржи во периодот од 2 до 13 август 2028 година, а ќе претставува можност нашата држава уште еднаш да ги потврди својата организациска подготвеност и посветеност кон развојот на ракометот. Доделувањето на организацијата од Европската ракометна федерација на Европското првенство во 2028 година е уште едно значајно признание за македонскиот ракомет и потврда за континуираната работа на РФМ во развојот и промоцијата на спортот на меѓународно ниво, информираат од Ракометната федерација на Македонија.

Македонија и градот Скопје исто така ќе бидат домаќини на уште едно големо светско ракометно натпреварување, откако на РФМ во април ѝ беше доверена и организацијата на Светското првенство (СП) за ракометари до 21 година, кое е закажано за периодот од 23 јуни до 4 јули 2027 година.
– На ова престижно натпреварување ќе настапат најдобрите млади ракометари до 21 година од целиот свет, а Македонија и градот Скопје повторно ќе бидат во фокусот на светската ракометна сцена. Ракометната федерација на Македонија продолжува посветено да работи на развојот и популаризацијата на ракометот, како и на промоцијата на Македонија како домаќин на големи меѓународни спортски настани. Воедно, изразуваме и благодарност до Светската ракометна федерација за укажаната доверба и можноста Македонија повторно да биде организатор на едно вакво значајно светско натпреварување – велат од РФМ. Г.И.